Радикалните промени што ги направи Зукерберг ги објасни како враќање на Фејсбук „на неговите корени, на поврзување на пријатели и роднини“ што ќе значи и намалување на времето што луѓето го минуваат на Фејсбук.
Триумфалните резултати од ова се дека корисниците минатиот месец минале 5% помалку време на Фејсбук.
„Вкупно, направивме промени кои го намалија времето минато на Фејсбук за околу 50 милиони часови дневно,“ соопшти Зукерберг за време на објавувањето на кварталните резултати.
Како што објасни основачот на Фејсбук, повеќе не му е важно колку време 2-те милијарди корисници минуваат на мрежата, туку дали времето им било „добро потрошено“.
Во оваа насока е и одлуката на Фејсбук да ја смени формулата која решава што ќе се појави во њуз-фидот на корисниците, и тоа во корист на длабоки човечки интеракции (со пријатели и роднини), а на штета на содржините објавени од медиумите и бизнис профилите. Ни Фејсбук, ни Зукерберг не објаснија како се одлучува која интеракција е „длабока.“
Фејсбук повеќе од година и нешто се погласно е прозиван за „токсичните содржини објавени на мрежата“ (насилни видеа во живо, лажни вести...), за искористување на „ранливостите во човековата психологија“ за навлекување на луѓето на социјалните медиуми, за задржување на нивното внимание и поткопување на нивната добробит.
Не е јасно дали резултати на Фејсбук се должат на промените направени од компанијата, или на фрустрираноста на корисниците од најголемата мрежа. Во последниот квартал 1 милион Фејсбук корисници од САД и Канада одлучиле да ги избришат своите профили.