Моменталната ситуација и проблемот на медиумите е што Фејсбук и Гугл продолжуваат да пребираат што ќе земат од медиумите - и што ќе објават на алгоритамски одлучените њуз фидови и резултати од пребарување - додека во исто време го прибираат комплетниот профит од бизнисот.
"Ова е игра во која дистрибутерите ја задржуваат речиси целата пита, а не многу новински организации можат да преживеат со трошките кои интернет платформите ќе дозволат да паднат на нивната маса," пишува Алексис Мадригал во текстот Атлантик.
Вадејќи генеза на проблемот, тој се согласува со востановеното мислење дека "првичниот грев" на луѓето што создаваат вести е што воопшто на времето дозволиле нивниот производ бесплатно да се појави на интернет.
Вториот момент е појавата на Гугл, кој одлучува да ги искористи сите високо квалитетни веб-страни и линковите меѓу нив за да изгради база на податоци на која ќе работи нивниот пребарувач.
Како што Гугл добива се повеќе корисници, весниците добиваат се поголема читателска публика и опсег. Меѓу публиката почнуваат да се појавуваат и некои што не се од големите урбани центри во САД (главната посакувана публика на весниците), ама тоа и не е некој посебен проблем, затоа што весниците сега стигаат до повеќе луѓе од кога и да е.
Гугл во меѓувреме сфаќа што сака да прави во животот, и во своето пребарување ги пушта спонзорираните резултати. За кратко време станува очигледно дека малите, локални огласувачи повеќе сакаат да купуваат реклами на Гугл, отколку рекламите во весници. Додека се обидуваат да го амортизираат овој удар, на весниците им се случува и Крегслист, масовната платформа за објавување огласи.
Како што се одвива оваа битка, започната што заради првичниот грев (линкови на Гугл), што заради технолошки напредок (бегање на огласите од весници на Крегслист), во позадина почнува залет да зема една нова појава, Фејсбук, која како од најрозовите соништа на медиумите, испраќа публика на нивните линкови, а притоа не им конкурира на нивните маркетинг оддели бидејќи не објавува никакви реклами околу истите.
Кога извештаите му потврдија на новајлијата она што тој веќе некое време го чувствува, дека тој е главниот скретничар на интернет што им испраќа сообраќај на медиумите, паднаа две клучни одлуки. Првата, клучна за Фејсбук, да почне да објавува реклами на сопствената платформа. Втората, клучна за медиумите, да ограничи колку од содржината што тие ќе ја објават на своите Фејсбук страни ќе биде прикажана на нивната Фејсбук публика, со амандман - ако сакаш да биде прикажана на повеќе од твојата публика, ќе треба да доплатиш. Медиумите пак го извлекоа подебелиот крај, сега не само што бесплатно го даваат својот производ, туку и треба да платат за некој истиот бесплатно да го чита.
"Технологијата успеа да се обвие околу новинарството како лоза околу старо дрво.
Само што ги видовме последиците од чудниот информациски еко-систем што Гугл и Фејсбук го создадоа. Во критичните месеци пред изборите, лаги, измами и измислици почнаа да се шират паралелно со (или врз) сериозни вести од сериозни новинари. Од изборите, освежениот печат тргна во интензивно покривање на мноштвото проблеми и скандали на администрацијата на Трамп.
Со други зборови, во изминатата година, ни ја покажаа вредноста на обучени новинари поддржани од новинарски институции кои знаат што прават.
А во исто време весниците и други новинарски медиуми продолжуваат да се измачуваат со создавање дигитален бизнис кој може да поддржи доволно новинари за да направи некаква разлика.
Печатот никогаш не би повеќе потребен ниту повеќе загрозен," пишува Мадригал.