Моленбек и градоначалникот што ги одомаќини џихадистите

Францускиот новинар Ерик Земур по нападите во Париз порачува "наместо да ја бомбардира Рака, Франција треба да го бомбардира Моленбек." Населбата која го достигна врвот на својата неславност по нападите во Париз, веќе со години локално се води како "фабрика за терористи."

Најмалку тројца од убијците од Париз се со потекло од Моленбек, што е изненадувачки за тие што немаат претстава за скорешното резиме на населбата. Виенскиот весник Die Presse, пишува:

"Моленбек прв пат се појави на насловните во 2001-ва: Абдесатар Дамане, човекот кој го уби авганистанскиот воен херој и лидерот на муџахединската армија во борбата против Талибанците, Ахмен Шах Масуд, беше редовен посетител на Исламскиот центар на 18 Ру де Манчестер, познат по радикалните ставови; исто како и Хасан Ел Хаски, за кој се верува дека е одговорен за нападите во Казабланка (41 жртва во 2003-та) и Мадрид (200 жртви во 2004-та). Оружјето што беше користено во нападот на Шарли Ебдо во јануари 2015-та доаѓа од Моленбек. Францускиот џихадист Мехди Немуш, кој изврши маскар во Еврејскиот музеј во Брисел, претходната година живееше таму. Во август 2015-та, Ајуб Казани од тука го започна своето патување во обидот да изврши напад на возот од Амстердам до Париз."

Освен ова од Моленбек доаѓаат и двајцата џихадисти убиени од белгиската полиција во јануари годинава во Вервје. Терористот Амеди Кулибали кој го напаѓа ХиперКошер супермаркетот во Париз исто така е минува време во Моленбек.

Гејтстоун институтот во својата анализа на Моленбек објаснува дека меѓународните медиуми моментално го дознаваат она што на локалците им е јасно веќе долго време. Населбата со површина од 6 километри квадратни (помала од Центар или Шуто Оризари) е најголемиот извор на борци на ИСИС од Белгија. Има околу 96 илјади жители, од кои над половина се муслимани, а од нив една четвртина се со потекло од Мароко, исто како и напаѓачите од Париз.

Според институтот, најголема одговорност за тоа што Моленбек станува средиште на радикалниот исламизам во Европа е токму неговиот поранешен градоначалник Филип Моро, кој 20 години е на функцијата (од 1992-ра до 2012-та).

Освен обвинувањата и редењето примери за анти-семитизмот на Моро, институтот во анализата ја објаснува и неговата блискост со радикалните муслимански лидери преку неуморната желба за власт на 2-деценискиот градоначалник. Тие го наведуваат и сведоштвото на адвокатот Етиен Дужарди за состојбата во населбата: "Партиите веќе долго време практикуваат форма на зближување базирана на избори, сите ги користат истите радикални џамии за ширење на својата порака за време на изборните кампањи. Некои нив ги гледаат и како големо множество на лесно достапни гласови."

"Изгледа тоа е начинот на кој градоначалникот Моро сметаше дека лично може да профитира од трансформацијата на Моленбек во бастион на џихадот. Тој самиот живее во богата населба, и можеше со голема ароганција да ги одбие граѓаните кои се жалеа за прекумерниот криминал. Тој ги добиваше изборите угодувајќи му на радикалниот ислам," стои во анализата на институтот.

целиот текст

28 ноември 2015 - 19:55