Канадската авторка Маргарет Атвуд ја разлути Твитерсферата неделава со тоа што твитна статија за бришењето на зборот „жена“.
Статијата е на колумнистката на Торонто Стар, Рози Димано. Димано расправа дека инсистирањето на инклузивен јазик е збунувачко и брише важни биолошки дистинкции. Вели дека недамнешните битки околу јазикот отишле „многу над инсистирање на неутрални заменки, во надворешна орбита на лингвистиката каде и жените како пол, и „жена“ како именка се бришат.
Ја истакнува употребата на Александрија Окасио-Кортез на терминот „лице што менструира“, додека дебатира закон за абортус, а и една насловна страница каде што пишува „тела со вагини“. Димано прашува зошто секогаш мора „жени“ да биде тоа што се менува, и зошто никој не вика „лица што уринираат додека стојат“.
Статијата сумира нешто што го чувствуваат многу жени ширум светот. Но, Атвуд настрада од бесна реакција за твитот, иако ова и не е некое изненадување во овие нетолерантни времиња.
За жал, Атвуд главно се повлече откако ја твитна статијата. Се обиде да ги увери критичарите дека Димано вреди да се слушне, затоа што не е ТЕРФ.
Терминот ТЕРФ е веќе навредлив. Да наречеш жена ТЕРФ, или „транс-екслузионарна радикална феминистка“ е како да ѝ кажеш дека е кучка - се користи како начин да ја замолчиш.
Она што Атвуд се обидува да го каже е „без гајле, не сум од тие“. Фактот што доаѓа од автор кој толку впечатливо пишува за репресијата на жените и важноста на храброста во времиња на екстремен притисок, ова е малку разочарувачки.
Но сепак, кои се овие ТЕРФ чудовишта од кои Атвуд сака да се дистанцира? Еве, професорката Кејтлин Сток доби етикета ТЕРФ затоа што напиша книга што ги истакнува последиците за феминизмот ако жените не можат да си го изустат ни сопствениот пол како извор на дискриминација. Џ.К. Роулинг е исто така ТЕРФ затоа што одбива да ги сведе жените на нивните телесни функции, како „луѓе што менструираат“. Пратеничката на лабуристите во Велика Британија, Рози Дафилд е наводно ТЕРФ затоа што си дозволила да верува дека „само жените имаат цервикс“.
Атвуд и друг пат се има исправено пред разјарена толпа. Во 2018 зборуваше за нетолеранцијата на движењето #MeToo и за потребните процеси што треба да се случат. Сепак, изгледа не забележала дека истата цензура и нетолеранција се јавува и кај тие што се расфрлаат со термини како ТЕРФ и „трансфоб“ по било која жена што верува во својот биолошки пол.
Ова не се тривијални работи. Навистина станува контроверзно да се кажуваат зборови како „жена“. Историјата се пишува одново за да се избришат термини што се однесуваат на пол - Димано го истакнува недамнешниот пример на Американскиот сојуз за цивилни слободи, каде што за Рут Бадер Гинсбург напишале „личност“ наместо „жена“. Во Велика Британија во моментов циркулира отворено писмо што го осудува Британскиот советнички центар за бременост како „игнорантен“ затоа што инсистира да зборува за „жени“ кога дискутира за абортуси и плодност. Ако ни жените не смеат да се опишат себеси како жени кога им треба пристап до услуги за жени, имаме сериозен проблем.
На сите ќе ни користи да се потсетиме на зборовите на суфражетката Милисент Фосет: „Храброста бара храброст насекаде.“ Кога жените ги бркаат, се откажуваат од нив јавно и добиваат закани што се осмелиле гласно да си ги кажат размислувањата, време е да најдеме храброст и да зборуваме.
Дури и да нѐ викаат ТЕРФ.