Во првите месеци од ковид, затворањето на училиштата и наставата од дома беше најиздржаното логично решение, ем за заштита на децата, ем на родителите и дедовците и бабите. Сега кога почна да се пресметува штетата направена врз децата, математиката е поразувачка.
„Новите податоци покажуваат дека штетата што е направена е полоша отколку што кој било очекуваше. Испраќањето на децата дома спречи многумина од нив да научат прописно да читаат.
Пред пандемијата 57% од 10-годишниците во државите со ниски и средни примања не можеа да прочитаат проста приказна.
Процените се дека денес оваа бројка е порасната на 70%, а уделот на 10-годишници во Латинска Америка, најмногу погодениот регион, кои не можат да читаат, би можел да порасне од 50 на 80%.
Децата кои никогаш нема да ги совладаат основните ќе бидат помалку продуктивни и ќе заработуваат помалку. Консултантите од Меккинзи, проценуваат дека до 2040 образовните загуби во училиштата би можеле да предизвикаат загуба на глобалниот БДП од 0,9% отколку што инаку би бил - годишен минус од 1600 милијарди долари.
Светската банка смета дека ова пореметувње би можело да ги чини децата минус во заработката што ќе ја имаат до крајот на животот од 21000 милијарди долари. Процената во 2020 беше дека оваа бројка ќе се движи околу 10000 милијарди долари,“ пишува Економист.
Пресметката за траењето на затворањето на училиштата покажува дека целосното и делумно затворање во просек трае 29 недели во Европа и 32 недели во суб-сахарска Африка. Во Латинска Америка просекот е неверојатни 63 недели (над година и два месеца), а во Јужна Азија дури 73 недели.
УНЕСКО смета дека во тек на две години, речиси 153 милиони деца пропуштиле повеќе од половина од целото школување со присуство, а над 60 милиони пропуштиле три-четвртини.
На крајот на мај 2022, учениците во 13 држави и понатаму беа под рестрикции за настава со присуство, меѓу нив и Кина, Ирак и Русија.
Карактеристично е што затворањата често пати се најдолги во државите со силни наставнички синдикати, државите во кои жените обично не се вработени и државите во кои локалните власти се задолжени за нивно менаџирање.
Како пример се дава централизирана Франција, каде Макрон ги врати учениците во клупи уште пред крајот на 2020, додека во САД заради децентрализацијата, отворањето на училиштата се разликуваше меѓу регионите и за по една година.
Индија, на која отпаѓаат една-петина од учениците на планетава, ги затвори училниците во март 2020 и некои останаа затворени до февруари годинава. Дел од децата што излегоа од училиште, почнаа да работат најразлични работи за да помогнат во домашниот буџет, додека часовите ги имаа ставено на пауза.
Учениците речиси имаат глобален консензус дека премалку научиле за време на далечинската настава и дека добар дел нашле начин да го излажат системот со праќање решени домашни по мобилен.
Светската банка, Харвард и Брукингс институтот прават анализа на 35 студии за загубите во образование спроведени во 20 главно богати држави.
„Нивниот заклучок е дека просечната загуба на образование во сите овие студии е еднаква на тоа што вообичаено би се научило во третина до половина од нормална образовна година,“ пишува Економист.
Процените се дека ова се добрите бројки на светско ниво, бидејќи за сега статистиките доаѓаат главно од богатите држави.
Пресметките на Меккинзи, кои се обидуваат со свои равенки да ги пополнат празнините во бројките, покажуваат дека глобално децата во просек се 8 месеци поназад со образованието од тоа што би требало да бидат, а заостанувањето на многу места може да е и меѓу 9 и 15 месеци.
Главната штета е кај земјите со средни приходи, бидејќи богатите се извадија на пари и брза реакција на пандемијата, а кај сиромашните училиштата и образовниот систем и онака се толку лоши што на учениците не им прави разлика дали одат на училиште или не.
На светско ниво заостанувањето е поголемо во математика отколку во читање, а најмногу настрадале учениците во основно училиште.