Во петокот Меркел се враќа од Брисел во Берлин, прилично задоволна од себе и од договорите што успева да ги постигне со останатите членки на ЕУ околу бегалците (што билатерални, што на ниво на ЕУ). Во интервју по враќањето во Германија Меркел наведува дека договорите што таа ги постигнува се „wirkungsgleich“ како и алтернативниот предлог на коалициониот партнер ЦСУ кој бара „второстепените“ бегалци регистрирани во останатите ЕУ држави да се враќаат назад кога ќе пристигнат на германска граница.
ЦСУ работата не ја гледа така па по 8-часовен состанок на раководството, партијата излегува со став дека пакетот мерки што го преговара канцеларката не е wirkungsgleich. Хорст Зехофер, министер за внатрешни работи на Германија и лидер на ЦСУ, изјавува дека ваквата ситуација му остава три опции: да живее со овие неадекватни мерки, да наметне нови гранични контроли наспроти изричитото спротивставување на Меркел или да поднесе оставка.
„Тој ја одбра третата опција и им ја кажа на колегите кои го наговараа да се предомисли. Во раните утрински часови, тој ја реформулираше оставката како понуда, за која треба да биде решено во следните неколку денови,“ се објаснува во текстот за Економист.
По ова во текот на денов во Берлин се среќаваат пратеници од ЦДУ (на Меркел) со колегите од ЦСУ, додека во исто време луѓе од раководството на ЦСУ треба попладневно да се сретнат со Меркел во обид да најдат заедничка позиција.
Иако двете страни крајно германски и продуктивно „ја нагласуваат својата подготвеност за компромис,“ ако не дојде до тоа (што исто така е веројатен исход откако Меркел вчера на раководството на својата партија му порачала дека не би можела да ги погледне колегите од ЕУ во очи ако нејзината влада еднострано наметне нови ограничувања за бегалците) тогаш многу е веројатно дека Зехофер ќе ја спроведе својата закана, давајќи оставка и како министер за внатрешни и како лидер на ЦСУ.
Ваквиот можен потег на Зехофер повлекува дополнително суштинско прашање за иднината на германската влада - дали него ќе го следат и останатите министри од ЦСУ. За сега Судер, најверојатниот заменик на Зехофер на чело на ЦСУ, е на став дека нема да се случи напуштање на владата. Според Економист и најавената оставка на самиот Зехофер најверојатно е затоа што тој потегот го гледа како далеку помирољубива опција отколку останувањето на својата позиција и евентуален распад на владата.
Сепак, доколку на крај ниту една од страните не попушти и ЦСУ излезе од Владата, Меркел останува на нејзината ЦДУ и на социјал-демократите од СПД, со што малку ќе им недостига за мнозинството. Иако има опција да владеат и како малцинство, тоа би било спротивно на германската политичка пракса, па поверојатно од ова е да се случи коалиција меѓу Меркел, СПД и Зелените, меѓутоа и таа можност утрово беше отфрлена од ко-претседателот на Зелените.
„По збрката од излегувањето на ЦСУ може и Меркел да е пред заминување: или да се откаже од сопствениот договор или да изгуби доверба во Бундестагот. Меѓутоа таа е многу поверојатно да остане, барем на краток рок. Дури и Меркел-скептиците во нејзината партија се ужаснати од ризичното однесување на ЦСУ, кое помогна во застанување на ЦДУ зад раководството на партијата,“ објаснува Економист.
За разлика од нив, постапките на ЦСУ се осудени како од јавноста, така и од членовите на партијата кои во последните истражувања повеќе ја поддржуваат позицијата на Меркел, отколку онаа на претседателот на сопствената партија, „перцепцијата дека ЦСУ се однесува невнимателно и неразумно, станува се пораширена.“
„Па зошто тогаш ЦСУ е упорна? Веројатно најважната работа што треба да се знае за сегашниот судир е дека тој речиси целосно е поврзан со емоции и речиси воопшто нема врска суштината. Бројот на азиланти кои секој месец пристигнуваат во Германија е паднат од околу 200.000 во врвот на кризата во 2015, на 10.000 во мај годинава. Месечното пристигнување на имигранти регистрирани во останатите ЕУ држави, што е проблематичната точка во граничниот режим предложен од Зехофер, се брои во неколку илјади. Неговиот план е преплавен со логистички проблеми, додека проблемите што произлегуваат од зделките што ги направи Меркел веднаш може да се менаџираат,“ пишува Економист.
Според нив во целата равенка никако не треба да се заборави стравот на ЦСУ од подемот на Алтернативата за Германија која ја ситни поддршката за партијата во Баварија преку своите анти-имигрантски позиции.
„Нивната поддршка паѓа, часовникот чука а Меркел не се поместува. Нешто ќе мора да попушти,“ се порачува во текстот на магазинот.