Дали Ивица и Марица се невини но снаодливи деца или пак гласноговорници на омразата? Според вештерките, тука нема дилема.
Класиката на браќата Грим станува дел од листата на книги за кои, од најразлични причини кои можат и не можат да ви текнат, се бара да бидат цензурирани или забранети како школски лектири. Во случајов, затоа што ја подгревале онаа омраза кон вештерките заради кои во Средниот век тие биле спалувани или давени.
„Ние не јадеме деца. Колку и да се неподносливи, најмногу што правиме е да ги претвориме во жаба,“ демек на шега вика извесна Карлин Страганана која се идентификува како вештерка.
Американската библиотечна асоцијација годишно добива по 500 барања за забрана или цензурирање на одредени наслови. Според нивна проценка, тоа е само 15% од вкупните обиди нешто да се скрие од очите на читателите.
„Ловец во 'ржта“ им пречел на конзервативни групи заради малолетно бунтовништво и безобразен речник, „Авантурите на Хаклбери Фин“ на Марк Твен, дела на Киплинг и други се на тапет заради употреба на зборот нигер а настрадала и една сликовница во која, меѓу другото, имало нацртано шише вино.
Прашање е на ден е кога ќе настрада Црвенкапа по барање на некое здружение за заштита на правата на животните, заради нечовечниот и суров однос кон волкот.