Неодамна го препрочитав есејот на Џорџ Орвел од 1941 година, „Лавот и еднорогот: Социјализмот и англискиот гениј“, и ме освои неговиот опис на буржоаската, левоориентирана интелигенција од неговото време.
Тие живеат во плиткоста на идеите, пишува тој, отсечени од заедничката култура и животните искуства на работничката класа. Го минуваат поголемиот дел од своето време во расправии со нивниот главен непријател, исто толку буржоаските архетипски империјалисти. Иако меѓусебно се презираат, и буржоаската интелигенција и вториве се обединети во нивниот презир кон работничката класа.
Орвел, можеби најголемиот англиски политички писател нас сите времиња, забележува дека буржоаската левичарска интелигенција користи многу зборови за да ги интелектуализира прашањата без да ги разбере. Дека не се вклучуваат во вистинските предизвици со кои се соочуваат луѓето. И дека се подготвени да разговараат само за прашања покренати во неколку избрани публикации (главно Њу Стејтсмен и Њуз Хроникл), кои, случајно, ги уредуваат, читаат и пишуваат - тие.
Бев изненадена колку овој опис на буржоаско-левичарската интелигенција одговара на денешните левичари од средната класа. Неодамнешен пример беше реакцијата на твитер левицата на канселирањето на пејачката Рошин Марфи (екс Молоко - н.з.), само затоа што таа изрази резервираност кон давањето блокатори за пубертет. Билетите за концертите беа враќани а нејзината дискографска куќа ја прекина промоцијата на нејзиниот нов албум, Hit Parade.
Сузан Мур, поранешна новинарка на Гардијан која сега е ограничена во тоа каде може да пишува поради нејзините родово-критички ставови, праша зошто ниту еден музички новинар не бил подготвен да ја брани Марфи. На крајот на краиштата, таа е исклучително талентирана музичарка која е казнета само затоа што ги искажува своите ставови. Одговорот на денешните богати левичари беше ист како на буржоаските левичари на Орвел. На пример одговорот на музичарот Били Брег, кој напиша дека музичките новинари не сакаат да пишуваат за Спектатор, Телеграф или Дејли Меил.
Ете го тоа одбивање да се разговара надвор од неколку избрани омилени публикации на средната класа, како Гардијан во случајов. Но, она што го кажа Марфи не беше екстремистичко. Тоа е мислење што многу луѓе го споделуваат - вклучувајќи ги и водечките педијатри на националниот здравствен сервис.
Ова ја доловува состојбата на буржоаската левица денес. Им останува само да му се потсмеваат на Дејли Мејл за да ги одржат своите илузии за радикализам. Тие не се способни да се вклучат во сложените дебати кои суштински ја засегаат британската јавност. Да, прашањето за давање блокатори на пубертет на деца навистина ја загрижува јавноста. Наместо тоа, денешната буржоаска левица се повлекува во тесните, интелектуално конформистички академски светови. И се обидува да ги затвори дебатите во кои се чувствува непријатно.
Оние од нас кои сакаат да се вклучат во денешните тешки дебати, вклучително и со луѓе со кои не се согласуваме, сме протерани во она што буржоаската левица го нарекува „десничарски печат“. Ова им овозможува на левичарите да ги игнорираат нашите аргументи со проста асоцијација. Ние веќе не сме „легитимни“, нашите аргументи може да се отфрлат а нашите ставови да се држат надвор од нивните безбедни публикации од средната класа. Овие левичари не чувствуваат потреба да зборуваат со поширока публика бидејќи, како што тие гледаат на работите, пошироката публика секогаш греши.
Мислам дека Орвел би го видел сето ова какво што е - како шарада. И сигурно би знаел дека работничката класа во Англија сè уште е таа што ја работи напорната работа и дека секоја вистинска радикална политика е во нивни раце. Ако буржоаските левичари не сакаат да си ги извалкаат рацете напуштајќи го својот удобен меур Икс/Твитер, тоа не е голема загуба. Нема да фалат.
*************
Види и: