Клатачи на врати (и земачи на плати)

Подемот на бесмислените работни места

Она кога твоето работно место служи само за некој друг да има работно место. Или кога сите се преправаат дека нешто работат, а никој не е убеден во корисноста на тоа нешто. И така, секојдневно, само за машината да врти, а срањето да се трупа. 

Текстот што следи е извадок од книгата „Булшит работни места: една теорија“ од Дејвид Гребер, која ќе излезе на 14 мај.

***

Што е тоа срање работно место?

Дефиницијата е следна: тоа е работа која е толку бесмислена што дури и лицето кое треба секојдневно да ја изведува не може да се убеди себеси дека има добра причина зошто би го правел тоа. Овие луѓе можеби не им го признаваат тоа на своите колеги - често има и многу добри причини зошто е тоа така - но сепак се убедени во погоре кажаното.

Булшит работните места не се само бескорисни; типично, во сето тоа мора да има и одреден степен на преправање и измама. Вработениот мора да се чувствува обврзан да се преправа дека всушност има добра причина зошто постои неговото работно место, иако, приватно, многу добро знае дека таквото тврдење е пресмешно.

Кога луѓето зборуваат за срање работни места, тие генерално мислат на вработување кое подразбира да се биде платен за да работиш за некој друг. Очигледно, има голем број самовработени луѓе кои успеваат да добијат пари од други преправајќи се дека им вршат некаква работа или дека им нудат некаква услуга (обично ги нарекуваме шарлатани или измамници), исто како што има самовработени луѓе кои добиваат пари од други со тоа што праватм или се закануваат дека ќе направат некаква штета (нив обично ги нарекуваме крадци, изнудувачи, лихфари и сл.). Но во овие случаи не можеме да кажеме дека наведеното е нечија „работа“ или работно место. Понекогаш се зборува за професионални крадци, но тоа е обично начин да се каже дека крадењето е нечиј примарен извор на приход.

Сето ова ни овозможува да формулираме крајна работна дефиниција на посрано работно место: форма на платено вработување кое е толку бесцелно, ненужно или глупо што дури и вработениот не може да го оправда своето постоење иако, како дел од условот за вработување, се чувствува обврзан да се преправа дека тоа не е така.

Неколку типови булшит работни места

„Селотејп“ типови

Овие работни места постојат само заради „глич“, односно маана во организацијата; тие се таму за да решат проблем кој не би требало да постои. Најочигледниот пример е оној на човек чија работа е да ја надомести штетата која е направена од страна на некомпетентни надредени.

Мааната во системот може да се поправи, но никој не се нафаќа да го стори тоа - тоа се задачи кои би можеле лесно да бидат автоматизирани, на пример, но тоа не е сторено затоа што никој не обрнал внимание, затоа што менаџерот сака да има колку што е можно повеќе подредени, или заради некаква структурна конфузија.

Штиклирачи

Овие вработени постојат само за некоја организација да може да каже дека прави нешто кое всушност не го прави. Ова е типична форма на владеење/раководење: доколку некој владин службеник биде фатен дека направил нешто многу лошо - на пример земал мито или прегазил човек на пешачки - првата реакција е да се создаде „комисија за проверка на фактите“. Ова остварува две функции. Прво, тоа е начин да се биде сигурен дека никој освен таа мала група нема да има каква и да е идеја што се случило (што секако е редок случај), а второ, тоа е начин да се изглуми дека кога ќе се соберат сите факти, некој дефинитивно ќе направи нешто во врска со тоа (што исто така не е вистина).

Мајстори за задачи

Тип број еден вакви мајстори се состои од оние чија улога се состои само од доделување обврски на други. Оваа работа може да се смета за булшит доколку човекот верува дека нема потреба од негова интервенција, и дека ако тој (или таа) не се таму, подредените совршено би си ја завршиле работата и самите.

Додека овие првите се безопасни, вторите всушност прават вистинска штета. Нивната примарна улога е да создаваат булшит задачи, да контролираат булшит, па дури и да создаваат сосема нови булшит работни места.

Еден „мајстор за задачи“ може да помине 75% од своето време алоцирајќи задачи и мониторирајќи дали подредениот ги извршува, иако нема апсолутно никаква причина да верува дека колегата би се однесувал различно кога не би бил контролиран.

Чување празна просторија

„Работев како чувар за глобална безбедносна компанија во музеј каде една просторија беше сосема празна. Мојата работа беше да ја чувам, да обезбедам дека ниту еден посетител нема да го допре ништото во собата, и дека никој нема да подметне пожар. За да ми биде умот бистар, а вниманието фокусирано, не смеев да користам каква и да е форма на ментална стимулација, како книги, телефон итн. Бидејќи постојано немаше живо пиле, седев и си ги вртев палците седум и пол часа, чекајќи да се вклучи алармот за пожар. Ако тоа се случеше, требаше само мирно да станам и да излезам. Толку.“

Копи/пејстер

„Имав само една одговорност. да следам инбокс во кој се слеваа формулари од вработени кои бараат техничка помош, и текстот да го копирам во друг формулар. Не само што ова е типичен пример на работа која може да се автоматизира, туку таа и била автоматизирана претходно. Но поради караница помеѓу менаџерите дошло до стандардизација која ја укинала автоматизацијата“.

4 мај 2018 - 22:31