„Практично, сечиј мит, вклучувајќи ги и оние кои за себе ги имаат домородците на некоја територија е погрешен“, вели генетичарот Реич од Харвард, сумирајќи ги резултатите од опсежните анализи темелени на напредни техники за анализа на ДНК и изотопите во најдените коски и заби ширум светот.
Не постои уникатно германско генетско наследство, ниту француско, ниту кое и да е. На пример, само 25% до 40% од составот на денешните Англичани е од англо-саксонско потекло, а тоа важи и за келтските упоришта како Велс и Шкотска.
Европа е мешавина на генетски материјал направена во најмалку три големи бранови миграции кои се имаат случено во последните 15.000 години. Ним им претходи и миграција од Африка преку Блискиот Исток, која се случила пред 43.000 години, но таа оставила многу мал траг во генетиката на денешна Европа.
Првиот бран се случил пред добри 14.000 години, кога доаѓа население од Блискиот Исток. Се занимавале со лов и собирање, и нивната генетика ја има меѓу нас - во помала мерка - и ден денеска.
Вториот бран се случил пред 9.000 години, од јужниот Балкан и Анадолија. Тоа се `калешите` луѓе, најзастапени денес во Сардинија, со темна коса и кафени очи. Тие луѓе биле земјоделци и го рашириле земјоделството од Балканот и Анадолија, кон централна и северна Европа.
Третиот бран се случил пред околу 5.000 години, кога булумента високи мажишта навлегле во Европа, на коњи, од степите северно од Црното Море. Се занимавале со сточарство.
Интересно е дека овие т.н. Јамнаја луѓе, ги оставиле своите високи жени некаде во денешна Русија, и се дружеле со црнокосите ќерки на земјоделците од Балканот и денешна Турција.
Оваа комбинација од три дела секако варира низ Европа. На север има повеќе од Јамнаја, а помалку од `Балканците/Анадолијците`, а на Балканот, јужна Европа и по островите како Сардинија, има повеќе од калешите земјоделци. Но никој не е „чист“, ако веќе треба тоа да се посочи.
Освен можеби австралијанските Абориџини кои имаат најмалку упад на „туѓа“ крв во своите вени.