Минатата година триумфот на брегзит често пати беше поврзуван со подемот на Доналд Трамп како доказ за популистичкиот бран. Меѓутоа најголемиот дел од оние што се приклучија кон екстазата на самодокажување на англиските националисти беа натрапници. Брегзит е елитистички проект облечен во груба облека. Кога неговите шампиони со Оксбриџ образование го составија слоганот "да си ја вратиме контролата", тие мудро изоставија да додадат дека она што стварно го мислеа е контрола од и за елитите. Проблемот е што, како што изборите покажаа, премногу гласачи мислат дека таа контрола треба ним да им припаѓа.
Тереза Меј е класичен лажен брегзитер. Таа не го поддржа во минатогодишниот референдум и нема причина да се смета дека, приватно, таа некогаш го променила својот став. Меѓутоа, таа виде дека патот до власта води до работ на гребенот, од кој Британија ќе го направи својот скок во непознатото комплетно вон Европската унија. Нејзината стратегија беше стратегија на умирување - на националистите во нејзината партија, и на гласачите кои ја поддржаа крајно десната УКИП, и на хистерично џингоистичкиот ториевски печат, посебно Дејли меил.
Крајниот резултат од минатогодишниот референдум беше тесен и двосмислен. 52 проценти од гласачите го поддржаа брегзит меѓутоа знаеме дека многумина од нив тоа го направија под уверувањето на Борис Џонсон дека кога е во прашање Европа, Британија го заслужува своето парче торта и треба сама да го изеде. Дека Британија може да ја напушти ЕУ а и понатаму да продолжи да ужива во сите бенефиции од членството. Британците и понатаму ќе можат слободно да тргуваат со ЕУ и ќе можат слободно да живеат, работат и учат во која било ЕУ земја како и претходно. Ова, секако, е детска фантазија, и е малку веројатно дека самиот Џонсон верувал во истото. Ова беше дел од играта, паметна реплика која може да помогне да се добие дебатата.
Ама што ќе правиш кога изјавите за публика мора да станат јавна политика? 27-те земји членки на ЕУ мора да се обидат да извадат рационален исход од она што во суштина е нерационален процес. Тие мора да го постават едноставното прашање: Што Британците стварно сакаат? И договорот е дека Британците го сакаат она што не е возможно да го добијат. Тие сакаат сè да се промени и сè да продолжи како порано. Тие сакаат да стават крај на имиграцијата - освен за сите имигранти што им се потребни за нивната економија и здравствените служби да продолжат да функционираат. Тие сакаат да биде 1900 кога Британија беше суперсила и не мораше да прави комплицирани компромиси со странци.
За да ја преземе власта, Меј мораше да се преправа дека и таа, исто така, ги сонува овие невозможни соништа. И тоа доведе до нејзино прифаќање на лажниот популизам во кој тесното и нестабилно мнозинство кое гласаше за брегзит под лажната претпоставка, ќе биде одново оформено како "луѓето".
Ова не е конзерватизам - ова е чист Русо. Јавната волја е утврдена на тој свет референдумски ден. И на неа не смееш да и се противиш или да ја доведуваш во прашање. Одтаму и сојузниците на Тереза Меј во Дејли меил го користат јазикот на францускиот револуционерен терор, карактеризирајќи ги непослушните судии и парламентарци како "непријатели на народот" и "саботери".
И затоа Меј свика избори. Нејзината одлука да го направи ова - кога веќе имаше работно мнозинство во парламентот - некои го сметаат за чиста суета. Меѓутоа тоа беше неизбежниот резултат на народната реторика што таа ја прифати. Работното мнозинство не беше доволно - обединетиот народ мораше да има обединет парламент и еден, неоспоруван лидер: еден народ, еден парламент, една Кралица Тереза која ќе застане на гребенот во Довер и ќе замавне со копјето на суверенитетот кон проклетите континенталци.
И интересно е што ова изгледаше како возможно. Дури и кон крајот на април, кога лабуристите изгледаа дека се во хаос, а левичарскиот лидер се сметаше за неизбирлив, анкетите им даваа на ториевците по 20 поени предност и и' наговестуваа на Меј дека нејзиното крунисување е неизбежно. Сè што таа требаше да направи е постојано и постојано да ги повторува зборовите "силна и стабилна" и лабуристите ќе беа засекогаш уништени. Опозицијата ќе се распадне и ќе биде столчена во дамка од стари социјалистички дрндала и очигледно предавнички Шкоти. Британија ќе стане еднопартиска ториевска држава. Преплашената Европа ќе свитка глава пред овој приказ на британска фанатична лојалност и ќе прифати брегзит договор во кој залихите торта ќе бидат бескрајно обновувани.
