Најголемиот дијамант во круната на Елизабета е индискиот скапоцен камен Koh-i-Noor, дијамант кој веќе век и половина е во сопственост на кралското семејство. Тој е запленет од Индија во 1849-та, по смртта на махараџата на Пенџаб, по што и самиот регион станува дел од британската колонија.
Во колумната во магазинот Тајм, новинарот Ishaan Tharoor, бара да дијамантот да биде вратен во Индија и ја предупредува кралицата Елизабета и дека поседувањето на Koh-i-Noor е жив баксуз.
"Владетелот Шах Џахан (тој што го изгради Таџ Махал) го вгради каменот во својот престол, за на крај да заврши затворен во кула од страна на неговиот наследник. Тој потоа е украден од персиските освојувачи во 18-от век кои го носат во Авганистан, кога дијамантот заминува од таму земјата е разрушена и во војна. Од таму завршува кај владетелот на Пенџаб. Но (благодарејќи на Британците) ниту тој не го задржува посебно долго, махараџата умира а Пенџаб ја губи својата независност. Во 1850-та тој заврши кај кралицата Викторија и сега седи во мртва тишина во Лондон," пишува новинарот на Тајм.
Тој потсетува дека и индиската влада побара да и биде вратен скапоцениот камен, исто како и индиските медиуми и народот.
"Вашата империја овенува, вашата монархија е импотентна а вашата нација е во европското море разбранувано од социјални и финансиски проблеми, можеби е време да ја проверите вашата гордост и да го предадете кралот на дијамантите. Не ми е посебно важно каде ќе заврши тој во Индија, се додека не е кај вас. Замислите каков модерен гест би било тоа: во долгови заглавената Британија доброволно го враќа скапоцениот камен на нацијата која ги купува нејзините луксузни автомобили и воени авиони. Сигурно, од сите луѓе, вие знаете да цените спектакл со добра симболика," завршува колумната.
Инаку Koh-i-Noor со векови бил еден од најсветите скапоцени камења кај Индијците. Во средниот век Индијците го сметале за "кралот" на сите дијаманти, за подоцна да го прогласат за "Планина на Светлината." За него, првиот император на Мугалската империја во своите мемоари пишува "дијамантот вреди колку храна за еден ден за сите луѓе на светот."