„Вака изгледа кога партискиот естаблишмент, длабоко загрижен околу шансите на Сандерс како демократски кандидат против Трамп, ќе почне да ги става на место неопходните делови од сложувалката за да го спречи демократскиот социјалист од Вермонт да победи на партиските избори.
А колку се тие загрижени? Во рок од 72 часа откако Бајден ја извојува првата победа на партиските избори, комплетното поле на прагматични / умерени / естаблишмент кандидати ја напуштија трката, со исклучок на милијардерот Мајк Блумберг.
А може да се кладиш дека ако Блумберг на Супер вторникот не добие повеќе делегати од Бајден, поранешниот градоначалник ќе биде под огромен притисок да го стави сопственото его на страна и да застане зад Бајден,“ пишува Крис Килиза во анализата за Си-ен-ен.
Ваквото строење на демократите е по две основи: прво, неочекувано големата победа на Бајден во Јужна Каролина, која му даде залет на поранешниот потпретседател, и второ, ова се случи пред клучниот Супер вторник во кој демократите од 14 сојузни држави ќе гласаат за својот кандидат за претседателските избори во САД.
Запрашан за движењето против него, Сандерс во понеделникот изјавува:
„Гледај, не е тајна дека во тек се масовни напорни да се запре Берни Сандерс, тоа не е тајна за никого во собава... Корпоративниот естаблишмент почна да се здружува. Политичкиот естаблишмент почна да се здружува и тие ќе направат сè. Стануваат стварно нервозни што работниот народ реши да се крене.“
Според тоа како сега стојат работите и со досегашните гласови што ги доби, Сандерс може со победа на Супер вторникот да ја достигне границата од 1991 делегат што ќе значи и добивање на демократската номинација за претседателските избори во ноември.
Сомнежите се дека на Демократите им е јасно дека Сандерс ќе победи на Супер вторникот, но целта е да се спречи тој да собере 1991 делегат, што ќе и дозволи на партијата после да го решава кандидатот за претседател со супер-делегати, кои најверојатно би гласале поблиску во согласност со партискиот став.