Растот на цивилни жртви во последно време се случува без обѕир на неодамнешните засилувања на НАТО и американските сили во земјата.
„Дел од проблемот е што ИСИС и Талибанците изгледа се натпреваруваат за титулата ’терористи што шират најмногу страв’. ИСИС ја презема одговорноста за двата напади во Кабул и за минатонеделниот напад на центарот за регистрација на гласачи во кој загинаа 60 луѓе. Меѓутоа Талибанците беа тие што ги извршија двата ужасни напади од јануари. Во едниот амбулантна кола полна со експлозив уби речиси 100 луѓе, во другиот луксузниот хотел го претворија Интерконтинентал во воено поле. Минатата недела Талибанците ја започнаа и својата пролетна офанзива, предизвикувајќи уште повеќе хаос,“ пишува Сајмон Тисдол во Гардијан.
Ваквиот проблем е засилен и со тоа што докажувањето меѓу двете групи најчесто се случува на грбот на авганистанските институции, а не толку многу преку директни пресметки едни со други.
Наспроти терористичкиот натпревар се обидите на авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кој во февруари објави мировен план во кој понуди инстантно примирје и безусловни преговори, на што единствен одговор беше бранот крвопролевање.
Подеднакво неефикасни беа и потезите на Трамп, без разлика дали тоа беше испраќањето на дополнителни 3.000 војници во Авганистан, или минатогодишното бомбардирање на мрежата тунели на ИСИС со “Мајката на сите бомби“.
Оние што посериозно го изучуваат авганистанскиот проблем на САД, објаснуваат дека војната нема да може да се „победи“ во класична смисла на зборот.
„Проста победа-пораз динамика е погрешен начин да се размислува околу војната. Америка не е во Авганистан за да победи. Таму е за да ја држи линијата,“ објаснува професорот по политички науки на Универзитетот од Илиноис, Николас Гросман.
Разликата од времето на Буш до сега, според Гросман, е што создавањето демократска нација повеќе не е целта на САД во земјата, „веќе на видик немаш некоја крајна идеална држава“.
„Ама САД нема друг избор освен да остане таму со цел да спречи вакуумот да биде пополнет со џихадистички групи, како што се случи со Ирак; за да ги држи надвор Иран и Русија; за Пакистан да биде искрен, стабилен и во колоната на САД.
Како што бројот на жртви се зголемува а избраната влада слабее, така крајната цел на намалените американски амбиции во Авганистан изгледа дека е: седи таму и моли се за среќа,“ пишува Тисдол.