Професор Ферари до вчера претседател на Европскиот истражувачки совет, изјави дека реакцијата на ЕУ била толку лоша што ја разнишала неговата верба во самата Унија, објаснувајќи дека тој во ЕРЦ (European Research Council) дошол како „остар поддржувач на ЕУ, меѓутоа ковид-19 комплетно го промени мојот став.“
„Се плашам дека доволно имам видено и водење на наука и водење политички операции во Европската Унија... Јас ја изгубив довербата во самиот систем,“ изјавил Ферари за Фајненшл Тајмс, дополнувајќи дека е „екстремно разочаран од европскиот одговор на ковид-19.“
ЕРЦ е основан во 2007 со цел финансирање на најдобрите научници на Европа, и благодарејќи на годишниот буџет од околу 2 милијарди евра станува една од најпрестижните институции за финансирање на науката.
„Мислев дека во вакви времиња, на најдобрите научници на светот треба да им бидат одобрени ресурси и можности за да се борат против пандемијата, со нови лекови, нови вакцини, нови алатки за дијагностицирање, нов бихејвиорален пристап базиран на наука, за да се заменат често пати импровизираните интуиции на политичарите,“ порачува професор Ферари.
Ферари објаснува дека неговиот план за справување со кризата кој го развил во соработка со фон дер Леен, кога бил предаден на најразличните слоеви на ЕУ администрацијата, „се распрснал при првиот допир (со нив)“.
Тој го осудува и „комплетното отсуство на координација на здравствените политики на земјите членки, постојаното противење на иницијативи за кохезивна финансиска поддршка, и преовладувачките еднострани затворања на границите во ЕУ“.
Пред една недела слично разочарување од ЕУ изрази и поранешниот грчки министер за финансии, Варуфакис, кој од противник на брегзит, по одвратната реакција на ЕУ на страдањето на Италија од коронавирусот, изјави:
„Не мислам дека ЕУ е способна да направи што било друго за нас освен да ни наштети. Јас бев против брегзит, меѓутоа сега стигнав до заклучокот дека Британците ја донесоа правата одлука, без разлика што тоа го направија од погрешни побуди“.