Природната реакцијата на ваквата позиција на технолошките џинови е ако не можат да бидат сопрени, тогаш треба да бидат растурени.
Монополските бројки на овие компании (слични како на Бел телефонските системи во 1950-те) преставуваат страв за економистите и заради поголеми проблеми:
"Тие ја гледаат концентрацијата на пазарот како кривецот зад некои од најистрајните проблеми на американската економија - падот на работничкиот учинок во националниот доход, растот на нееднаквоста, намалувањето на бројот на бизнис стартапи, недостигот на создавање нови работни места, и падот на потрошувачката на истражување и развој."
Иако овие компании не ги користат истите предаторски мерки како нивните предци (продавање по пониска цена за уништување на конкуренција и сл), нивната штетност во однос на пазарот е што вработуваат далеку помалку луѓе отколку најголемите компании пред неколку децении, додека земаат непропорционално голем удел од националниот профит.
Питер Орзаг од Блумберг вју и Џејсон Фурман, поранешен економски советник на Обама, објаснуваат дека тоа што рекордниот повраток на капитал на големите технолошки компании не резултирал со раст на бизнис инвестициите е "уште една манифестација на монополска моќ".
Луиџи Зингалес од Стиглер центарот на Универзитетот Чикаго, потсетува дека единствена причина зошто Гугл и Фејсбук воопшто успеале е затоа што во 1998, САД го тужеше Микрософт за монопол во врзувањето на Интернет експлорер со оперативниот систем Виндоус, и поткопувањето на Нетскејп. Иако одлуката за растурање на Микрософт падна на апелација, целиот процес сериозно ја забави способноста на Микрософт да доминира со интернетот. Според Зингалес "денешните монополи се вчерашни стартапи, а потребен е здрав систем за да се направи простор за новајлии".
Одбраната на технолошките гиганти е дека тие се во постојан остар натпревар еден со друг, и дека нивната доминантност е минлива затоа што бариерите за влез на ривали се многу ниски, како што објаснуваат од Гугл "конкуренцијата е на само еден клик". Иако е ова точно, проблемот е што секогаш кога ќе се појави иновација гигантите или ја купуваат компанијата или ја клонираат технологијата.
Во изминатата деценија Гугл, Амазон, Епл, Фејсбук и Микрософт имаат купено 436 компании во вредност од 131 милијарда долари.
"Искуството на Снеп инк. со Фејсбук е корисно. Откако Снеп во 2013 ја отфрли понудата од Фејсбук од 3 милијарди долари, Фејсбук почна да додава една по една од иновациите на Снеп. Тука вклучувајќи ги Снепчет сторис, кои Фејсбук ги додаде на Инстаграм, Вотсап и Месинџер.
Сега акциите на Снеп се тргуваат на околу 15 долари, под почетната цена од 17 долари во март. Со тоа што на огласувачите им ги понуди истите опции ама пред 100 пати поголема публика, 'Фејсбук во основа го уби Снепчет,'" пишува Пола Двајер во текстот за Блумберг.
Бидејќи и Фејсбук и Гугл својот производ го нудат бесплатно, многу е потешко кон проблемот да се пристапи и да се мери со традиционалните анти-монополски мерки. Една од предложените алтернативни алатки е монополското однесување да се изедначи со приватност. По овој пример Германија веќе ги истражува обвиненијата дека Фејсбук врши притисок врз корисниците да се согласат да и дозволат на компанијата да ги прибира нивните приватни податоци, на начини на кои тие не ги разбираат. Корисниците кои нема да се согласат на ова се исклучени од социјалната мрежа составена од 2-милијарди луѓе.
Друга мерка е да се преземе контролата врз големите бази со податоци со кои располагаат технолошките гиганти. На пример Гугл ги има собрано навиките за сурфање за повеќе од една милијарда луѓе и ова го користи за испраќање таргетирани реклами, видеа и резултати.
"Во 1956 САД ги присилува Бел лабс да ги отворат своите патенти. Ова резултира со наплив на иновација (чипови, соларни ќелии, ласери, мобилни телефони, компјутерски јазици и сателити) комерцијализирана од нови компании (Моторола, Интел, Тексас инструментс) и формирање на Силициумската долина. Зошто истото да не биде побарано од технолошките суперѕвезди? Кој знае какви сè сили тоа ќе ослободи," пишува Двајер.