Согласноста е дека Европа изгледа како да се „спаси“ за зимава, ама за следната регионот ќе мора да ги обнови залихите на гас без речиси никаква испорака од Русија, што меѓу другото ќе ја зголеми конкуренцијата и побарувачката за танкери. Првото олеснување за Унијата се очекува да биде дури во 2026 кога ќе се отворат дополнителни капацитети во САД и Катар. До тогаш процената е дека цените остануваат високи.
Годинава европските влади исто така успеаа да го ублажат ударот од кризата со истурање на над 700 милијарди долари во економијата. Истите луѓе што го имаат ова пресметано, бриселскиот тинк-тенк Бругел, пресметуваат дека истата оваа криза ќе трае со години, а заради сегашната ситуација во која се наоѓа економијата и финансискиот сектор во ЕУ, малку е веројатно дека владите ќе можат да продолжат да ублажуваат кризата.
Моментално околу половина од членките на Унијата имаат долг над границата на ЕУ од 60% од БДП-то.
„Кога ќе ставиш сè на куп, субвенционирање, финансиска помош, станува збор за апсурдна сума на пари. Ќе биде многу потешко за владите следната година да ја менаџираат кризава,“ тврди директорот на консултантската компанија С-РМ, Мартин Девениш.
Со сите мерки што ги презема, ЕУ годинава успеа да ја намали побарувачката на гас за 50 милијарди кубни метри, ама за 2023 и понатаму е во потенцијален минус од 27 милијарди кубни метри. Математиката е правена ако увозот на гас од Русија падне на нула, а увозот на течен гас од Кина ги достигне нивоата од 2021.
Еден од таргетите што ЕУ си ги има зададено е до 1 февруари резервите на им бидат на 45% за тие да не останат празни до крајот на грејната сезона. Ако зимата е умерена, целта е 55%.
Првиот човек на Блумберг економикс за Европа, Џејми Раш, проценува дека ако цените на гасот пак скокнат, просечната цена би можела да достигне околу 210 евра за мегават час, што би ја чинело Европа околу 5% од БДП-то, „и тоа би можело да биде пресвртот од плитка рецесија во длабока криза“.