Пред ова, на почетокот од годината имаше неколку слични студии кои дадоа приближно исти резултати, односно дека Фејсбук создава зависност.
Во отприлика иста ситуација во која денес се наоѓа Фејсбук, пред десетина години беше Филип Морис (денес преименуван во Алтриа): мултинационална компанија, присутна во речиси сите држави на светот, која заработува милијарди долари на психолошката слабост на луѓето.
За да го намалат лошиот ПиАр и негативното јавно мислење што го имаа по неколкуте судски парници за штетноста на цигарите, во 2003-та Филип Морис го менува името во Алтриа.
По долги години продавање на својот производ, Филип Морис заглави кога луѓето сфатија дека овие почнале да таргетираат и деца (па следуваше бришење на цигарите од комплетната поп култура и забрана за какво било рекламирање). Фејсбук моментално е стигнат токму до оваа фаза - се бори со американските власти да му дозволат да воведе и профили на деца (со намера нивните интернет навики да им ги продаде на огласувачите).
Додека јасно е дека Фејсбук нема да предизвика рак кај децата или кај кој било корисник, компанијата со целата своја сила и бројност не може да го реши проблемот со приватноста. До сега користењето Фејсбук доведе до безброј откази од работа, раскинување и слични последици од немање приватност за корисниците. На сето ова се надоврзува се поголемата блискост на компанијата со властите во Вашингтон, како и редовната соработка со владите низ цел свет.