Во Далмација викаат: добриот коњ има стотина мани, а лошиот само една - не го бива. Исто ви е и со жените. Пред да збеснат "политички коректно" вознемирените, дозволете да се повикам на сериозни авторитети. Мирослав Крлежа во Знамиња спомнува врвен комплимент за својата хероина, стасита и убава поетеса: "хановеранска бедевија". Милан Кундера, пак, ќе повтори сличен комплимент во Смешните љубови: прочуениот др Хавел ќе се убие од мака да смува една убавица налик на "тркачки коњ" (ќе успее). Молам да не се потценуваат коњите, тоест кобилите; нè има нас кои сакаме "коњатост" кај жените, пред сè во смисла на сапите, но и на бистрото, сјајно око и раширените ноздри. Ако ме разбирате.
Е, сега, за грдотијата. Во минатиот број на Време, читателот Богдановиќ Југослав исправно забележа дека "сум опседнат со убавите жени": "Што би мислеле вие за луѓето кои ве отфрлуваат само затоа што сте грди?", ме прашува тој мене и попатно забележува дека и не сум баш некоја убавина. И последново исто така е жива вистина. Кога еднаш се кандидирав за директор на БИА, како свои предности ги наведов следниве: премногу сум стар за да бидам амбиоциозен, премногу сум суетен за лесно да наседнувам на ласкања а и грд сум како краба, па според тоа по дефиниција сум непристрасен и објективен (тоа бесрамно го џапнав од Џон Ле Каре, со должна атрибуција). Значи, таков проблем немам: каков сум - таков сум, некако се тркалам и ваков, не се жалам.
Туку, да се вратиме на темата. Убавата жена има стотина мани, ако сте ситничави и ако - нејќе да ви даде. Грдата жена има само една мана - не ја бива, но, тоа не е естетска туку пред сè душевна работа, да не кажам карактерна; некако исто му доаѓа. Познавав "објективно" (во смисла на габаритност и моментално пожелна естетика) убави жени кои од некоја причина беа беа такви скотови што не би ги пипнал ни со службен пендрек (уште познавам некои од нив).
Некои причини? Хмм, да видиме. Арогантни кучки - убавици, манипулативни и бездушни; залупани амбициозни писателки на кои не им недостасува ни убавина ни седало, но им фали талент и понизност, без кои и зицфлајшот (дури и најубавите, високи, цврсти и заоблени газови) не вреди; локални гадури, згодни и мераклијки, но лакоми и лишени од секакви морално чувство; политички амбициозни мисирки кои (а тоа и го правеа) секого би предале; итн., го има тоа колку сакаш, како и кај мажите. Да ги видиш на улица, сигурно ќе се свртиш по нив, ама се грди одвнатре и тука помош нема; тоа гарант од таму доаѓа.
Од друга страна, на прв поглед грдите жени (по мерките на г. Богдановиќ, не на моите) имаат обичај да бидат полни со пријатни изненадувања. И тоа е сето од внатре. Живеев еднаш така со една "бедевија" (Крлежа); кога ја запознав се смрзнав и прво што реков беше "Ама си ти грда", "Знам", ми рече и ми се насмевна а јас паднав на гз. Е, тоа ви викам. Ги знам многу такви: на прв поглед не би им зел орев од рака а кога таму, да не должам сега.
Убавината и грдотијата немаат никаква врска со тн. преовладувачки стереотипи на убавината, па според тоа и на грдотијата, иако грдотијата никогаш не се дефинира ниту опишува како тие стереотипи на убавината; пофалби им се пеат на убавиците, со сите можни анализи, а ругобите никој не ги анализира. Кога некој би пробал, би стигнале овде кај што сме сега, во овој писмен состав. Но, естрадните рибетини и нивните силикони и ебачини се сечие гајле. Останатите жени, па и они демек "грди" никого не занимаат - сè додека, како некои кои ги знам, не се наметнат безобразно и навалентно, па се избуткаат на оној посран "црвен килим" и пред објективите на папараците. Поарно да не спомнувам имиња, јас и онака не разбирам ни кемп, ни арт; јас сум и приглуп, освен што сум ружен.
Тука доаѓаме до мистериозниот поим за "шармот". Убавината е едно, грдотијата, иако неистражена - друго. Шармот е тука, како што ми се чини, најважен. Што е шарм - не прашувајте, долга приказна е тоа. Тоа е веројатно она што грдите жени и мажи ги прави привлечни, дури и убави. Кога како клинец живеев во Стразбур, тамошните девојки викаа дека имам "le charme slave", онака висок, слаб, кракат и блесав: ругоба, накратко; ама најдоа нешто, поарно така отколку да не најдоа, да не должам сега на таа тема. Што е шарм? Мoжеби тој мој "словенски шарм", не би знаел да ви кажам.
Но, имам забележано, има тука нешто кај шармантните жени: брз ум, остар јазик и смисла за хумор, над сè. Има и телесен шарм: извесна грациозност на екстремитетите и движења кои ја издаваат внатрешната убавина и елеганција, не спорам. Смислата за хумор, уверен сум во тоа, е најважната состојка на тој фамозен шарм.
Ништо пострашно од надркана убавица без смисла за хумор, тупава и суетна преку секоја разумна мерка; впрочем, полни се филмовите со такви, знаете на што мислам. Ништо потажно од убава, но несигурна жена која се брани така што не затвора уста и меле без престан, наместо да го пушти паметот во погон, а има памет, туку не знае што да прави со него. Таканаречените "грди" жени брзо сфаќаат каде се јаки па го пуштаат и паметот и духот во погон; резултатите умеат да бидат спектакуларни.
Внимателно, значи, со убавината. И со грдотијата.
Милош Васиќ, Време