Со неочекувано долгата служба следува и редица проблеми, од кои во портфолиото на Меркел се запишани: постојаната криза во евро-зоната, проблемите со Русија, енергетската криза на Германија, брегзит и бегалската криза.
Во сите овие ситуации таа е столбот и одговорниот за менаџирање на кризи во Европа. Според Кварц нејзиниот стил на менаџирање се сведува на четири чекори.
- Научи да чекаш
Иако за време на криза тешко е да избегнеш избрзани реакции, како што објаснува професорот по политички науки од Ковентри Универзитетот, Метју Квотруп, Меркел ужива во чекањето. Ова е до толку забележливо што Германците имаат збор за нејзиниот стил на лидерство: Мерекелн - да не се прави ништо, да не се носат одлуки, и да не се даваат изјави.
Оваа тактика најмногу беше забележлива во преговорите со финансиски заглавените членки на ЕУ, за тоа како тие да ги вратат парите и да научат да не трошат. Таа за цело време одбиваше да дозволи испраќање финансиски пакети за спас на странските влади, чекајќи до последниот момент за да постигне компромис.
Слично беше и со геј бракот во Германија, кој таа знаеше дека нејзините противници ќе го искористат против нејзе како лидер на конзервативците. Меркел чекаше ставовите кон геј браковите да бидат доминантно позитивни, пред целиот концепт да го стави на гласање. Геј браковите беа дозволени, а таа беше величена како борец за либерални права и покрај тоа што таа самата гласаше против, за да ги задржи своите поконзервативни поддржувачи.
- Планирање за во иднина
Меркел секогаш ги зема предвид долгорочните последици на своите решенија за кризите. Па кога се спасуваше Грција нејзиниот план го имаше предвид долгорочниот интегритет на еврото и потенцијалот за идни кризи.
Во судирот со Варуфакис, Меркел остана на своите позиции за потребата да се штеди за да се смири стравот на меѓународните кредитори од пропаѓање на земјата. Варуфакис изјави дека попрво ќе си ја отсече раката отколку да потпише нов договор во кој нема отпишување на долговите. Крајниот резултат е многу краток мандат на Варуфакис како министер за финансии, кој заврши по неколку месеци, а Грција го потпиша она што Меркел го бараше од нив.
- Не се плаши да смениш позиција
Кога беше грчката должничка криза Меркел зазема крајно непопустлива и конзервативна позиција, што одлично беше прифатено од нејзините симпатизери во Германија.
Кај бегалците беше поинаку и иако конзервативна таа одлучи да ги отвори вратите за мигрантите "и остана на своите хуманитарни убедувања, дури и кога тие се покажаа како непопуларни."
Таа имаше слично неочекувана позиција околу нуклеарната енергија, кога по катастрофата во Фукушима изјави дека до 2022 планира да го прекине користењето на нуклеарна енергија во Германија. Пред да ја донесе оваа одлука, се најавуваше дека Меркел ќе го продолжи работењето на германските нуклеарни реактори во просек за по 12 години.
- Биди досаден
Стилот на лидерство на Меркел генерално е опишан како „досаден“ или „инспиративен како квартален извештај за растот на евро-зоната,“ и „далечен и пасивен“.
Процената на експертите е дека ова оди во нејзина корист затоа што околината ја доживува како технократ со вонредно внимание на детали, и дека нејзиното смирено и рационално однесување "ќе ја истера Германија низ овој опасен период на светската политика".
Тоа што Меркел не е добар говорник, лингвистите сега го посочуваат како нејзино тајно оружје. Според нив нејзината одмереност, во комбинација со смирениот говор на телото ја прави да изгледа прибрана и спокојна, што придонесе таа да биде прогласена за победник на единствената ТВ дебата пред изборите.