Леб и сол на рана

- Ете го гледаш ова во Македонија. Нели стално ти викам дека не може тоа така, дека и таму не може а да не пукне?!
- А што тоа не може а да не пукне?

фото mkd.mk

- Па тоа што пукна и во Хрватска, и во Босна, и на Косово...Кога луѓето веќе не можат заедно, тогаш мора да пукне. А гледаш дека Македонците и Албанците веќе не можат...

- А ти ги познаваш сите Македонци и сите Албанци, и сите тие ти рекле дека не можат заедно?

- Какво е тоа глупо прашање? Па никој не ги познава сите Македонци и сите Албанци...И зошто би морал да ги познавам за да заклучам дека тие не можат заедно?!

- А познаваш ли барем еден Македонец или Албанец?

- Ја познавам ситуацијата. Ја следам на телевизија, читам во весници. Неодржливо е тоа. Пази, некој убива четири македонски момчиња на рибарење, и уште ликвидира некој петти, како сведок, а сите веднаш знаат дека сторителите се Албанци и почнуваат напади на албански села...

- Кои се тоа сите? Никој ништо не знае, ниту пак сите мислат така.

- Но главно има сомнеж...

- За непознати сторители од албанска националност? И тоа ти е тебе логично и разбирливо?

- Нема во овие работи ни логика ни разум.

- Мислиш: нема ништо друго освен неизбежното пукање?

- Ако ова што се случи не е доволен доказ, тогаш јас стварно не знам што треба за да ти стане јасно. Гледаш ли ти, читаш ли што зборуваат тие луѓе?

- Еве баш сега читам како една Албанка на чијашто куќа ги искршиле прозорците, ги моли новинарите да не го сликаат тоа. И уште вика дека ги разбира луѓето кои го направиле тоа, и дека не им се лути.

- А таа демек не разбира дека прозорците и' ги искршиле Македонци, и тоа само затоа што е Албанка?

- Таа разбира дека тоа го направиле луѓе кои зовреле заради злосторството над момчињата. И самата вели дека длабоко жали заради смртта на недолжните луѓе. И дека ги моли новинарите да не ги фотографираат скршените стакла на нејзината куќа, затоа што не сака таа трагедија да се злоупотребува.

- Велиш: жали за смртта на недолжни луѓе. Па и таа е недолжна. И неа треба некој да ја жали.

- Па баш затоа што е недолжна, таа не сака да ја жалат тие што во знак на жалост би нанеле зло и неправда на некои други, недолжни луѓе.

- И ти сега од неа правиш херој?

- Не. Затоа што неа не ја интересира од неа да се прави било што - ни херој, ни жртва. Ниту пак би сакала за нејзините прозорци да се грижат оние што би кршеле било чии стакла.

- Само ти затворај ги очите пред стварноста...

- А таа жена според тебе не е реална?

- Не велам дека не е, но вистинската стварност ти е, еве, овде - на етничката карта на Македонија. Ова портокаловото, гледаш, тоа го држат Македонци. Ова тука, не знам што боја е ова, ни сиво ни розево, тоа ти се Албанци. Овие две окер флеки, тоа се Турци. А ова плавово..Јеби га, во Јутарњи не пишува кои се овие плавиве, но покриваат поголема територија од Турците. Но кои и да се, тука нема мир...

- Тоа плавото, тоа се езера.

- Не трескај глупости! Какви езера на етничка карта?

- Охридско, Преспанско и Дојранско.

Предраг Луциќ

 

17 април 2012 - 10:50