Каква е денешната состојба во медиумите?
Кога некој се жали дека телевизијата е глупава, или дека е глупава некоја програма, тоа е еднакво бесмислено како да вели дека е глупава парната машина и парниот котел. Телевизијата како технолошки изум е надминат, исто како што некој кој сега издава весник се жали дека е во минус. Па зошто уште го печатиш? Се сеќавам кога бев мал поштарот носеше полна торба разгледници, писма и некои срања....Секој од нив имаше запаление на кичма. Знаеш ли ти колку дрва се исекле за сето тоа да се направи? А замисли колку електричари, водители, секретарки, комесари, ова-она треба да издржува една телевизија, а сето тоа за да има гледаност како еден послаб портал.
Нели те демантираат „Ѕвездите на Гранд" и такви нешта?
Полека, полека. Не! Ти во еден надминат медиум, а тоа се весници, имаш коментари и реклами кои реферираат на таа програма, реалити шоу или како веќе се вика. И тогаш тие два застарени, заостанати медиуми, кои веќе никому ништо не му значат, си се потпомагаат и прават илузија дека тоа е гледано, а всушност тоа не го ебе никој ни два посто. Тоа се гледа на исто ниво како што се гледа аквариум. Погледни ги само рекламите кои се даваат тука. Тие се за она што и онака мора да се купува - влошки, па она за вадење флеки...Па ти кога ќе исфлекаш некое гомно од роба кое чини пет евра, ќе купиш друго. Кој користи Вениш? Сфаќаш? Или на плус 40 реклама за пиво. Па ќе го испијам секако, и без твојата реклама...
Па добро, имаш ли телевизор дома?
Имам. Сто канали и на него УСБ, и тогаш децава, овие од мојот бенд, затоа што они знаат тоа, ми симнуваат торенти и филмови кои сакам да ги гледам. Ако не гледам на УСБ, тогаш ги гледам на Дискавери оние борби за магацини. Мило ми е кога чепкаат по оние старите предмети. Лелее, колку е добро. Врхунски е. А делку од тоа дека гледам она што ми се сервира.
Ги спомнуваш торентите, како се вклопува тоа во твојата „Песна што лесно се памти"? Се работи за авторски права, а ти симнуваш торенти и гледаш џабе.
Па секако! И мојата музика ја слушаат за џабе. Тоа е нормално. Не гледам тука никаков проблем. Благодарејќи на тоа јас ја имам задржано и зголемено својата популарност во време на медиумска блокада на Балканот. Благодарен сум на тоа технолошко достигнување. Само не сакам кога мене некој ми зема за да прави пари. Значи, кога го земаш мојот производ па правиш реклама и продаваш лагери или што знам јас, а мене не ми даваш ни денар.
Па го прават ли тоа?
Не знам, не се бавам со тоа. Сo тоа се бават издавачите. А таа песна за авторските права, ако добро ја слушате, таа е иронична, се зафркава со злоупотребата на авторските права. Контекстот е таков што ја обесмислува таа приказна за авторските права и јас, иако делумно живеам од тоа, мислам дека авторските права се она што го забавува развојот на светот. Сите тие патенти ги успоруваат нештата. Никола Тесла го искинал својот патент за наизменична струја сфаќајќи дека со тоа го забавува развојот. А погледни, најмногу пиздат за авторски права автори кои прават плагијати, хиперпродуцираат некој кич, ја загадуваат менталната средина...
Да си на пример на местото на Кoја, па твоја песна да искористат за претстава, како што беше во случајот со „Мали човек жели преко црте", како би реагирал?
Па би ги тужел, кој ги ебе. Имаше еден лик кој ја направи претставата „Турбофолк". Некој во Хрватска (Оливер Фрљиќ). И после ми се јавуваше дали јас нешто би гостувал, значи пред свршен чин. Му велам - пријателе требаше многу порано да ме викнеш. Не го тужев, ни ништо. Нека му е. Нит ја гледав претставата, нит ме интересира. Но ако нештото е квалитетно и ако те прашаат на време секако дека сакаш да бидеш дел од тоа. Јас сум горд кога некој ќе земе некој сегмент од мојата работа. Им давам. Кога ќе ми се јават клинци и овие за документарни филмови па ме прашуваат дали можат нешто да земат, јас велам „ ма може брате, земи". Но ако не прашаат, тоа е кражба. Исто к'о селанец, кога ќе дојдеш во пет на пазар, а нему му се оди дома, веќе не му е до ништо. Немој да му крадеш кртола и јагоди додека тој задремал туку речи - газда дај ми две јаболки. И ќе ти даде, не е спорно.
