Како дел од празничните разговори со најпознатите спортисти, Sportklub.rs помуабетил и со Македонецот кој по вторпат престојува во нему омилениот клуб Црвена звезда. По констатацијата дека зад себе има година за паметење која што ја започна во Фенербахче а ја заврши во Црвена звезда, Антиќ вели:
„2017. секако ќе ја паметам по освојувањето на Евролигата, совршената сезона со Фенербахче и враќањето во Звезда. Семејството ми е секогаш на прво место, но ова е што се однесува на професионален план“, го почнува интервјуто Перо.
По опширниот разговор за Блиц и останатите медиуми, Перо одново одговараше за најавите сезонава би можела да му биде последна во кариерата.
„Тоа беше некој план, не е нешто што одлучив туку така, моето тело рече така. Се гледа дека уште имам желба, но за тоа потоа, ќе зборуваме на крајот од сезоната. Ја сакам кошарката и уживам. Додека уживам, ќе играм, кога ќе почнам да „се правам на Тошо“, тогаш е време за пензија“, нагласува Перо.
Македонскиот репрезентативец вели дека искуството прави чуда, па така и во неговата кариера (освои три Евролиги, играше во НБА), но веќе не може да се движи на теренот како во периодот од 2005 до 2007 кога леташе по паркетот во дресот на Звезда.
„Полуд беше тој помлад Перо. Полуд, поподвижен, повеќе скокаше, но не беше толку паметен. Главната разлика е искуството, поради кое и сум доведен тука, да им помогнам на младите и колку можам на теренот“, додава Перо.
После многу години по заминувањето од Белград, Антиќ докажа каков кошаркар е навистина. Играше за Лукоил во Софија, Локомотив Кубањ и Спартак Санкт Петербург за да во 2011-та потпише со грчки Олимпијакос.
„Поради мојот луд карактер, тренерите обично не сакаат да доведат играч со квалитет како мојот, се плашеа да не го расипам тимот. Затоа во 2011-та отидов кај Дуда (Душан Ивковиќ) за да се вратам во Евролига и да докажам дека можам да играм за сериозни тренери, сериозни тимови, тоа ми беше целта. За тоа е заслужен и Мишко Ражнатовиќ со кој тогаш почнав да соработувам и кариерата ми тргна во нагорна линија“, открива македонскиот кошаркар.
Со Дуда Ивковиќ и Жељко Обрадовиќ, Скопјанецот освои два пехари во Евролигата а до уште еден највреден трофеј во елитното друштво стигна по заминувањето на Ивковиќ од клупата на Олимпијакос. Перо вели дека од секој научил по нешто.
„Има многу тренери, секој влијаеше на свој начин, не би можел некој да издвојувам сега зошто не би било фер. Соработката со Дуда и Жељко, претежно сите тренери ми беа од овие простори, ме научи на многу работи. Секој од нив е дел од таа сложувалка, мило ми е што се дел од мојот живот“, раскажува Антиќ.
Во Белград првпат дошол на 22 години и тогаш не можел ниту да сонува каква кариера ќе има. Знаел само дека морал да биде трпелив.
„Сите ја сноувавме НБА лигата. Никој не ја сонува Евролигата или нешто друго, сите размислуваат кога ќе одиме во НБА. Се одеше постепно, работев, бев трпелив, можеше да стигне и порано, но не би бил Перо кој станав да не беше сè така“, поцртува Антиќ.
Во САД играше две години за Атланта Хокс, можеше и подолго, му нудеа договор, но тој вели дека му фалело семејството и дека во САД му фалел притисокот со кој се среќава во Европа.
„Одличен период беше, имав опција да останам уште две години, но сакав да бидам близу семејството, децата ми одат во школо во Скопје, па некои работи влијаеа да се вратам во Фенербахче иако ќе имав многу подобар договор ако останев во Атланта. Кога ќе погледнам сега, немаше да ја освојам Евролигата и немаше да имам толкав притисок во НБА лигата, зошто таму се е „опуштено“. Овде е поинаку, мене ми фали тој притисок, тоа ме крева на средбите“, открива Перо што не му легнало во САД.
Колку е важен за својот тим и колку сака притисок, Перо докажа во Мадрид кога со тројка на крајот го сруши големиот Реал.
„Секогаш ќе шутнам зошто имаш две опции - или ќе бидеш херој или трагичар. Не бегам од тоа, тоа е некоја ’win-win’ ситуација, немаш што да изгубиш. Ги сакам тие шутеви под притисок, не ги уфрлам секој пат, но за среќа многу пати влегоа сезонава и ќе продолжам така. Тоа ми е работа кога сум слободен да шутнам, па тоа и го правам“, вели миленикот на Делиите.
Минатата 2017, Антиќ најави и дека веќе нема да игра за репрезентацијата на Македонија, а одлуката не ја смени дури и откако се најде на списокот за квалификациите за Светско 2019 во Кина. Но вратата е отворена.
„Ќе почекаме да видиме што ќе биде со раководството. Додека е истото раководство во МКФ не размислувам за тоа. Иако се работи за играње за мојата држава, тоа раководство само чека да направи некои проблеми, само ги лечат своите комплекси. Ја расипаа хемијата која што ја красеше македонската репрезентација така што за сега е статус кво“, вели Антиќ за Sportklub.rs.
Тој се осврнува и на наградата најдобар кошаркар на Македонија за 2017.
„Фала им, ете им ја оставив наградата, нека си ја чуваат“.
За 2018 Антиќ вели дека посакува:
„Мојата желба е да јас, моето семејство и моите најблиски бидеме здрави пред се. Да ја освојам АБА и српската лига. ’Жучко’ (Трофеј во Купот) веќе го имам, би сакал уште еден, но овие две титули ги немам и тоа ми е желба. Фајнал Форот на Евролигата, исто, не се доведува до прашање. Во последните четири сезони секогаш стигнував до завршниот турнир, но треба да бидеме реално, растеме, тимот е млад. Потребна ни е поддршка и трпение“, вели Антиќ во интервјуто за Sportklub.