Ама имаше три проблеми. Прво, Меј бараше огромно мнозинство за таа да може да ја истера битката за брегзит без да треба да се грижи за мрчењето во сопствените редови. Меѓутоа таа немаше претстава за што треба да биде битката. Бидејќи Меј не верува вистински во брегзит, таа го импровизира патот напред кој е многу грубо исцртан од други луѓе. Таа е ужасен актер кој чита сценарио во кое нема ниту заплет, ниту кредибилен крај што не е анти-климакс. Брегзит е предлог напишан на салфета. Тргни ги на страна пост-империјалните измислици и носталгијата, и таму нема речиси ништо, никаква јасна насока за тоа како само просечна европска држава со малку сопствена индустрија може да се надева дека ќе напредува со отсекување од својот најголем трговски партнер и најважен политички сојузник.
Меј бараше мандат за преговарање - ама што точно да преговара? Таа буквално не знае да каже. Се што можеше да артикулира се два слогани: "Брегзит значи брегзит" и "Немање договор е подобро од лош договор". Првото ја колабира идеологијата во тавтологија. Второто е апсурдност: со "немање договор" нема да има ни трговија, ниту авионите ќе летаат и сите ланци на набавка ќе пукнат. За да победиш на избори ти треба уверлив наратив, ама самата Меј не ја знае приказната на брегзит.
Второ, ако одиш на uno duce, una voce, ти треба харизматичен лидер со силен глас. Ториевците се обидоа да изградат култ на личноста околу жена која и нема многу личност. Меј е обичен конзервативен политичар. Нејзината позиција кон струката е претпазливост, внимание и тврдоглавост. На ќерката на викарот тажно и беше доделена погрешната улога на Робеспиер на брегзит револуцијата, отелотворение на британската народна волја за испраќање на саботерите на гилотина. Таа е чудна, здрвена, и, како што се покажа, склона на паника и нерешителност под притисок.
Да бидеме фер кон Меј, нејзиното колебање е резултат на далеку подлабоки контрадикции. Зборовите што таа роботски ги повторуваше, "силна и стабилна", ќе звучат подеднакво шупливо од устата на кој било конзервативен политичар. Ова е партија што ја втурна својата земја во егзистенцијална криза затоа што беше премногу слаба да му се спротивстави на малцинството националисти и таблоидни барони на печатот. Таа е цврста колку медуза и стабилна колку болва.
Трето, идејата за единствен британски народ зад гласањето за брегзит и излудена. Не само што Шкотска, Северна Ирска и Лондон имаат големо анти-брегзит мнозинство, туку и многумина од оние кои гласаа за брегзит се длабоко незадоволни околу ефектот на мерките на конзервативната влада околу штедење во здравствената заштита, образованието и останатите јавни сервиси.
Овој немир го најде својот глас во смелиот левичарски лабуристички манифест на Корбин, со неговите јасни ветувања дека ќе стави крај на штедењето и ќе финансира подобри јавни сервиси преку оданочување на корпорациите и многу богатите. Обраќањето на Меј до "луѓето" како мистичен ентитет наиде на обраќањето на Корбин до вистинскиот народ во нивниот секојдневен живот, кој не чезнее по националната судбина туку по добри училишта, функционален сервис на државно здравство, и достоен јавен превоз. Лажниот популизам се соочи со многу поискрениот вид на анти-естаблишмент радикализам кој ги увери младите и маргинализираните дека тие имаат за што да излезат и да гласаат.
Во изборна смисла, секако, двете сили се поништија една со друга. Меј ќе оформи влада со поддршка на протестантско фундаменталистичката Демократска унионистичка партија од Северна Ирска. Таа влада ќе биде слаба и нестабилна, и нема да има вистинска власт за да преговара за потенцијално значајниот договор со Европската унија. Брегзит е далеку од готов договор: тој не може да биде завршен без ЕУ да има сигурен партнер за преговори. Моментално нема таков и веројатно уште некое време нема ни да го има - барем не до завршувањето на некои други избори, меѓутоа веројатно ни тогаш. Потпирањето на подметнатото мислење за "народна волја" ја остави Британија без јасна претстава кој се "луѓето" и што тие стварно сакаат.
---------
Џонатан Пај на темава, тука