Обврската за шлем на точак е гола вода

Пишувавме ние за ова (во капс лок, за да видат и слепци) и кога со себе ја имавме само интуицијата (Види: "И Груевски не е за кацига на точак") а сега и истражувањата ги потврдуваат нашите две клучни премиси: дека задолжителните кациги не вршат работа и дека велосипедистите се најбезбедни кога правиш услови да ги има многу.

На прв поглед, таквата опрема има клучна улога во заштитата на велосипедистите. Но, на прв поглед и Земјата е рамна.

Фактичката евиденција на оваа тема доаѓа од студија на истражувачи од Ванкувер кои ги проверувале релевантните параметри (фреквентност на користење, повреди, болнички интервенции, законски регули....) во 11 канадски дистрикти во периодот 2006.-2011. година.

Утврдиле два фактора битно поврзани со хоспитализациите. Еден е полот: жени далеку помалку завршуваат во болница. Можни се две објаснувања: или жените поретко се решаваат да возат кога немаат пристојни услови за тоа, или пак, возат побавно и посигурно. Вториот фактор е локалниот модел на превоз: онаму каде што велосипедисти процентуално има најмногу, таму има најмалку нивни хоспитализации.

Со други зборови, безбедноста е во бројноста.

Она што истражувањето не нашло тоа е врска меѓу законите за шлемови и степенот на повреди и болнички третмани. И кај обичните несреќи на велосипед и кај оние поврзани со други учесници во сообраќајот. Дури и го стесниле интересот на повреди на делови од телото кое кацигата треба да ги штити (черепот, лицето, вратот), повторно не нашле битна конекција. 

Поентата не е дека кацигата не прави ништо добро. Ако ја носите и паднете на глава, сигурно ќе помогне. Но, овде се работи не за ниво на личен пример туку за ниво на регулативите. А фактите зборуваат дека постојат многу поефикасни мерки за подобрување на сообраќајната безбедност отколку наметнувањето обврска да се носи кацига на точак -  услови, инфрастуктура, паметно и ефикасно смислување обележани патеки и сл. 

Што нè враќа на истиот капс-лок муабет:

ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ СЕ НАЈЗАШТИТЕНИ КОГА ГИ ИМА МНОГУ. КОГА ГИ ГЛЕДАШ НАСЕКАДЕ, ДУРИ ТОГАШ ТИЕ СТАНУВААТ ВИДЛИВ ФАКТОР ВО СООБРАЌАЈОТ.

СТАНУВААТ УЧЕСНИЦИ КОИ НЕ МОЖЕШ ДА ГИ ИГНОРИРАШ. УЧЕСНИЦИ НА КОИ ВОЗАЧИТЕ НА АВТОМОБИЛИ ПОЧНУВААТ ДА ВНИМАВААТ.

НАМАЛИ ГО БРОЈОТ НА ВЕЛОСИПЕДИСТИ И СО ТОА АВТОМАТСКИ ГИ СТАВАШ НА ОТСТРЕЛ, ДА БИДАТ КАЧЕНИ НА ХАУБА СО ПРОПРАТНОТО: "ОД КАДЕ ИЗЛЕЗЕ БЕ ДЕЧКО, НЕ ТЕ ВИДОВ?".

ТОА Е УМНА ПОЛИТИКА - ДА ПРАВИШ УСЛОВИ ДА ГИ ИМА МНОГУ А НЕ ДА НОСИШ ПРОПИСИ ДА ИМ ГО ОДМИЛИШ ТОЧАКОТ.