Тешко дека можеш да ја киднапираш најјаката жива принцеза

Некој штетник се обидел да ја киднапира принцезата Ана кога имала 23 години и откако пукал во сè што ќе му се најдело на пат, ѝ рекол да излезе од колата. Му рекла „Not bloody likely.“

На 20 март 1974 година, принцезата Ана доживува нешто што ниту еден современ член на британското кралско семејство не го почувствувал толку блиску: обид за киднапирање во срцето на Лондон, на неколку минути од Бакингемската палата. Таа тогаш имала само 23 години, се враќала од добротворна проекција со сопругот Марк Филипс, и патувањето требало да биде тивка петнаесетминутна рутина. Наместо тоа, завршило како едно од најневеројатните сведоштва на присебност под притисок во модерната монархија.

Напаѓачот, 26-годишниот Иан Бол, ја пресретнал нивната лимузина со автомобил изнајмен под лажно име и со план: два пиштола, лисици, седативи, и подготвено писмо до кралицата со барање за откуп од два милиони фунти. Прво го застрелал кралскиот телохранител, потоа шоферот, па случаен новинар кој запрел да помогне. И на крај, се придвижил кон задната врата, зад која што седела принцезата Ана. 

Следува момент што со задоволство се раскажува: на неговата наредба да излезе од автомобилот, таа само му одговорила со „Нема шанси.“ Со учтивост што граничела со сарказам, Ана водела „мирен разговор“ со човек вооружен со два револвери, држејќи го доволно долго во место за да стигне помош. 

Во едно интервју речиси една деценија подоцна, Ана го опишала настанот со нејзината својствена невозбуденост.

„Ја отвори вратата и имавме една дискусија за тоа каде ќе одиме или нема да одиме,“ вели таа. „Тој рече дека морам да одам со него, јас му реков дека не ми се оди. Бев скрупулозно љубезна затоа што мислев дека во таа фаза е глупаво да бидеш груб. Тивко дискутиравме околу фактот дека нема никаде да одам и дека би било попаметно да се тргне и само да заборавиме на сето тоа.“

Влечејќи ја ѝ го скинал фустанот кој ѝ бил омилен. Подоцна има изјавено дека дури тогаш „стварно се изнервирала“.

Клучниот пресврт дошол од случаен минувач - поранешен боксер, кој, гледајќи го нападот врз полицаец, а притоа немајќи поим кој е во колата, си рекол „Не може така“. Ударот што му го задал на Бол ѝ овозможил на Ана да излезе од автомобилот, а полицијата да го приведе напаѓачот неколку минути подоцна.

Инцидентот траел околу десет минути, но последиците биле далекусежни: целосна реформа на кралската безбедност, нови процедури, нов пристап кон ризик. Луѓето кои биле застрелани таа вечер добиле државни одликувања, а некои од нив и лично признание од кралицата.

Not bloody likely, бе.

3 декември 2025 - 12:13