Интервју со Оливер Стоун:

Повеќе сакам да живеам на нозе одошто да умрам на колена

Бидејќи уште не може да обезбеди дистрибуција на неговиот најнов филм за американскиот пазар, Оливер Стоун го шета филмот по фестивали на други места на планетава, надевајќи се дека предупредувањата од него некако ќе стигнат и до Американците. Српска Политика го начекала во Џеда, Саудиска Арабија.

Припаѓам на генерација која учеше во училиште како да се однесува во случај на нуклеарен напад и радијација, а вие сега со овој филм докажувате дека нуклеарната енергија може да нè спаси од глобално затоплување. 

А да ве прашам, ви се отворија ли малку видиците откако го изгледавте „Нуклеарна“?

Морам да признaам дека да, има многу аргументи „за“ и многу логика. 

Дозволете ми да ви кажам што ми беше мотивација. И јас бев сомничав како и Вие, а како ни Вие ниту јас не сум толку глуп, а ѝ верував на Џејн Фонда, нејзината тогашна борба против војната во Виетнам и против нуклеарната енергија. Седумдесетите години од минатиот век беа наводно време на голема прогресивност, а иронично е што една од клучните одлуки, според мене, ја донесовме тогаш и тоа сосем погрешно. Направивме многу добри работи во седумдесетите, како што вели и доктор Морис во филмот, а тој беше еден од основачите на „Гринпис“, ама погрешно сфативме една важно прашање - прашањето на интересот на човештвото да има чиста енергија. Од загриженост ја отфрливме и самата помисла за користење на нуклеарна енергија за доброто на планетата па сега разговараме за обновливи извори на енергија и начини за смалување на глобалното затоплување и штетните гасови.

Познато е дека во вашата земја луѓето се строго против нуклеарната енергија. 

На Американците не им е гајле за остатокот од светот. Генерално, ние на наше тло можеме да си ги решиме нештата за нас лично, но остатокот од планетата за некоја деценија ќе вришти, ќе има дислокации, миграции од големи размери и којзнае колкава ќе биде штетата од климатските промени. Видете ја поплавата што неодамна се случи во Пакистан и колку е Пакистан уништен. Значи, ние во САД не ја земаме во обѕир големата слика, ние мислиме само на себе. И како резултат на тоа сме сјебани. Мораме да размислуваме колективно. Сега човештвото мора да го согледа проблемот. И овој мој филм може малку да помогне во тоа. 

А како да ги поттикнеме Американците да размислуваат на оваа тема кога таму сè уште немате обезбедено дистрибуција за „Нуклеарна“?

Точно. Па, можеби ќе мораме да продолжиме со претставување на филмот од земја до земја, што има смисла. Еве, и фестивалов во Џедa е прилика филмот да се продаде за дистрибуција во арапскиот свет и на луѓето од Блискиот исток кои ги засега, а тогаш преку Европа филмот ќе се врати во САД.

И самото спомнување на нуклеарната енергија предизвикува страв од (зло)употреба во вид на атомска бомба и тој страв е повторно актуелен, а сите го памтиме и Чернобил. 

Да, разговарајќи со луѓе како Вас, а ја прочитав секоја објава после светската премиера на филмот, јасно е дека сите медиуми се против тоа. Вистина е она што го наведуваат обично во насловот или поднасловот, тоа дека нуклеарната енергија е опасна и ризична, ама не кажуваат дека не е поризична од користењето нафта. Тоа е нашата поента. Примерот со Чернобил е навистина легитимен, затоа што централата е погрешно изградена и немале адекватни контејнери, дури ни заштитна облека, а не се ни снашле најдобро и тоа во детали го прикажавме во филмот. Косата ни се крева од помислата на радијација, а ние со ниво на радијација живееме уште од настанувањето на планетата. Помислете само колку се изложувате на радијација кога редовно летате со авион. И никој не сака отворено да каже дека арсенот е многу поопасен, како и сите други индустриски загадувачи. Нафтените компании ќе речат дека се партнери со обновливите извори на енергија, а не кажуваат дека и тие извори ќе зависат од нив, од нивната нафта и гасот, и дека метанот во атмосферата е најотровен од сè. Ние сме, всушност, неинформирани. 

