На критиките што ги доби за време на средба со светските лидери, Трамп одма извади контранапад насочен кон Северен тек 2, кој според него е „ужасен“ гасовод кој ќе ја зголеми германската зависност од руска енергија. На крајниот исток на Европа стравот е дека овој гасовод ќе и го одземе на Украина еден од малкуте стратешки адути што ги има во однос на Москва, и ќе ја направи инфраструктурата во земјата излишна.
По седум години градба, во април годинава Меркел за прв пат изјави дека може да има „политичко разгледување“ на Северен тек 2, кој инаку се води како комерцијален проект.
Проблемот на Источна Европа е што Северен тек 2 и овозможува на Русија да го лиши Киев од надоместокот што го плаќа за инфраструктурата што минува низ украинска територија, а во исто време ќе може и да ја контролира испораката во Полска и Балтичките земји без притоа никако да им го наруши мирот на германските и западноевропските огласувачи.
„Цената за ова е уште поголемо губење доверба од Балтикот, Полска и Украина. Ние Германците секогаш велиме дека чувањето на единството на Западот е нашето тежиште, но рускиот пристап успеа да ја извлече Германија, барем во смисла на енергетска политика, вон западната солидарност,“ изјави сојузникот на Меркел во парламентарната комисија за надворешни работи, Родрих Кајзеветер.
Еден од нападите за гасоводот доаѓа и по основа на економска исплатливост, посебно затоа што под Балтикот веќе има еден гасовод кој ги поврзува Русија и Германија, „но треба да се има предвид дека на германската индустрија и се допаѓа сè што би обезбедило повеќе енергија за поевтини пари“. Според експертите дури и енергетската алчност на германската индустрија не е ништо страшно бидејќи таа може да се задоволи со зголемување на испораката преку постојните руски гасоводи што минуваат низ Украина.
„Од друга страна, проектот има силна поддршка од Газпром, рускиот државен енергетски гигант која поседува компанијата задолжена за Северен тек 2. Директорот на Северен тек 2, Матијас Варнинг, некогашен источногермански шпион задолжен за собирање информации за западногерманските бизниси, се смета за еден од најмоќните лобисти во Берлин.
Гасоводот е еден од мрежата проекти субвенционирани од Кремљ направени со цел да се заобиколи Украина, најголемата и најпроблематична држава која некогаш беше владеена од Москва. Тие го вклучуваат и Турскиот тек, кој минува преку Црното море со цел заобиколување на Украина на југот.
Германија и ЕУ се обидуваат да постигнат договор меѓу Москва и Киев со цел рускиот гас да продолжи да тече преку Украина кога сегашниот договор за транзит ќе заврши во 2019. Според критичарите ова ќе значи дека европските потрошувачи ќе треба да плаќаат субвенции за одржување на Украина во плус.
Во СПД има голема наклонетост кон Северен тек 2. Герхард Шредер, последниот канцелар од партијата, е назначен на високи позиции во руската енергетска компанија по завршување на мандатот, и тој го смета Путин за близок пријател.
За добар дел од генерацијата на Шредер, соработката со Русија е во согласност со Остполитик стратегијата ’на нивниот идол, германскиот канцелар од 1970-те, Вили Брандт...’
... Држењето отворени линии со Кремљ е популарно во Германија, каде анкетите покажуваат дека луѓето се повеќе наклонети кон Русија отколку во која било друга држава. Но се повеќе функционерите се прашуваат дали Германија плаќа преголема цена губејќи го образот,“ пишува Томас Ескрит во текстот за Ројтерс.