Колку долго живееш во Белград?
Помеѓу двеста и триста години.
Ти недостасува ли Бока Которска?
Одам често долу. Еднаш месечно сигурно, помеѓу седум и десет дена. Држам таму школа за едрење, можда затоа сум релаксиран кога се во прашање авторските права. Тоа е школа за возрасни. Учесници се главно луѓе од регионот и дијаспората. Најмногу некои директори. Забележав дека колку што им е на луѓето интересно едрењето, толку им е интересно и да одат со мене на брод и да минат со мене некое време, на некој начин советувајќи се.
Значи уживаш во тоа?
Едвај чекам. Имам сега прво четири момци кои се бават со некоја анимација, а потоа маж и жена од Македонија. Мене тоа ми е генијално, не знам како да ви го опишам. Работам со два брода. Има сега бродови колку што сакаш. Не е тоа проблем. Поедноставно е да се набават отколку половно ауто. Само штосот е што мораш сè да знаеш околу тоа.
Едриш по Бока или излегуваш и на отворено море?
Само Бока. Понекогаш излегуваме, но додека излезеш ти требаат два часа, а за тоа време веќе здосадува.
Колку се има променето Црна Гора, колку е денес поинаков Херцег Нови отколку во време на твојата младост?
Секое туристичко место денес боледува од вонсезонска депресија, затоа што лете е толку бизи, како на Менхетен, но тоа трае едно 40 денови и после е пустош. Луѓето всушност се баждарени на тие 40 дена и после се во ужасна депресија затоа што ништо не се случува. Одиш во зима во кино и си единствен гледач, затоа што сите се во депресија. Би требало да се поработи на сите туристички места, затоа што туризмот му прави штета на урбаното јадро на градот, односно на луѓето. Затоа и направив џез фестивал во Херцег Нови на почетокот на септември, кога е полусезона и уште е убаво времето. Сите прашуваат зошто фестивалот не е во јули или август, кога има многу луѓе. Па брат, затоа што тој е наменет на Новљаните, на оние кои се изнаноселе тацни и се изнадавале соби, малку да се одморат и да уживаат.
Што мислиш за проектот „Белград на вода"?
Амбициите се големи, очите се големи, а пазарот е немилосрден, се инвестира само во она што се исплатува. Впрочем, што ми серете сега? Нели во деведесетите имавме избори, демократски, повеќепартиски? Дали речиси сите едногласно гласавте за капитализам? И за национализам и за тоа црквите да ви ја кројата капата и капиталистите да ви земаат сè пред нос? Што сакате сега?
Ти Рамбо си меѓу присутните единствен кој тогаш имаше право на глас.
И бев во тешко малцинство. Имаше неколку мајмуни како нас кои со Анте Марковиќ одевме наоколу. Знаеш колку гласови добивме во Босна и Херцеговина? Дури 1,7 посто! Лупам, ама далеку под цензусот. А сите се ангажираа, и Раде Шербеџија, и надреалистите, да не набројувам...
Како го објаснуваш тоа?
Многу едноставно. Народот е глуп, а сега се буни затоа што е глуп. Па не можеш и да бидеш глуп и да се буниш што си глуп. Се гласаше за национализам, значи за тоа да се војува. Сите партии во понудата беа такви што водеа во војна. Се гласаше и за контрареволуција, и општествениот имот да се одземе и поединци да се збогатат. И се гласаше за тоа црквата да се прашува на различни теми.
Не ти лежи црквата?
Извини, молим е. Како може да ми лежи нешто што е причина на сите војни во последниве илјада или две илјади години, вклучително и последнава на Балканот. Па ене погледни ги сите анализи, војната во Југославија беше главно верска. На тој начин успеаа да го скараат народот, а вистинската цел беше контрареволуција. А како би можел народот да го скараш без цркви?
Како успеа да не бидеш мобилизиран? Те прогонуваа?
