Италија би да воведе закон против парламентарци-преселници

За следните избори во Италија се пријавени 98 партии и движења, и колку и да изгледа голема бројката ова е над 50% помалку од 219-те партии и движења кои беа пријавени на претходните избори. Сепак она по што последниот италијански парламентарен состав влегува во историјата е бројот на селења на пратеници од една во друга партија.

За траењето на 5-годишниот мандат имаше вкупно 524 преселби, односно 203 парламентарци и 133 сенатори мандатот не го завршија во партијата во која го почнаа. Во бројката се вклучени и парламентарци кои правеа по неколку трансфери.

Вкупниот број од 336 народни избраници кои ја смениле партијата, изнесува 35,37% од вкупниот состав од 945 луѓе, или во просек месечно 10 парламентарци се селеле од партија во партија. Ова е два пати повеќе отколку во претходниот парламентарен состав.

По сите овие основи, дел од партиите (меѓу кои и Движењето на 5 ѕвезди кое во овој мандат изгуби 21 парламентарец) побара спречување на преселбите со закон и воведување казна од 100.000 евра за префрлање од една во друга партија за време на мандат.

Проблемот со оваа иницијатива е што правото на селење од партија на италијанските парламентарци им е загарантирано со Устав во кој се вели дека „секој член на парламентот ја претставува нацијата и ја извршува својата должност без ограничување на мандатот.“ Правото на преселба делумно е и за да се заштити парламентарецот од партиски притисоци.

Во пракса ова право е до перверзија извитоперено, па одредени партии за прибирање на поголемо мнозинство и гласови во парламентот им нудат на туѓите парламентарци подобри услови за работа, поголеми фондови за управување (ако се на власт) и слични парламентарни подобности.

25 јануари 2018 - 11:49