Зошто сега? Затоа што додека ја читам насловната сторија на Њујорк магазин, (тема Порнхаб) сфатив дека Твитер е политичката порнографија на нашето време: открива работи ама ги извитоперува, возбудлива ама затупува, понижувачка е за нејзините корисници, и, епа, ејакулативна. Лоша е за душата, и, како што Доналд Трамп секој ден покажува, лоша е за земјата.
Насловната сторија, на Морин О'Конор, користи аналитички податоци од цела деценија од веб-страната Порнхаб, која привлекува 75 милиони посетители на ден. Резултатите таа ги нарекува "Кинси извештајот на нашето време" - неполиран и нефилтриран портрет на неконтролирано либидо.
Бидејќи ова е семеен весник, читателите ќе мора сами да дознаат повеќе околу пикантериите од текстот на О'Конор. Меѓутоа има една важна поента која се истакнува. "Порнографијата нè учи да ја редиректираме сексуалната желба во желба за имитирање. Тоа е, социолошката теорија - и сонот на огласувачите - дека луѓето ќе научат да го посакуваат тоа што го гледаат."
Стив Џобс кажа слична мисла во 1998: "Луѓето не знаат што сакаат се додека не им го покажеш." Технологијата не користи само за опслужување на потребите. Таа нè учи и што сакаме. Ти никогаш не си помислил дека ти треба Ајфон, ама сега ти треба. Ти не си знаел дека ти се допаѓаат перверзните видеа со масажи, ама ти се допаѓаат. Ние го откриваме нашето најскриено - и најдолно - јас, само кога некој друг ќе ја отвори вратата од подрумот.
И тоа е она што Твитер го прави за нашата политика. Пишувањето во кратка форма може да биде информативно, афористично и смешно. Твитер е одличен кога е скроен како личен сервис за вести и може да биде корисен начин за комуницирање со читателите.
Меѓутоа деградирачката употреба на Твитер е надмоќна во однос на воздигнувачката употреба. Ако порнографијата се однесува на соголени тела што стенкаат, кај Твитер тоа е соголен мозок што стенка. Тоа е што и да падне на памет. А она што ќе падне севкупно претерано открива.
Друга информација од текстот на О'Конор кажува: "Порното отсекогаш било место за предавање на нерационални, тајни и општествено неприфатливи желби - што го прави место каде луѓето се чувствуваат слободни да дозволат нивните расни предрасуди и фантазии да дивеат."
Твитер не е ништо поразличен. Предрасудите цветаат на Твитер бидејќи на луѓето со предрасуди им дава анонимност заедно со инстантно и не цензурирано само-објавување. Тоа е место каде политичките умови можат да бидат валкани колку што сакаат - без опасноста или ризикот по сопствената репутација од појавување на собир на Ричард Спенсер (расист и фан на нацистичката идеологија).
Твитер не дека само што ја засилува грдотијата. Тој ја брише нијансираната, необработена мисла, која ја претвора во "расипан телефон" во кој оригиналното значење станува безнадежно изопачено со секој следен ретвит. Исто така протежира форма на себе-правично дигитално насилство и однесување на толпа кое може да уништи човечки животи.
Прашајте ја Џастин Сако, пиар директорка која во 2013 испрати ироничен твит на своите 170 следбеници додека се качуваше во авионот за Кејптаун. Таа напиша: "Одам во Африка. Се надевам дека нема да фатам СИДА. Се шегувам."
Кога се симна од авионот таа откри дека она што таа веруваше дека ќе се сфати како зајадлива опсервација за привилегијата на белците не беше ни најмалку така прочитано, и во тие 11 часа лет таа стана примерот за расист против кој беше започната глобална кампања за срамење. Таа остана без работа. Твитер, како што забележа авторот Џон Ронсон, е столбот на срамот на 21-от век.
И тоа исто така е дел од порнографијата на Твитер: сведочење на исмејувањето и понижувањето на други кое ни носи задоволство. Работи што никогаш не би ги кажале во живо, постапки кои никогаш не би ги направиле, станаа дозволени благодарејќи на заштитата од дигиталниот интерфејс. Откако дојдов на оваа работа, еден шегаџија на Твитер напиша дека се надева дека ќе завршам како Дани Прл. Нему ова сигурно му беше смешно. На мојот 11-годишен син не му беше. (Даниел Прл е американски новинар со еврејско потекло кој беше киднапиран и убиен од пакистански терористи.)
Ниту една дискусија за злото на Твитер нема да биде комплетна без обид да се разбере заљубеноста на 45-от претседател во него. Не треба да нè изненадува дека тој е жесток корисник, бидејќи тоа е рептилскиот медиум за рептилскиот мозок.
Меѓутоа тој исто така е совршен за неговиот стил на политиката на толпа: без посредници, директен и рафален. Така тој го избегнува омекнувањето од неговите советниците и пишувачите на говори. Така ја одржува аурата на харизматична автентичност која е предуслов за популистичка политика. Така тој се преправа дека се меша со неговите следбеници додека ја зголемува дистанцата од нив. Хуан Перон би обожавал Твитер.
Политиката, како и еросот, може да отвори пат за воздигање на нашата душа. Или може да го направи спротивното. Време е луѓето на кои им е грижа за политиката и душата да се тргнат од Твитер.