Од играње со природата може да ни се стемни

Разните геоинженерски проекти за спречување на глобалното затоплување се многу поризични во реалноста отколку што покажуваат компјутерските моделирања. Тие се само теорија. Во практика постои голема веројатност да излезат од контрола, па не само што Земјата нема значително да се олади, туку може да претрпи катастрофа поголема од климатските промени.

Со компјутерски моделирања направени се стотици студии за распрснување ситни аеросоли (SAI) во стратосферата, кои би ги рефлектирале сончевите зраци, би фрлале невидлива сенка на Земјата и така би ја заштитиле од глобалното затоплување. Експертите од Универзитетот Колумбија предупредуваат дека реалните услови во природата не дозволуваат контролирање на овој теоретски процес. 

Дури и најнапредните симулации се идеализирани. Реалната ситуација е далеку од идеалната, па таквите потфати се проследени со голема неизвесност, забележува професорот  Феј Мекнил, атмосферски хемичар на Климатскиот факултет на Колумбија.

Неговиот стручен тим ги испитувал физичките, економските и политичките бариери за SAI на големи размери. Биле забележани разни потенцијални несакани ефекти, како нарушување на монсунските системи и промени во глобалните модели на ветер.

Повеќето модели се фокусираат на прскање сулфатни аеросоли слични на оние од вулкански ерупции. Во 1991 година, кога еруптираше Монт Пинатубо, привремено беа намалени глобалните температури, но исто така беше оштетена озонската обвивка и се намалија врнежите во Јужна Азија. 

Алтернативите како калциум карбонат, алуминиум и титаниум може да бидат помалку штетни, но за нив има практични ограничувања на понудата, трошоците и техничките перформанси. Во посакуваните микроскопски димензии честичките имаат тенденција да се згрутчуваат, со што се намалува нивната ефикасност. Можно е да се распрснуваат и микродијаманти, но тоа би било прескапо.

Поради хаотичната природа на SAI, ефектите ќе се разликуваат 99% од тоа што на хартија го покажуваат идеализираните модели, предупредува коавторот Гернот Вагнер, професор на Факултетот за бизнис на Колумбија.

Сепак, малку е веројатно дека овие геоинженерски проекти ќе запрат. Две третини од околу 120 професори и научници опфатени со истражување на новозеландскиот Универзитет Викторија се убедени дека до 2100 година ќе има некој ризичен обид за управување со природните процеси во атмосферата.

Нешто повеќе од половината стравуваат дека широко распространетата загриженост од климатски катастрофи ќе поттикне некоја приватна компанија, ексцентричен милијардер или цела држава да преземе ризичен потег, дури и ако планетата не е реално загрозена.

Мнозинството се согласуваат дека геоинженерингот теоретски може да ја разлади планетата, но и дека е голема веројатноста од штетни последици.

Ризиците од ненамерни последици, политичка злоупотреба или ненадејно прекинување остануваат огромни, вели Инес Камилони од Универзитетот во Буенос Аирес.

23 октомври 2025 - 13:21