Како не. Само што јас имав фора. Бидејќи војниот отсек доцнеше во однос на цивилната администрација едно половина година, јас секоја година менував адреса. Малку Белград, малку Херцег Нови и тогаш кога ќе стигне повик во Нови тие викаат „ее, па тој се пресели во Белград", а кога ќе стигне во Белград „ее, па тој се пресели во Херцег Нови". Иако, одев на самиот почеток во воениот отсек и им реков „нема проблем, јас дадов заклетва дека ќе го бранам територијалниот интегритет на СФРЈ и братството и единството на нашите народи, а колку што гледам тука нашите народи се колат меѓу себе, е сега бидејќи сакате да ме мобилизирате прво да ме упатите во амбуланта да ми ја извадат крвта и да ми ги пребројат крвните зрнцка, ако има повеќе од овие или оние да знаете каде да ме распоредите, затоа што јас не сум кукавица само не знам на која страна да војувам". Сето тоа беше демократска волја на народите на Југославија, а сега се обидуваат да се расфрлаат со некои приказни, демек ние сме биле стратешка точка на интерес, како да не.
Како гледаше на она што се случуваше во деведесетите? Херцег Нови и Дубровник се на четириесетина километри воздушна линија...
Во Нови среде војната можевме да гледаме и хрватска и црногорска и српска телевизија. Така на црногорска телевизија имаше усташи и дрогирани муџахедини кои се симнуваат во градот да колат, а на ХТВ србочетнички орди. Оној кој ги фаќаше и гледаше сите канали можеше на нервно да заврши. Иако тие водители на Дневникот, јас баш го следев тоа, имаа исти реченични конструкции, исти изрази, како во иста канцеларија да им ги пишуваат вестите, а потоа се само пакувани со друга терминологија за локални потреби.
Колку ти беа емоционални тие концерти кои во деведесетите се одржуваа во Словенија, но за хрватска публика?
Тогаш веќе бев тотално морално деградиран. Бев потрошен...Јас гледав на тоа од некоја духовита страна, демек „еј, гледај како ги заебавме, како ги надмудривме". Откако дојдоа националистичките сили на власт во сите земји на Југославија, мене ми изгледаше како да сум под окупација. И тогаш таа илегала баш ми одговараше. Прв пат по војната во Хрватска свирев во Пула. Тоа го организираа КУД Идиоти. Се сеќавам дека од моја страна имаше опасна параноја, затоа што знаев што е и каква е Истра, не капирав дека тоа е нешто друго. Момците таму на ѕидот кадешто требаше да свирам ги ставија сликите на сите седум секретари на СКОЈ. Јас напросто попиздев - „ало луѓе, што ви е, тргнете го ова, и онака ви доаѓаат србочетнички орди да ви свират па сега уште преку мојот грб додавате гас, не ме заебавајте". А Сале Веруда на тоа ми вели - „што кур ти е тебе, ова е Пула, сфаќаш дека овде лик му пристапил на Мусолини со букет цвеќе и му удрил шамар?". Сега на Идиотите им вратив за гестот. Им направив една обработка на Бандиера роса, која оди на албумот Трибјут Идиоти и тоа парче се вика Дупли реквием за Туста. Идиоти, риспект.
Ти здосадува ли да ги повторуваш форите на концерт?
Како да не. Ненормално. Како да орам и да копам. Затоа и почнав да работам пет различни работи, затоа што ако правиш само концерти стануваш тотален идиот. Сега имам вечери на гломазна поезија, држам предавања за одржлив развој, морал и економија, туризам и шизофренија, ја работам школата за едрење, консултирам некои невладини. И пак сум духовит. Нема потреба да се повторувам. Најлошо е кога на сила сакаш да бидеш духовит. Откако станав мнозински сопственик на својот живот, значи кога минав 50 години, престанав да се чувствувам дека сум ѝ должен на публиката, дека освен што ќе им свирам сум должен и не знам што друго да направам. Дојдов до она од Станиславски, дека помалку е повеќе, но морав да удавам куп публика за да дојдам до тоа.
Кружеше мит дека си еден од најдобрите гитаристи на бивша Југославија.
Ма лажат, појма немаат. Тоа е како митот за Крали Марко. Да речеме, ќерка на еден пријател, има 16 години и почнала да пуши. Сите ѝ објаснуваа дека тоа треба да се фрли, била и на психијатри и ништо. И тогаш јас земам да и објаснам и таа стварно престанува да пуши. Е така е и кога ќе ја земам гитарата во раце, луѓето ми веруваат. Тоа е само хипноза, она што ни останало од предисториско време, затоа што мораме да имаме некоја култ на личноста.
