Премногу достапна реалност и премногу вистина се две од објаснувањата на колумнистот на Блумберг, Тајлер Ковен, околу проблемите на либералниот светски поредок.
„Лажните вести, сепак, долго време се со нас, без разлика дали тоа било во форма на претерано оптимистички извештаи од Виетнамската војна или извештаи за смртта на Пол Меккартни. И тоа е без да ги вклучуваме недоволно или воопшто неспоменатите вести што знаеме дека биле вистина, како љубовниците на Кенеди, корупцијата на Линдон Џонсон или деменцијата на Реган,“ пишува Ковен.
Разликата е што тогаш не постоела опцијата да го гуглаш точниот одговор, меѓутоа културата која според Ковен тогаш преовладува во САД на народот му дава перспектива и серија на „обединувачки национални митови, па иако Америка никогаш не била вистински земјата на слободните и домот на храбрите, многу помага што луѓето верувале дека таа била таква.“
„Фаст-форвард на денешницата. Веројатно најголемата промена во животот на Американецот е драматичниот пад на цената и нелагодностите за стигање до информација. За речиси секоја тема, можно е да добиеш пристап до речиси секое можно гледиште, обично со нула трошок.
И вистинските, најголеми вести се однесуваат на маните на нашите елити. Не зборувам само за американските елити. Без разлика какви мани имаат тие, постои погенерален проблем со елитите: тие се одговорни за успехот и неуспехот на поширокото општество. Ова не секогаш е фер, затоа што бизнис циклусите е тешко да се предвидат или спречат, меѓународните работи не секогаш се одвиваат добро, а лошата среќа може да им наштети и на најдобрите планови.
Меѓутоа денешните елити повеќе го немаат културолошкиот штит кој некогаш им отежнуваше на аутсајдерите да ги нападат, без разлика за колку добри или лоши ги сметаш тие елити.
Светот на интернетот - во основа свет на информации - 24/7 известува за недостатоците и неуспесите на елитите,“ пишува Ковен.
Како пример тој ја дава финансиската криза од 2008, по што најголемиот дел од граѓаните се сомневаат дека американските елити ќе можат да ја спречат следната финансиска криза. Слично како што мировните преговори меѓу Израел и Палестинците во 1970-те и 1990-те, и нивниот неуспех, направија денес никој да нема позитивни чувства кон мировните преговори.
„Повторно, овој впечаток е базиран на вистински информации. А информирана популација, може исто така да биде цинична популација, а цинична популација е подготвена да толерира па можеби и да поддржи цинични лидери,“ порачува Ковен.
Објаснувајќи ја штетноста на претерано многу достапни информации, Ковен дава пример со „брилијантен човек Икс“, од кого си воодушевен и сакаш поголема изложеност на неговите идеи, со цел да го унапредиш сопственото знаење. По овој повод ти почнуваш да го следиш Икс на Твитер, и сфаќаш дека Икс всушност не е толку импресивен во секој поглед, и можеби има одредени предрасуди. Не е крај на светот, ама знае да е разочарувачки.
„Речиси на сите им се симнати маските, и новинарите се движат по истите цинични патеки. Преку социјалните мрежи, тие дознаваат што читателите точно мислат за нивната работа. Денес е тешко да бидеш идеалист, бидејќи информацијата навистина е непријател на идеализмот...
... Ако се сомневаш дека самата вистина е проблемот, тогаш само запрашај се себе си: колку би те деморализирало тебе да ја читаш вистината за самиот себе, по цел ден? Дури и ако најголем дел (но не сите) извештаи се позитивни? Прилично деморализирачки, се кладам. Тоа, на кратко, е ситуацијата во која се наоѓа Западот,“ смета Ковен.