
Мета, матичната компанија на платформите Фејсбук и на Инстаграм, во 2022 и 2023 година била одговорна за речиси секоја втора измама пријавена до платформата за онлајн плаќање Целе, која соработува со ЏП Морган и другите големи банки во САД.
Внатрешна анализа на компанијата од 2022 година покажа дека дури 70% од новите активни огласувачи промовираат измами, недозволени стоки или производи со лош квалитет.
Бизнисот со рекламирање лани ѝ донел на Мета 160 милијарди долари, 22% повеќе од претходната година.
Едгар Гузман, сопственик на компанијата “Half-Off Wholesale,” објавил 15 реклами за производи за градина, а во архивата на Мета открил 4.400 различни реклами што упатуваат на неговиот бизнис. Измамници од Кина, Шри Ланка, Виетнам и Филипини преземале фотографии од вистинските производи, им додавале неверојатно ниски цени, собирале пари, а поплаките ги префрлале кај сопственикот на бизнисот.
Една од најчестите измами е продажба на домашни миленици, и покрај правилата на Мета кои забрануваат трговија со животни.
Порастот на криптовалутите и моделите со вештачка интелигенција за генерирање содржини го проширува проблемот со измами на платформите со повеќе од 3 милијарди дневни посети. Компанијата генерално ги третира како „проблем со низок степен на сериозност“.
Поранешни и сегашни вработени тврдат дека е создаден систем што дозволува помеѓу 8 и 32 предупредувања пред автоматски да се активира блокада. Проблеми има и на онлајн огласникот за користени производи Marketplace.
Одговарајќи на тужба пред федерален суд на САД, Мета се повикува на Членот 230 од Законот за телекомуникации, кој ги штити платформите од одговорност за содржини креирани од корисници. Мета тврди дека нема обврска да бара од огласувачите да го потврдат идентитетот или да приложат лиценца за продажба на понудениот производ. Поради тоа, Мета се оградува од правна одговорност да ги заштити корисниците.