Но ти го одгледуваш тој култ, самиот велиш дека си „светски мега цар"
Јас тоа иронично. Мислев дека е зафрканција. Како што го направив турбо фолкот мислејќи дека тоа е најглупиот можен израз за тоа. Ама луѓето го прифатија.
Поминаа години откако ја даде дефиницијата за турбо фолкот. Има ли простор денес таа да се надогради?
Пред десет години дадов точна дефиниција. Денес сите го цитираат моето име но никој и мојата дефиниција, а таа гласи: „Турбо фолкот е феномен кој се случува кога примитивец ќе завладее со технологијата. Некритичката употреба на технологијата е турбо фолк". Не се работи, значи, само за музиката, за естрада, за спотови...Исто како кога во Руанда ќе продадеш автоматско оружје тие ќе се потаманат, затоа што одеднаш може да испали стотина куршуми, не мора веќе стрела по стрела. Тоа е турбо фолкот. Турбо фолк е кога децата одат на екскурзија и потоа во автобусите сите тријат по тоа андроидите, никој со никого не разговара. Го нема тоа во Шведска. Примитивецот со голема страст прифаќа новости, завладува со технологијата, но нема филозофска дистанца од неа. Еве пластична хирургија. Сега девојчиња за мала матура, значи со 14 години, добиваат од родителите подарок малку да ги напумпаат усните.
Ти си некој вид технолошки песимист?
Не. Јас верувам во технологијата, но не верувам во човекот. Луѓето стануваат доволно еманципирани за да можат да владеат со технологијата, а технологијата владее со луѓето. Поголема е разликата помеѓу двајца луѓе, отколку помеѓу глиста и орел. Тоа ви го кажувам.
На некој начин ти си родоначалник на хип-хопот во бивша Југославија?
Не, само си играв.
Но пред тоа да го прават други.
Нo никогаш не сум сфаќал сериозно ниту еден жанр. Не знаев да пеам па овие бројалки, ганги, гусли и такви нешта ми одговараа, бидејќи имаат повеќе стихови отколку мелодии. Тоа ми беше природно.
Можеше панк?
Можев, но премногу текст. Не можеш и панк и премногу текст, не оди.
Мене ми е познато дека си имал панк бенд и потоа си преминал во ансамбл и си свирел на отварањето на Олимписките игри во Сараево.
Свирев со ансамблот Егзодус од Херцег Нови. Гитаристот претходно скрши рака, а јас имав некој панк бенд „Радиоактивен отпад". Можеше и малку да се живее од музика. Тогаш единствениот начин да се живее од музика беше да свириш на хотелски тераси. Тоа го викавме hotel wave. И Егзодуси мислеа дека ќе ги одбијам, но мојот постар брат излобира. Се сеќавам, имавме некои хотелски униформи и пантоланите ми беа кратки, затоа што гитаристот беше понизок од мене. Свиревме во хотел Бристол, на една забава. И почнавме да ја свириме Jambalaya, знаеш она: jajajambolayaaaa. И се појавува некој Американец со каубојски шешир, демек „леле, кај ме најде" и вади сто долари, сака да му ги даде на пејачот. А овој пак му се налути, само што не му залепи шамар. Демек „што има да ме частиш, ја работам за хонорар". И Американецов се сјеба, не знае во што е проблемот, веројатно после мислеше дека комесарите не ни даваат да примаме бакшиш. Тоа беше златно доба и секој работник, па дури и работникот во култура, имаше свое достоинство. Денес нема ништо.
Баш ништо?
Намалувањето на човечките слбооди денес се маскира со зголемувањето на сексуалните слободи. Сега некоја жена покажува пичка на телевизија и тоа не е проблем. Сега тоа е веќе и малку тренд. Или да се ебат на телевизија во три попладне, не е спорно. Тоа е ок, затоа што всушност со тоа се маскира дека се смалуваат граѓанските слободи. Тие не се намалуваат со некои декрети, туку мора повеќе да се работи за помалку пари. Можеш да гласаш за кого сакаш, но оди зуцни нешто за газдата на работа. Види, во сите тие големи корпорации, можеби единствено во Шведска или Норвешка не е така - ај нешто сери против газдата. Нема демократија тука. Тоа е сериозна олигархија. Се претвораме во модерно робовладетелство. Така, ова е како во некогашното робовладетелско општество, и таму робовите можеле да се ебат кога и како сакаат. Забава за сиромашни. Денес овие клинци, националистички настроени, се билдаат, потсвесно чувствувајќи дека ќе бидат идната физичка работна сила. Тие чувствуваат дека се дојдени странски сопственици и дека никој нема да ти даде да бидеш доктор и инженер.
