За брегзит што правиме?

Тоа што брегзит беше консултативен референдум, неговите резултати (исполнет цензус и само 3% разлика меѓу заминување и останување) на ниту момент вистински не ја поколебаа целата британска бирократска машинерија да тргне кон спроведување на крајниот исход, без разлика што тоа значеше отцепување од ЕУ. Сепак на околу 6 месеци пред заминување не се знае како тоа точно ќе изгледа.

Датумот за Британија е 29 март 2019, меѓутоа веројатно до крајот на годинава треба да се заврши жонглирањето со опциите кои земјата ги има на располагање: излегување со договор или без, ако е со договорот дали тој ќе биде изгласан од парламентарците или и тој ќе се стави на референдум, а ако се стави на референдум дали таму ќе биде дадена опција гласачите во 90-та минута да го поништат првиот референдум за брегзит и да останат во ЕУ.

Откако обидот на Тереза Меј да ги придобие ЕУ лидерите на самитот во Салцбург беше комплетен феил, во октомври британската премиерка во Брисел ќе има средба со колегите од континентална Европа за постигнување некаков договор.

Ако и ова не успее, тие ќе имаат последна (последна) шанса да си пружат рака на специјален самит во ноември.

Доколку и средбата во ноември мине како минативе две години, Британија најверојатно излегува од ЕУ без никаков договор, што мнозински се смета за најлошиот можен исход.

 

3 октомври 2018 - 12:07