Од каде доаѓаат мигрантите во ЕУ, и кој ќе остане

Од Нова година до сега над 100.000 луѓе на црно имаат стигнато во ЕУ само преку Медитеранот, а за првите 3 месеци од годинава 185.000 луѓе побарале азил во Унијата, околу 90% повеќе отколку минатата година.

ЕУ допрва се бори самата со себе околу тоа како да ги реши стихијните бројки на мигранти, а доминира предлогот за воведување на квоти за распоредување на бегалците кои се насукуваат на бреговите на Грција, Италија и другите медитерански држави.

Главна причина за неочекуваните бројки на баратели на азиланти во ЕУ, нема никаква врска со сите оние луѓе кои ги гледаме како ги пешачат македонските автопатишта, туку доаѓа од напливот на Косовари во Австрија, Унгарија и Германија, кои нагрнаа на ЕУ по "гласините за релаксирање на правилата за азил."

На Косоварите отпаѓа една-четвртина од апликантите кои од јануари до крајот на мај прв пат побарале азил во ЕУ, што е повеќе од апликантите од Сирија и Авганистан заедно.

Заради ваквите бројки Германија воведе брза процедура за доделување азил, чија главна цел е да се направи разлика меѓу економски имигранти, и имигранти од хуманитарни причини. Првите ги враќаат назад, вторите ги примаат (со исклучоци). Косоварите спаѓаат во првата група, заради што новата процедура и значително ги намали нивните бројки. Од 1.500 апликации на ден во февруари, во април бројката падна на под 100. Од друга страна Унгарија одлучи проблемот да го решава со градење ѕид кон Србија.

Според последните бројки цели 99% од апликациите за азил на Косоварите се одбиени, наспроти само 6% од Сиријците, 10% од Еритрејците, и 12% Ирачаните.

20 јуни 2015 - 16:35