Како сторијата за Русија им беше раскажана на 4 различни публики

Како ретко кога од распаѓањето на СССР, годинава главна вест во САД беше „Русија“, и отприлика тука завршуваат сите сличности околу тоа кој како ја разбрал темава.

Њујорк магазин собира што пишувале американските медиуми на тема Русија во 2017 и „балоните“ од публика што се создаваат околу нивните вести.

Поделбата по балони ја прават според формула за пристрасност изработена од Харвард. Прво се пресметува пристрасноста на публиката, а потоа наклонетоста на медиумот го одредува според публиката што ги споделува неговите вести. На пример ако некој медиум е далеку повеќе споделуван од приврзаници на Клинтон отколку на Трамп тој влегува во групата медиуми со „крајно демократска публика“, ако разликата не е толку голема тогаш се рангира како медиум со „претежно демократска публика“.

Да не биде само лево и десно, тие воведуваат мала нијансираност, па одлучуваат да има 4 групи на медиуми:

- Крајно демократска публика (споделувани исклучиво од симпатизери на Хилари): Адиктинг инфо, Окупај демократс, Палмер репорт.

- Претежно демократска публика (споделувани од симпатизери на Хилари, но повремено и од симпатизери на Трамп): Њујорк тајмс, Вашингтон пост, Си-ен-ен.

- Претежно републиканска публика (споделувани од симпатизери на Трамп, но повремено и од симпатизери на Хилари): Хил, Вол стрит журнал, Маркетвоч.

- Крајно републиканска публика (споделувани исклучиво од симпатизери на Трамп): Брејтбарт, Федералист, ЛајингкрукедХилари.

„И не е просто само приказната на ’либералите’ или ’конзервативците’: на социјалните медиуми се појавија повеќе конкурентски наративи, дури и во рамките на широките политички коалиции. Луѓето кои опсесивно ја следеа Луиз Менш, имаат поразлична приказна отколку оние што го следеа Њујорк тајмс, или на пример, Глен Гринвалд - иако сите овие три групи минатата година гласаа за Хилари,“ пишуваат авторите Џордан Ларсон и Макс Рид во текстот Њујорк магазин.

Изборот на вестите за Русија што ќе се споредуваат е направен според обемот на тоа колку е пишувано за некоја вест, и кои биле најсподелуваните стории на Фејсбук и останатите социјални мрежи во периодот кога била објавена веста.

Највидлива разлика има кај крајно републиканскиот балон во однос на другите, каде „недела за недела, најсподелуваните и читани стории не се за Доналд Трамп, туку за демократите и нивните врски со Русија.“

„Всушност тешко беше да се најде одбрана за постапките на кампањата на Трамп дури и кај најжестоките медиуми лојални на американскиот претседател; наративот што се разви во текот на годината не беше дека Трамп е невин, туку дека демократите се виновни и хипокритични, и дека голем број од нив се сретнале со рускиот амбасадор или имале поврзаност со руски бизнис.

Во демократскиот спектар се забележуваат други шаблони. Крајно демократската публика повеќе препрочита драматично пакување и возбудување отколку претпазливи стории фокусирани на вестите. Медиумите од оваа група речиси секоја недела пишуваат за некоја криза, во која новите откритија конечно ќе го разјаснат целиот случај, или дека Трамп секогаш е на раб од импичмент,“ се објаснува во текстот.

               

Во обработката се земени 8 вести околу Русија од годинава.

1. Стил досието објавено од Базфид, кое е разузнавачки извештај за поврзаноста на Трамп со Русија. Меѓу обвинувањата е дека руското разузнавање има видео од Трамп како тера проститутки да мочаат на хотелски кревет.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно демократска публика: ќе помислиш дека Стил досието е точно. Иако статијата на Базфид е внимателна, овој балон инсистира дека Трамп треба да поднесе оставка или да добие импичмент заради руското секс видео.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно демократска публика: ќе ти биде сосема јасен судирот меѓу Си-ен-ен и администрацијата на Трамп. Туку речиси и да не се појавуваат шокантните тврдења од досието. Доминира информацијата од Си-ен-ен и Њујорк тајмс, дека Трамп бил брифиран за ова.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно републиканска публика: нема да си нешто посебно потресен околу досието. Темата влегува во најчитаните вести од овие медиуми само во контекст на веста на Вол стрит журнал за идентитетот на авторот на досието.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно републиканска публика: ќе помислиш дека треба да се суди Џон Меккејн (кој го предава досието на ФБИ), и Џон Луис кој објавува дека нема да се појави на инаугурацијата на Трамп заради неговите врски со Русија.


 

2. Новинарите откриваат дека ФБИ ја истражува кампањата на Трамп и дека го ослободуваат Мајкл Флин од обвиненија. Њујорк тајмс објавува дека работна група составена од припадници на повеќе безбедносни агенции ја истражуваат врската меѓу кампањата на Трамп и руските власти.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно демократска публика: ќе мислиш дека најважно е што уредникот на Њујорк тајмс во октомври одлучил да не го објавува она што го знае за Стил досието.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно демократска публика: ќе бидеш добро информиран за истрагата. Вестите во оваа група повеќе се фокусирани на истрагата.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно републиканска публика: ќе имаш претстава дека истрагата е опсежна, сериозна и најверојатно ќе ја открие руската вмешаност во изборите.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно републиканска публика: главната вест ќе ти биде дека Мајкл Флин (советникот за национална безбедност на Трамп) не погрешил ништо и дека обвинувањата за неговата соработка со Русите се неточни.


