Бескрајното судење на Рошин Марфи

Малку работи се поризични за славна личност од моментот кога нивните демоде погледи на светот ќе се објават на социјалните мрежи. Ваква лекција научи поранешната пејачка на Молоко, Рошин Марфи.

Минатата недела беше трендинг на Твитер откако протекоа скриншотови од нејзината приватна Фејсбук страница. Криминалот се состои во директноста на нејзиното мислење за употребата на експериментални блокатори на пубертет кај деца несигурни во својот пол.

Напиша:

„Блокаторите на пубертет се заебани, апсолутно ужасни, Биг Фарма се смее на пат до банка. Малите, збунети деца се ранливи и треба да се заштитат, едноставно тоа е вистина.“

Пробува и да ги пресретне критиките:

„Ве молам не ме викајте ТЕРФ, ве молам не го користете тој збор против жени.“

Ставот на Марфи секако не е без основа. Медицинските професионалци ширум светот веќе се вртат против користењето на блокатори за пубертет за третирање на детските нарушувања околу полот. А сепак, Марфи не можеше да стави поголема мета на грбот, па макар и да објавеше дека е верена за Путин и дека Ендру Тејт ќе ги венча.

Предвидливо, Марфи веднаш стана чудовиште за транс-активистите. Во статии за ЛГБТ+ медиуми се откажуваа од неа, а фановите се натпреваруваа кој поголемо разочарување ќе изрази што ја открила својата „трансфобија“. Неделава се дозна дека Нинџа Тјун, издавачот зад долгоочекуваниот албум на Марфи, Hit Parade го стопирал целиот маркетинг и промоција на нејзините дела. Се обврзале и дека заработувачката од новиот албум ќе се донира на про-транс групи. Ѝ откажаа и две свирки во Лондон.

Затоа и само денови подоцна, дојде и предвидливото самокамшикување.

„Многу ми е жал што моите коментари директно повредиле толку многу од вас,“ рече таа во објава на социјалните мрежи. „Мора да сте биле многу шокирани, вака одеднаш. Разбирам дека фиксирани гледишта не помагаат, но навистина се надевам дека луѓето ќе можат да разберат дека моето мислење е од љубов за сите нас.“

Не се наврати на суштината на нејзината критика за блокаторите на пубертет, иако се заколна дека ќе се повлече од разговорот. Фалеше уште „моите поробувачи ме третираат добро.“

Ова полуизвинување е фрустрирачко, но Марфи е само уште една од низата јавни личности што се најдоа во ваква ситуација. Бизарното е што денешните публицисти можат да направат јавноста комплетно да ја заборави омилената секс-поза на јавната личност фатена на видео, но „неосвестено“ мислење кажано каде што не треба, речиси секогаш ги фрла ѕвездите и нивните агенти во паника.

Во 2018, мегаѕвездата Џ. К. Роулинг ја обвинија дека „лајкнала“ наводно трансфобичен твит. Нејзиниот ПР веднаш побрза да каже дека Роулинг имала трапав, средовечен момент и „ова не е прв пат по грешка да лајкне твит затоа што лошо го држи телефонот.“

Но, наскоро се дозна дека не е така. Авторката на Хари Потер не можеше долго да молчи и оттогаш стана моќен глас во борбата против лечењето збунети деца и мизогините претерувања на трансродовиот активизам. Како и со Роулинг, објаснувањата на Марфи не направија ништо за да ги смират тие што ја намразеа. Транс-активистите сѐ уште сакаат да падне крв, а нема поента да бараш прошка од ирационална толпа без лице.

Некои може ќе ја обвини Марфи за кукавичлук затоа што се повлекла. Но, не смееме да го потцениме притисокот под кој била ставена, ниту суровоста на отровот што се фрла кон неа. Се работи за симптом на длабинска општествена болест штом изразување загриженост за безбедноста на децата може да предизвика такво непријателство и јавно шиканирање.

-Џо Бартош, Спајкд

13 септември 2023 - 00:00