Баражот од 96 ракети низ цела Украина од вторникот беше најголемиот руски воздушен напад до сега и следува по повеќе месеци инсистирање на Западот дека залихите на Москва се на резерва. Без разлика дали нападот бил одамна планиран или само одмазда на Русија за губењето на Херсон, Западот ќе треба да се преиспита дали и колку се точни тврдењата околу испразнетиот арсенал на Москва.
Минатиот месец украинскиот министер за одбрана, Олексиј Режников, изјави дека Русија има потрошено речиси 70% од своите воени залихи на ракетите кои беа користени во нападот (Искандер, Калибар и слични). Тогаш Режников изјави дека на Русија и се останати уште 609 такви ракети. Ниту една од овие бројки не беше независно потврдена.
Ништо попрецизен не беше ни извештајот на британското воено разузнавање според кое, воздушниот напад од 16 октомври значително ги деградирал руските залихи до ниво што напад од таков обем нема да може да се повтори во иднина.
Пентагон пак уште од пролетоска инсистира дека Русија е при крај со ракети на наведување, и дека залихата што ја имала пред војната многу брзо ја потрошила.
Тајмс разгледува четири можни сценарија за тоа како и овие тврдења да се точни а Русија сепак да има капацитет за напад како од вторникот.
1. Русија за оружје се потпира на Иран и Северна Кореја.
Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, во средата изјави дека Русија има проблеми да ги пополни резервите со оружје, па затоа имаат побарано помош од Иран и С. Кореја.
По дроновите Украинците обвинија дека Иран најверојатно на Русија и испорачал и ракети со домет од 300 до 700 километри.
За Северна Кореја сомнежот е дека на Русија и има испорачано советска муниција која ја користат за артилеријата наследена од СССР.
2. Русија можеби произведува уште ракети.
Самиот Путин минатиот месец објави засилување на напорните за зголемување на производството на опрема и системи потребни за „специјалната операција.“
Во оваа верзија процената е дека Русија пред војната, поточно почнувајќи од анектирањето на Крим во 2014, прави залиха на чипови и друга сега санкционирана технологија неопходна за изградба на ракетите
Компонентите што ги користи Русија исто така имаат и цивилна употреба, па можно е да се купени преку трета страна „подготвена да ризикува санкции од САД ако е фатена“.
Анализата на компанијата за одбранбено разузнавање, Џанес, е дека Русија веројатно пред инвазијата почнала да произведува голем број Искандер, Калибар и други крстосувачки ракети.
„Тие веројатно се произведуваат и во моментов, бидејќи економијата е речиси во воена состојба, а голем број фабрики поврзани со рускиот воен комплекс работат по три смени, па дури и за викенди,“ се тврди во анализата на Џанес.
3. Русија за нападите користи ракети за противвоздушна одбрана
Украинците тврдат дека во помал напад од четвртокот Русија лансирала најмалку 10 С-300 противавионски ракети врз градовите во близина на фронтот. С-300 беше клучниот противвоздушен систем во воената стратегија на СССР, и Русија има изобилие на залихи од ракети за него.
Токму користењето на С-300 за напади западните експерти го толкуваат како сигнал дека на Русија и снемуваат конвенционални ракети за нејзините напади.
4. Русија има скриена резерва за војна против НАТО
И покрај процените со кои жонглираат западните и украински експерти и функционери, никој од нив нема јасна претстава за рускиот арсенал ниту пред војната, ниту сега.
Предупредувањето на западните експерти е дека Русија долго време чува посебна залиха на ракети и друга муниција за во случај на војна со НАТО, бидејќи „тие се уште го сметаат тоа за реална можност.“
Не е познато дали Русија искористила од овие резерви за нападот од вторникот.