 

3. Мајкл Флин поднесува оставка еден ден откако Вашингтон пост објавува дека тој го излажал потпретседателот Пенс, околу своите контакти со рускиот амбасадор во САД. Истиот ден Трамп го повикува директорот на ФБИ на состанок и му предлага да ја „олабави истрагата“ затоа што Флин е „добар дечко.“

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно демократска публика: најверојатно славиш затоа што ова е победа против Трамп и веројатно постираш или споделуваш мемиња со Флин како бара апсење на Хилари.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно демократска публика: внимателно ја следиш сагата околу оставката на Флин и се надеваш дека ова ќе доведе до конгресна истрага на кампањата на Трамп. Медиумите од овој балон се неспоредливо повеќе споделувани во текот на неделата.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно републиканска публика: поделен си меѓу надежта за двопартиска истрага и твојата фрустрираност што се игнорираат врските на демократските лобисти со Русија.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно републиканска публика: знаеш дека вистинската приказна секако се врските на Хилари со Русија, а тоа е дека Хилари дозволила канадска рударска компанија да биде продадена на руска енергетска компанија, со што на нејзе и ги предала и резервите ураниум. Флин речиси и да не се појавува меѓу споделените статии.


 

4. Вашингтон пост објавува дека американскиот јавен обвинител Мет Сешнс се сретнал со рускиот амбасадор во земјата, Сергеј Кислјак, за време на претседателската кампања, и покрај тоа што на сослушувањата пред добивање на позицијата го негира ова.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно демократска публика: не си баш најзапознаен со ова, бидејќи публикациите од овој балон повеќе се фокусирани на општата врската меѓу Русија и Трамп, отколку што би сакале да се фокусираат на Кислјак.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно демократска публика: знаеш дека Сешнс не го открил ова за време на конгресните сослушувања. Меѓутоа исто така знаеш и дека Ненси Пелоси (од врвот на демократите) погрешно изјавила дека се нема сретнато со Кислјак.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно републиканска публика: не си задоволен од потегот на Сешнс. Иако медиумите со републиканска публика не објавуваат многу за темата, Журнал и Хил имаат стории кои се критички настроени кон Сешнс, и воопшто не се занимаваат со Пелоси.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно републиканска публика: знаеш дека рускиот амбасадор се сретнал со Обама (додека е на власт) и со неколку демократски сенатори, и како Пелоси е хипокритична затоа што лажела за средбата со Кислјак.


 

5. Во серија твитови Трамп тврди дека Обама пред изборите му ги прислушувал телефоните. Џејмс Коуми бара Департманот за правда јавно да ги негира овие тврдења. Еден ден подоцна, Трамп во твит бара Конгресот да ги истражи тврдењата.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно демократска публика: целата вест ти е уште еден доказ дека Трамп е идиот, и затоа ова се забавни па дури и добри вести.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно демократска публика: јасно ти е дека Трамп нема докази за своите тврдења, а во исто време добиваш и дополнителен контекст за постојните тензии меѓу Трамп и ФБИ.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно републиканска публика: не ти е јасно ваквото прекршување на правилата што би можело да значи за претседателството на Трамп. Најголемата сторија во овој балон објаснува дека ако тврдењата на Трамп не се точни тоа може да е голем скандал и да го отвори патот за негов импичмент.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно републиканска публика: мислиш дека Трамп најверојатно е жртва на заговор. Медиумите од овој балон гледаат да ги потврдат тврдењата на Трамп, некои од нив цитирајќи и твитови од Викиликс за тоа дека Обама ги прислушува своите непријатели преку ПРИЗМ и дека истото можел да му го направи и на Трамп.


 

6. Директорот на ФБИ, Џејмс Коуми, сведочи пред Конгресот за истрагата на неговата агенција околу руското мешање во изборите од 2016. Неколку дена подоцна Трамп бара првиот човек на Националното разузнавање и првиот човек на НСА да ги отфрлат доказите дека неговата кампања соработува со Русија, двајцата го одбиваат ова и подоцна сведочат за барањето од Трамп.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно демократска публика: доказите против Трамп само се таложат, и се надополнети со веста од Асошиејтед прес дека менаџерот на кампањата на Трамп соработувал со милијардер близок на Путин.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно демократска публика: знаеш дека Коуми потврдил дека ФБИ спроведува истрага на темата уште од јули минатата година.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно републиканска публика: веруваш дека и Конгресот нешто истражува, ама не знаеш дали ќе може да го истера тоа до крај.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно републиканска публика: мислиш дека вистинските криминалци се луѓето од администрацијата на Обама, и дека тие би можеле да добијат до 10 години затвор заради протекување на доверливи информации во медиумите околу тимот на Трамп.


 

7. Трамп го отпушта Коуми, откако помошник јавниот обвинител составува писмо во кое му дава основа на американскиот претседател за ова.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно демократска публика: отпуштањето на Коуми одамна ти е јасно, и сега само го очекуваш неговото сведочење во Конгресот.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно демократска публика: веќе си истоштен. Неделата е преполна со вести, а медиумите од овој балон се најсподелувани, благодарејќи на важноста и шокантноста на вестите што тие ги вадат, заради што нема простор дополнително да се работи на нивната сензационалност.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со претежно републиканска публика: шокиран си и згрозен од одлуката на Трамп да го отпушти Коуми.

- Ако вестите ги добиваш од балонот со крајно републиканска публика: Коуми не се ни спомнува, главен лик неделата е Кондолиза Рајс која на телевизија кажува дека нема ништо спорно околу легитимноста на изборот на Трамп. Еден од медиумите открива дека демократски сенатор поседува акции во руски интернет пребарувач.

 

Остатокот од годината, тука