Но и ти нешто од тоа имаш донесено на телевизија. Не го имаме заборавено твојот еротски квиз на ТВ Сараево.
Тоа беше почеток на 1992. Војната веќе имаше почнато. Суада Капиќ, а ја знаев од некои приказни од порано, ми вели „смислив да направиме еротски квиз, сето тоа да го снимиме за три дена, да ги земеме парите, да ги поделиме и бегаме во странство, затоа што тука е готово". Јас велам „важи". Прашувам колку би зеле, а таа прашува колку ти е тебе ок. „Би ме покриле едно десет илјади марки и веднаш да пичам некаде во Шведска, ме боли кур", и викам јас. И ние тоа го почнавме и го снимивме, но сите тие спонзори кои беа планирани откажаа, така што квизот е емитуван но ние не земавме ни банка. На крај останав и должен затоа што секако додека го снимавме сето тоа живеев на висока нога. Знаејќи дека ме чекаат големи пари живеев во Холидеј Ин. И сè нарачував во соба, дај room service, cordon bleue, сè. Келнерите ме обожаваа затоа што кешот што го имав го трошев на бакшиш, а останатото одеше на сметка. На крајот имав 2 илјади марки за рум сервис. И завршува снимањето, полека се гледа дека од тоа нема ништо. Го сфаќам тоа затоа што враќајќи се со воз за Белград бев единствен патник. Доаѓам дома, а пари нема. И Суада останува без пари и заглавува во Сараево. Кога заврши војната, не знам која година беше, одам да свирам во Сараево, и право во Холидеј ин - добар ден, добар ден, јас тука кај вас останав должен за собна услуга во 1991, викнете ми го шефот на смената. Го викаат. Јас му објаснувам а тој вели „абе Рамбо, па ова го купи странец од Малезија, сосе тие твои долгови, тоа ти е средено, а тебе секоја чест што дојде, што ќе јадеш и пиеш". Ем испаднав чесен, никого не излажав, ем не морав да платам.
Но првиот албум го сними со измама?
Го излажав продуцентот дека имам 20 песни готови, а всушност имав само две. Потоа морав да ги направам за седум дена, а сега кога имам екомпјутери и по година дена се мафтаме, поправи го она, поправи го ова...И ќе ме одјебеше тогаш ПГБ, ама продуцентот Саша Хабиќ се обложи во кутија виски дека ќе го продадам пробниот тираж.
Колкав беше тој?
Пет илјади касети и илјада плочи. Го продадов јас тоа. Мислам дека на крајот беа дваесет и кусур илјади. Колку што порано се продаваа албуми, толку сега отприлика има прегледи на Јутјуб. Јебига.
Од каде Нагиб Фазлиќ Нагон, како што тогаш се претставуваше?
Нема тука некоја посебна приказна. Мислев да направам спот така што камерата ќе биде навалена и после под телевизорот да се става некој држач за сликата да се исправи - нагиб. Инаку тоа е веројатно последица на Новиот примитивизам, затоа што целиот Рамбо Амадеус е реакција на Новиот примитивизам. Има доста допирни точки. Тие тогаш ме прифатија како свој - „еве уште една будала ко нас".
Колку се среќаваше со цензура?
Па да речеме „Курац, пичка, говно, сиса" е песна која беше подготвена за албумот М91, но Станко Терзиќ ме викна во канцеларија. Јас доаѓам, а тој мене - „како маж на маж не ти дозволувам гомно да стои покрај цицка". Велам ок, а тој дека е тоа некој педерлак. Станко беше многу кул, го послушав, иако многу подоцна го издадов тоа парче за приватен издавач. Многу работи правев само за да бидам во центарот на вниманието, без некаква битна содржина.
Дали си им посветувал песни на жени?
Не. Ја имав онаа „Жене, волим жене", но тоа е друго. Не ме интересираа поединечно, туку само како некој број, како феномен. Не бев тогаш ни зрел за нив.
Каков е твојот однос кон маркетингот, односно мешањето на уметност и реклами? Имаше таков производ.
Ма проституција, што да ти кажувам. Тоа е исто ко хемичар да прави циклон Б кому ќе му стави мирис на марципан и лешник, што да зборуваме.