Во последниве 45 години, повеќе Американци загинале од оружје во самата татковината отколку што земјата има жртви во сите воени конфликти во кои учествувала. И тоа, не малку повеќе туку - 212.994 повеќе.
Па сепак, Американците денеска повеќе хистеришат околу ефектите на секонд хенд пушењето.
За нивните приоритети сликовито говори примерот со Старбакс. Дури откако го регулираше прашањето за пушењето (не смее да се пали цигара на помалку од 7,6 метри оддалеченост од дуќанот), надлежните ги замолија своите муштерии да не внесуваат оружје.
Многу порано на сето ова претходеше славниот случај Либек против Мекдоналд кога жената доби судска отштета затоа што се изгорела од кафе а никаде не било наведено дека кафето е жешко. По ова, Старбакс реши да се покори на препораката да не се служи кафе потопло од 82 целзиусови степени.
Иако општата стапка на криминал опаѓа, бројот на жртви од оружје во САД изнесува 32.000 годишно и е во пораст.
Ако овој масовен масакр не заслужува во таа земја да биде испратен некаков медијатор од Обединетите Нации или некоја надлежна невладина, тогаш не знам што заслужува, се прашува Хенри Портер од Гардијан.
Во еден разбирливо циничен тон, Портер се прашува дали сите ние, како граѓани на светот, не треба гласно да побараме да престане страдањето на недолжните цивили од САД и она што таму се случува да не го третираме како внатрешен американски проблем туку како меѓународна хуманитарна криза, своевидна квази граѓанска војна која просто бара странска интервенција.
За крај, само уште една цифра. По пресвртниот 11-ти септември се случиле помалку од 20 смртни случаи поврзани со тероризам. Во истиот период, настрадале 364.000 луѓе во инциденти предизвикани од оружје кое го поседуваат американските граѓани кои се "подобро вооружени и можеби само малку понервозни од сиријските бунтовници".