До 2014 Епл искористува дупка во даночните закони во САД и Република Ирска, позната како „дупли ирски“. Оваа шема му дозволува на Епл целата своја продажба вон Америка (моментално 55% од вкупните приходи) да ја пренасочи преку претставништвата во Ирска кои заради даночни потреби беа оставени без даночна резиденција, заради што речиси и да не беа оданочени.
Наместо да го плаќа ирскиот данок од 12,5% или американскиот од 35%, структурата што Епл ја поставува за избегнување данок му помага да ја намали даночната стапка на профитот направен вон САД на едвај 5% од целиот профит во странство.
Европската комисија пресметува дека даночната стапка за една од компаниите на Епл во Ирска во една година изнесувала само 0,005%.
ЕУ во 2013 објави дека започнала со разгледување на договорот меѓу Епл и Ирска, по што ирските власти одлучија дека компаниите основани на нивна територија не можат повеќе да држат статус дека се без држава заради даночни цели. Заради ова на Епл му треба итно да најде оф-шор финансиски центар што ќе им проблемот со даночна резиденција. Неопходно при решавањето е и таа територија да нема високи даноци.
Во март 2014, адвокатите на Епл испраќаат прашалник до Еплбај (адвокатската компанија која е извор на најголемиот дел од материјалите во Рајските документи). Во него се бара Еплбај да им одреди кои сè бенефиции ќе ги добие Епл од најразличните оф-шор локации како Британските девствени острови, Бермудските острови, Кајмански острови, Маурициус, Ман, Џерси и Гуернсеј.
Меѓу прашањата на Епл е дали ќе може да се извршуваат менаџерски активности без менаџерите да бидат оданочувани, колку од информациите околу работата на компаниите ќе бидат јавни, колку е лесно да се напушти истата јурисдикција, и колку е стабилна власта. Едно од барањата на Епл е префрлањето во една од овие локации да се чува како тајна.
На крај од изборот Епл се решава за Џерси, остров во Англискиот канал инаку посед на британската круна. Она што ги привлекува кај Џерси е што сам ги носи даночните закони и има 0% даночни стапки на надворешни компании.
Рајските документи покажуваат дека двете клучни подружници на Епл во Ирска, АОИ (Apple Operations International), за која се верува дека поседува најголем дел од кеш резервата на Епл од од 252 милијарди долари, и АСИ (Apple Sales International) се управувани од канцеларијата на Еплбај во Џерси од почетокот на 2015 до почетокот на 2016.
Дури и по затворањето на „дупли ирски“ дупката, Ирска во новите даночни правила повторно остави место за злоупотреба и избегнување на данок.
АСИ, една од подружниците на Епл што се пресели во Џерси, ги поседува авторските права на дел од највредната интелектуална сопственост на Епл. Доколку АСИ ја продаде интелектуалната сопственост на Епл во Ирска, на ирската компанија и е дозволено да ги покрие огромните трошоци за тоа преку идниот профит. А бидејќи сопственикот на интелектуалната сопственост, АСИ, е регистриран во Џерси, профитот од оваа продажба нема да биде оданочен.
Во 2017 Епл направил 44,7 милијарди долари вон САД и за ова на странските влади им платил данок од само 1,65 милијарди долари, што е некаде околу 3,7% или помалку од шестина од просечната даночна стапка на корпоративен данок низ светот.
Аргументот на Епл и понатаму останува дека компанијата е најголемиот плаќач на данок, и дека само во изминатите 3 години тие имаат платено 35 милијарди долари во корпоративен данок.