Уште пет месеци до премиерата на вашиот нов филм. Колку сте близу до крајот?
Засега имаме завршено нешто повеќе од еден час. Само што го изгледав тој измонтиран дел.
Задоволни сте од него?
Па уште нема да се самоубијам. Тоа е што е. Брзаме да го завршиме. Потоа повторно ќе го поминам и ќе се обидам да го направам подобар. Но прво мора еднаш да се заврши.
Секој филм кој сум го правел бил завршен со брзање, Reservoir Dogs го брзавме за Санденс, Pulp Fiction за Кан. Но секогаш успевавме.
Повеќе пати сте изјавувале дека кога режирате се чувствувате како диригент со оркестар. Како што публиката станува пософистицирана и се навикнува на вашиот стил, дали ова станува потешко?
Искрено, софистицираната публика не е проблем. Глупата публика е. Но мислам дека таа навистина станува пософистицирана, тоа е само производ на времето. Во 50-тите публиката прифаќала ниво на извештаченост на кое онаа од 1966 би се кикотела. Публиката од 1978 би се кикотела на истото она за што онаа од 1966 викала дека ок. Трикот е да се обидеш да бидеш што понапред од таа крива, за да не се смеат на твоите филмови по 20 години.
На Палп фикшн луѓето реагираа со „Ау, никогаш не сум видел ваков филм. Можно е вакво нешто?" Сега мислам дека тоа веќе не е случај. Со Џанго и Неславни копилиња мислам дека луѓето го немаа тоа чувство, беа на цврсто тло. Не помислија „Што к*р е ова?" Луѓето разбираат што правам со жанрот. Не се вчудоневидени. Не мислат дека правам нешто погрешно. Го сфаќаат.
А што е со вашата опседнатост со вестернот? Не снимаат веќе многу такви.
Ќе има наскоро. Антоан Фукуа го прави Величествените седумина со Дензел Вашингтон. Џанго помина толку добро што се чудам како нема повеќе.
Една работа која секогаш беше вистина е дека ниту еден реален филмски жанр не ги отсликува подобро вредностите и проблемите на даден период, како што тоа го направија вестерните во текот на специфична декада. Вестерните од педесетите ја отсликуваат Ајзенхауровата Америка подобро од кој и да е друг филм од тоа време. Вестерните на 30-тите го отсликуваа идеалот на триесетите. Всушност, вестерните на 40-тите го направија истото, бидејќи имаше цела низа на речиси ноар вестерни, кои се занимаваа со мрачни теми. Вестерните на 70-тите беа во голема мерка анти-мит вестерни - Вотергејт вестерни. Сè беше во врска со антихерои, имаше хипи менталитет или нихилистичка атмосфера...Најпосле, големиот вестерн кој излезе во 80-тите беше Силверадо, кој се обидуваше да биде повторно она старото - тоа во голема мерка беше Реган вестерн.
Дали сте носталгични по 90-тите?
Не сум, иако тоа беше кул време. Барем за мене. Но како што Боб Дилан мораше да ги преживее 60-тите за да не биде сметан само за уметник на тоа време, и јас морав да ги преживеам 90-тите за кога VH1 ќе ги прави оние омажи „Ги сакам 90-тите" да не ме спомнат. Ако за нешто сум носталгичен во однос на тие години, е што тогаш не беа сите врзани за технологија како денес.
Не гледате филмови на стриминг?
Не. Мојот телевизор не е поврзан за компјутер. Тоа е генерациска работа, но тоа не значи дека не ме депримира. Идејата дека некој ќе го гледа мојот филм на телефон, тоа ми е многу депресивно. Не можам да се натерам да гледам филм ни на лаптоп. Старомоден сум. Читам весник, Списанија. Гледам вести на ТВ. Многу гледам CNBC.
Дали се уште пишувате сценарија на рака?
Да ве прашам нешто: дали ако пишувате песна тоа би го направиле на компјутер?
Вистина е. Не би.
Не ти треба технологија за поезија.
Што гледате на телевизија?
Последните две работи кои ги изгледав во целост беа Justified и How I Met Your Mother.
Дали сте ја гледале True Detective?
Се обидов да ја изгледам првата епизода од првата сезона, и не ми легна. Всушност ми беше досадна. А втората сезона делува грозно. Како и трејлерот - сите тие згодни актери кои се обидуваат да не бидат згодни и талкаат наоколу како целиот товар на светот да им е на плеќи. Толку е сериозно, и тие толку се мачат, обидувајќи се да изгледаат мизерно со нивните мустаќи и парталави облеки.
Серија којашто ми се допадна на ХБО е Newsroom на Аарон Соркин. Тоа беше единствената која ја изгледав три пати. Ја гледав во седум наутро во недела, а потоа доаѓаше нова. Кога ќе ја завршев цела, ја пуштав пак. Ми се случуваше да ја гледам еднаш неделно, само за уште еднаш да го слушнам дијалогот.
Зборувавте дека ќе се пензионирате по десетиот филм. Тоа значи дека по овој имате уште два. Што би сакале да постигнете со нив?
Би било прекрасно мојот десети филм да ми е најдобар - да си заминам со Биг бенг, или со некое мало камерно дело по Биг бенг-от. Понекогаш размислувам за ова, но не ме мачи толку. Има уште неколку филмови кои би сакал да ги направам, но кога ќе го завршам овој, и откако малку ќе се одморам, ќе размислам. Ќе останам отворен доколку вистинската приказна ми прозбори.
Целото интервју тука