А дали сме доволно одговорни за на мир да користиме и градиме нуклеарки за општо добро?

Како цивилизација, мораме да живееме со одреден степен на ризик и степен на преземена одговорност, но и знаење. Мислам дека сето тоа го имаме. Во САД поради сите прописи, а луѓето од нафтениот свет и еколозите велат дека се придржуваат до прописите, често велат дека „не можеме против нуклеарната енергија, ама ќе ја успориме“. И така трошат пари, за успорување. Никој нејќе да гради нуклеарки, освен Кина и Русија. Русите се вмеша во оваа збрка со САД, но Русите добро работеа на реакторите. Значи, луѓе ние имаме технологија, во прашање е вољата и политиката. 

Сè е политика, па можеби и вашето доаѓање овде. На сцена рековте дека на сметка на Саудиска Арабија се изречени многу тешки зборови и дека луѓето треба да дојдат и самите да се уверат. 

САД се експерти за осуда на секоја земја во светот што ќе ја премине границата на светскиот поредок, она што тие го нарекуваат правила, а Америка ги крши сите правила кога сака и Вие го знаете тоа. Ме прашуваат за случајот Кашоги и тоа навистина беше сурово, но мислам дека еден од најлошите случаи беше токму случајот Асанж и неговото мрцварење. Сите рекоа дека треба да се пушти Асанж, а САД се упорни во својата одмазда. Па кои сме ние да вперуваме прст во кого било? Им кажуваме на Русите што да прават, што е смешно со оглед на тоа што ние имаме направено. Не сакам да навлегувам во пошироката слика на ова што се случува во Украина, затоа што тој случај нималку не е едноставен, а сите само викаат: „Русите напаѓаат!“ А кој го предизвика тоа? Што се случуваше во Донбас во 2014-та и колку луѓе се иселија затоа што САД тешко ја вооружуваа украинската војска. Од 2014-та година Украина веќе не беше неутрална, беше против Русија и тоа е она што ја поремети рамнотежата на воената опременост и оттаму дојде војната. Како и сè, секоја војна има причина и последица, ама ние не обраќаме ебено внимание на тоа. 

И понатаму сте голем бунтовник?

О, да. Отсекогаш сум бил бунтовник, можеби предолго. 

И секогаш сте успевале да ги избегнете можните проблеми?

Да, но сега мојот најголем проблем е стареењето. Можам да слушам само малку, слухот сосема ми ослабна. Не можам ни добро да гледам, а и немам повеќе толку енергија. Тоа е проблем. 

Но, сепак не престанувате да снимате и да се борите за своите филмови?

Се борам за следниот филм. Повеќе би сакал да живеам на нозе одошто да умрам на колена. 

Дали сè уште имате надеж за администрацијата на Бајден?

Човеку, брзо тонат. Погрешив што гласав за тој човек. Стварно мислев дека како што старее, ќе биде позрел и помалку воинствен, затоа што неговата биографија е ужасно воинствена. Секогаш поддржуваше воени конфликти во кои Американецот мораше да оди до крај. Обама направи голема грешка што го избра, толку беше уплашен да не го навреди естаблишментот, што мораше да го избере најдобриот од истиот. Најстариот дедо, а дедото испадна многу опасен и сега вика: „Ајде да убиваме Руси, сега е нашата шанса!“ Тој ја меша Русија со Путин и мисли дека ако се отараси од Путин, ќе ја контролира Русија како во времето на Елцин. А тоа е само сон. 

Имате ли идеја за кого би гласале?

Јас би гласал за трета страна. Нема надеж за Америка, освен појавата на трета страна, затоа што републиканците и демократите работат и функционираат исто и исти пари вложуваат во воената индустрија. Американскиот воен буџет е огромен. Естаблишментот меѓусебно е поврзан, а во светот денес има многу незадоволство.

Политика