Њу Делхи постојано е меѓу најзагадените градови во светот, но ситуацијата уште повеќе се влоши поради фестивалот Дивали.
Експериментот за предизвикување дожд опфаќа активирање авиони или беспилотни летала, кои ќе распрснат честички од сребрен јодид со структура слична на мраз. На нив би требало да кондензира влагата од горните слоеви на воздухот, со што би се создале облаци што ќе донесат дожд и ќе ги исплакнат штетните микрочестички.

Министерот за животна средина на Делхи, Манџиндер Синг Сирса, рече дека вчера биле лансирани првите „дождовни“ ракети. Ќе бидат спроведени неколку мисии.
Ако условите се поволни, врз Њу Делхи ќе заврне првиот вештачки дожд на 29 октомври, најави главниот министер на градот, Река Гупта.
Професори од Центарот за атмосферски науки во Њу Делхи го осудија планот и предупредија дека има малку истражувања за долгорочните ефекти врз земјоделството и здравјето на луѓето од употреба на хемикалиите како сребрен јодид или натриум хлорид.
Тоа е учебник за погрешно применета наука и игнорирање на етиката, забележуваат Шахзад Гани и Кришна Ачута Рао.
Тие потврдуваат дека оваа техника може да произведе и повеќе облаци и повеќе дожд од вообичаеното, но ефектот вообичаено е слаб и нема да го реши загадувањето. Со овој процес може да се засилат врнежите од веќе постоечки облаци, но во Њу Делхи вообичаено ги нема во текот на зимата, кога е највисока концентрацијата на микрочестичките PM 2,5 и PM 10.
Како неефикасни се покажаа и „кулите за смог“, во кои претходните власти вложија милијарди рупии за да го подобрат квалитетот на воздухот.
