Западните санкции најверојатно ќе ја постигнат својата намера и ќе го осакатат напредокот на руската економија, меѓутоа на долг рок. Иако е 9-та по големина економија во светот таа нема капацитет да се справи и да ги надмине проблемите кои произлегуваат од блокирањето пристап до странска технологија и експертиза. Во првите шест месеци од војната меѓу 250 и 500 илјади Руси ја напуштија земјата, од кои голем број се високо образовани и скапо платени.
Дополнителен удар за руската економијата е и одлуката за делумна мобилизација, заради која, според процените на Економист, од руските банки во септември се повлечени 14 милијарди долари, што е повеќе отколку на почетокот од војната во февруари. По мобилизацијата уште дополнителни 300.000 Руси ја напуштија земјата, дополнително влошувајќи ја состојбата со работна сила.
„И покрај овие потешкотии, рецесијата сега веројатно заврши. Голем број луѓе се сомневаат во официјалните бројки за БДП-то, ама можно е чувство за економската активност да се добие од повеќе различни извори. Голдман Сакс, изработува ’индикатор на сегашна активност’ кој покажува како им оди на економиите од месец во месец.
Податоците покажуваат дека руската активност е прилично пожива отколку што е во големите европски држави. Бројките за потрошувачката од Сбербанк, кратко се дестабилизираа по мобилизацијата но од тогаш повторно се кренаа. Производот на автомобилската индустрија, кој пред неколку месеци падна практично на нула, исто така почна да се крева, што покажува дека производителите успеале да најдат извор на материјали од Запад. Во долари, рускиот месечен увоз на производи веќе е поголем од минатогодишниот просек,“ се објаснува во анализата на Економист.
Потврда за оживувањето на руската економија доаѓа и од ММФ кој во последниот извештај ги зголеми руските економски изгледи за годинава. Во април се сметаше дека рускиот БДП ќе падне за 8,5%, сега се очекува падот да биде само 3,4%.
„Ова не е ништо за фалење, ама е издржливо. Всушност економските податоци покажуваат дека Русија ќе може да продолжи со војната.
Кон крајот на септември владата објави драфт од буџетот за 2023-2025. Според Елина Рибакова од Институтот за меѓународни финансии, буџетот во претстојните години покажува голем раст на трошоците поврзани со војната, посебно кај внатрешната ’безбедност.’
Откако избегна економски колапс, Путин се надева дека уште повеќе ќе притисне, и дома и во странство,“ пишува Економист.