Дури и ако САД брзо ја запрат војната против Иран, која навлегува во третиот месец, и ако продолжи нормалниот сообраќај низ Ормускиот проток, веќе е направена огромна стратегиска штета врз глобалните синџири на снабдување, набавката на енергија, геополитичкиот ризик и технолошката трка.
Америка во војната потроши близу 80% од своите залихи на напредни и скапи крстосувачки ракети JASSM-ER, повлекувајќи муниција од Пацификот, каде што служеше за одвраќање на Кина. Исцрпени се и залихите на проектилите Томахавк, ракетите Патриот, пресретнувачите THAAD и беспилотните летала. За да се обноват, потребни се ретки минерали кои ќе мора да дојдат од Кина, додека САД не изградат алтернативен синџир за снабдување.
Пекинг притоа од страна следеше бесплатна лекција за модерното војување на американските сили: како користат вештачка интелигенција за таргетирање, како ги ротираат носачите на авиони или како ги бранат сојузниците од евтините ирански беспилотни летала. Тоа е подобро од каква било компјутерска симулација за потенцијална инвазија врз Тајван.
Иако е најголем увозник на нафта од Персискиот Залив, во Кина не се почувствува енергетска криза поради затворањето на Ормускиот проток. Тоа е затоа што уште пред војната разви алтернативни извори на обновлива енергија, без да се откаже од фосилните горива. Војната се покажа како стрес-тест за издржливоста на нејзиниот енергетски систем. Земјата е 85% енергетски самоодржлива. Обновливите извори плус нуклеарната енергија сега надминуваат 20% од вкупната потрошена енергија. Стратешките резерви на нафта останаа полни.
Колку што се одолговлекува блокадата на Ормускиот теснец, толку е подобро за Кина, бидејќи управува со 70% од глобалните синџири за снабдување со соларна енергија, ветер, батерии и електрични возила во период кога тие се барана стока за диверзификација на енергетското производство.

Пекинг без големи напори забележа и дипломатски победи. Додека Трамп се закануваше дека „ќе го врати Иран во Камено доба“, кинески дипломати тивко им помагаа на Пакистанците да ги привлечат завојуваните страни на мировни преговори во Исламабад, ширејќи го своето влијание.
Американските сојузници во Азија забележаа како САД ги оставаат без заштита додека ја префрлаат ракети и бродови од Пацификот кон Персискиот Залив. Сеул, Токио, Канбера и Тајпеј ја разбраа пораката, дека безбедносните обврски на САД се чувствителни, оцени политичкиот научник Ијан Бремер.
Неочекуван бонус за Кина се и ризикот од војната врз инвестициите од милијарди долари на Microsoft, Oracle, Nvidia и други технолошки гиганти за изградба на бази за податоци на Блискиот Исток. Кина, во меѓувреме, го има вториот најголем компјутерски капацитет за ВИ и не ѝ е потребна соработка со богатите арапски земји за да го прошири.
Сепак, не е случајно што кинеските функционери упорно повикуваат војната да заврши што е можно поскоро.
Долгата војна и геополитичка нестабилност ќе го продлабочи енергетскиот шок низ Европа и Азија, што ќе ја намали побарувачката за кинески извоз, забележува Аксиос.