Сандерс моментално е 78, Бајден е 77, додека Трамп со 73 е цел мандат помлад од моменталниот лидер кај демократите. Без разлика кој ќе победи од нив тројца, тој што ќе дава претседателска заклетва во јануари 2021 ќе биде најстариот човек во американската историја што некогаш ја вршел таа функција.
Сите тројца се родени во 1940-те, што во историски рамки е пред независноста на Индија и Израел, а секој од нив е постар од претходните тројца претседатели на САД (Обама, Клинтон и Буш). И да не се овие тројца, Елизабет Ворен исто така би била најстариот американски претседател, а и губитниците во претходните избори, Хилари и Ромни, се родени во 1947.
Едно од најочигледните објаснувања е дека претседателските кандидати се толку стари затоа што и луѓето што ги гласаат се стари. Популацијата над 65 години редовно повеќе излегува на избори отколку младите гласачи, а и политичките истражувања покажуваат дека гласачите преферираат кандидати „кои се најблиску до нивна возраст“. Оваа теорија е спротивна на искуствата во останатите развиени земји низ светот, пример Британија, каде луѓето над 55 години неспоредливо повеќе гласаат отколку оние под 30, и пак Борис Џонсон е „само“ 55 години. (Бајден, Сандерс и Трамп се постари од сите претходни британски премиери од Тони Блер до денес.)
„Американското раководство е старо, од горе до долу. Американската влада е машинерија што шкрипи и чии најважни запчаници, со многу попуштање, може да се опишат како ’винтиџ’. Просечната возраст на Конгресот е на речиси највисоко ниво до сега. Сите клучни функционери во Конгресот се на возраст над 75 години,“ објаснува Дерек Томсон во Атлантик.
Според негова математика истото е и во науката, па во последните 40 години возраста на добитниците на Нобелова награда во речиси секоја дисциплина константно расте. Во бизнисот, кај топ 500-те компании, просечната возраст на ЦЕО-та во последните 14 години е зголемена за 14 години. На Американците над 55-годишна возраст отпаѓа една-третина од населението, но поседуваат две-третини од вкупното богатство на САД.
Друго објаснување што го има Томсон е дека претседателските номинации неспоредливо се во корист на постарите, бидејќи тие имаат подолго време за да изградат мрежи на донатори и дека е поверојатно да го преземат ризикот сами да се финансираат.
„Ако Џеф Безос годинава го напушти Амазон за да се кандидира за претседател, тој треба да се откаже од своите најпродуктивни години во приватниот сектор. Трамп и Блумберг во меѓувреме се богати дедовци чии најзначителни постигнувања во приватниот сектор се зад нив.
Тие можат да си дозволат да се кандидираат за претседател на шега, и во буквална смисла (очигледно можат да си го дозволат тоа) и во егзистенцијална смисла: што друго ќе прави Блумберг на 80 години, ако не ги троши парите на политички цели, вклучувајќи се и себе си како цел?,“ пишува Томсон.
Без разлика која е причината за подемот на старците во политиката, Томсон наведува два проблема што произлегуваат од годините: прво, моќта концентрирана во рацете на стари и богати несомнено ќе доведе до политики што се во корист на старите и богати, и тоа на штета на помалку привилегираните. Второ, старите „владетели“ знаат да бидат лоши владетели заради губење на допир со реалноста и здравствените проблеми и намалување на работните капацитети кои произлегуваат од возраста.