Заради брзо терање на својата коњска кочија претседателот и ден претходно бил сопрен од истиот полицаец но поминал само со опомена. Вториот пат сепак бил приведен во полициска станица за да си плати казна од 20 долари. Двајцата подоцна стануваат пријатели кои често разговараат за својата заедничка љубов, коњите, а целиот случај е опишан во Вашингтон Стар.
Но, ретко полициските сообраќајни рации завршуваат со ваков епилог за што сведочат зачестените пукања и убиства во САД на оваа тема. Тоа беше сценарио и за претепувањето на Родни Кинг и за немирите во Њуарк 1967 или во Вотс 1968 година.
Според официјалната статистика, сообраќајната контрола е најчестата причина за контакт со полицијата. Од сите цивил-полицаец средби, 42% се направени по овој повод.
Автомобилите се трансформативни цивилизациски артефакти во многу погледи, па и во однос на полицијата. Нејзината денешна бројност, во многу се должи и на нивната масовност (пар позорникари наоколу ќе се гањаа со пар апаши, па кој побрз).
Во 1910. САД имаат 60.000 полицајци. Во 1930. повеќе од двојно, 130.000. Во меѓувреме не се сменило ништо битно освен што автомобилите стануваат масовна појава (Фордовиот Т модел се појавува 1908; 15 години подоцна масовно се произведуваат)
Дотогаш улицата им припаѓа на сите. Не постои концептот на тротоар, концепт на пешак, не постои никаква регулатива, не постои тупење на децата да гледаат лево па десно (па пак лево!) пред да прејдат улица.
Но доаѓаат ТИЕ и ги завикуваат "машини на смртта". Со многу право: од 1925 година во сообраќајќи (главно прегазувања) гинат 20.000 луѓе годишно, над половина од денешните жртви, кога машините се далеку помоќни, популацијата трипати поголема а извозената километража 25 пати подолга.
И нормално, богатите имаат автомобили пред нив да ги има полицијата. Па луѓето од редот можеле само немоќно да гледаат додека аздисаните богатуни 'шишкаат' покрај нив. Па доаѓа нешто регулатива и ограничување на брзината, цајканите добиваат нешто коли, но - немаат радари.
Како тогаш се казнувало за брзина? Главно на два начина:
а) полициската кола ја стигнува цивилната, вози паралелно со неа и џандарот гледа во својот брзиномер колку се вози.
б) тн 'брзински стапици': цајкан на една точка дава сигнал дека минал автомобил, колега на друга точка ја чека колата со штоперица во рака, па го запира па рачуна колку брзо возел (метод кој веројатно не бил многу омилен кај нив поради потребата од интензивно користење математика).
Новите технологии на автоматизирано возење би можеле сите овие денешни сообраќајни трагедии да ги остават во минатото. Но, први такви коли сигурно пак ќе ги имаат богатите. А на цајканите ќе им остане да казнуваат сиромаштија која вози стари коли, како што е тоа обичај со децении.