Во првите денови од војната, украинските дипломати јавно ги поттикнуваа сите заинтересирани да се пријавуваат во украинските амбасади за заминување на служба во војната против Русија.
По 5 недели војна регрутирањето странци е паузирано заради напливот на волонтери без никакво или ограничено воено искуство, плус добар дел држави им забранија на своите граѓани да се пријавуваат за учество во конфликтот.
„Има повеќе причини за паузирање на регрутацијата, а една од нив е недостатокот на огнено оружје. Нашиот парламент, Верховна Рада, деновиве треба да изгласа некои работи во врска со Меѓународната легија, и врз основа на тоа гласање ќе продолжи регрутацијата,“ изјавил портпаролот на Меѓународната легија.
Луѓето што и помагаат на Украина во регрутацијата, објаснуваат дека украинските власти се презадоволни од поддршката што ја добиле „но веќе сфатија дека не е разумно на фронтовските линии да се праќаат странски војници со нула искуство“.
„Украинските војници со кои разговарав ми објаснија дека не сакаат да жртвуваат млади Канаѓани и млади Британци заради драматичен ефект.
Ова покажува дека има луѓе во Канада, САД, Велика Британија, Грузија, Италија, Грција кои велат ’сакам да им помогнам на моите украински браќа и сестри во нивната борба за одбрана на својата земја.’
Меѓутоа многу брзо станува јасно дека некои од овие добронамерни волонтери едноставно не се подготвени,“ изјавил професорот на канадскиот Кралски воен колеџ, Лубомир Луциук.
Поранешниот канадски парламентарец Борис Врзесневски, кој им помага на украинските дипломати да ги проверат волонтерите, објаснува дека еден од најголемите проблеми со кои се среќава е што постојано им се пријавуваат луѓе за позиции на фронтот, кои немаат никакво реално воено искуство. Според него Канаѓани со такво резиме веќе имаат стигнато во Украина, каде може повеќе да претставуваат проблем отколку помош.
„Некои луѓе претпоставија дека ќе пристигнат таму, ќе добијат брза обука, ќе им биде дадено оружје и ќе бидат испратени на фронтот.
Има секакви последици ако необучени луѓе влезат во борбата,“ изјавил Врзесневски.
Тоа што Врзесневски и Луциук го порачале дека и понатаму има огромна потреба од волонтери во други области, како снабдување со хуманитарна помош или да вршат воени задачи кои се клучни за борбените сили но не вклучуваат директна борба, пример транспорт на храна, муниција и други залихи или евакуирање ранети од бојното поле.