После Истанбул Пирло сакал да заврши кариера, Гатузо да замине, Анчелоти не спиел

Најлудото финале во историјата на Лига на шампиони и 15 години подоцна уште ги боли играчите и навивачите на италијанскиот трофеен гигант.

Тогашниот претседател на УЕФА Ленарт Јохансон им ги подели медалите на играчите на Милан после болниот пораз од Ливерпул, а Ернан Креспо не отиде во соблекувална. Остана на теренот и гледаше во празно.

„До тој момент не сфаќав дека изгубивме. Дури кога Џерард го крена пехарот над глава разбрав дека сè е готово. Атмосферата во тимот беше таква како да се сретнавме на погреб. Никој со никого не зборуваше, ни во соблекувална, ни во автобус, ни во хотел, ни на доручек. Некој плачеше, некој тивко ги гушна жена му и децата.“, се сеќавал подоцна Аргентинецот кој постигна два убави гола во финалето кое Милан го изгуби после водство од 3:0 на полувреме.

Како што раскажувал Анчелоти подоцна, на Креспо му било најтешко:

„Он никогаш не ја освоил Лигата на шампионите и мислеше дека ќе го земе трофејот. Со секоја помината минута во прво полувреме му растеше самодовербата. Величествен играч, праведно ќе беше ако освоеше. Најмногу од сите го заслужи триумфот“.

ПИРЛО ПАДНАЛ ВО ДЕПРЕСИЈА И МИСЛЕЛ ДА ЗАВРШИ КАРИЕРА

Во преубавата автобиографија „Мислам, значи играм“ Андреа Пирло раскажувал што преживеал после финалето во Истанбул:

„Имаше денови кога сакав да ставам крај на кариерата. После Истанбул ништо немаше смисла. Најболно беше што сами бевме криви. Тоа беше колективно самоубиство.

Соблекувалната после мечот ја исполнија слабоумни зомбиња кои бараат мозок. Не разговаравме, не мрдавме, просто се укочивме. Дури после неколку часа сфативме каков кошмар ни се случи. Несоница, депресија, болка. Смисливме нова болест со многу симптоми - истанбулски синдром.

Јас веќе не се чувствував фудбалер и тоа ме убиваше. Не се чувствував за човек, тоа беше полошо. Цело време мислев на фудбалот но во тоа време сакав да го плукам. Не се гледав во огледало зошто се плашев дека одразот ќе му плукне во лице. Единствено исправно решение ми изгледаше да ја завршам кариерата, неславно да си одам. Историјата заврши, патот заврши, јас завршив. Одев со спуштена глава. Сакав да влезам во базен да се удавам, да се угушам.

Чувство на беспомош пред судбината остана со мене засекогаш. Никогаш не го гледав пак тој меч. Тоа е ѓавол со кој веќе никогаш не сакам да се сретнам.“, напишал Пирло во својата книга.

 ГАТУЗО САКАЛ ДА СИ ОДИ, ГАЛИЈАНИ ГО УБЕДИЛ ТАКА ШТО ГО ЗАКЛУЧИЛ ВО СОБАТА СО ТРОФЕИ

„Гатузо како да отвори црна дупка во која се скри“, ја објаснувал Анчелоти состојбата на Џенаро после финалето.

Во книгата “Кој се раѓа квадратен, не умира округло“, Џенаро Гатузо споделил неколку епизоди после финалето на ЛШ 2005.

„Не сакав да останам на тоа, многу ми беше болно. Тој пораз ми беше најтежок удар. Дури мислев и да си одам од Милан, ми беше срам пред навивачите. Несреќата ми кинеше душа. Но на крајот роднините, соиграчите и менаџерите ме убедија да останам. Пресудна беше љубовта за Милан за кого навивав од детство“.

Адријано Галијани носи големи заслуги што Гатузо остана во Милан уште цели 7 години.

„Го затворив во собата со пехари во буквална смисла. На осум-девет часа. Таму доаѓаше само секретарката која му носеше кафе и сендвичи. Мене исто ми беше лошо, не спиев со недели. Но тогаш му кажав на Рино дека ќе ја освоиме Лига на шампиони и тоа можно е против Ливерпул.“

Како што раскажувал Гатузо, тој никогаш не го гледал повторно мечот, туку гледал само фрагменти. „Играњето на Дудек на голот ми доаѓаше на сон многу години. Затворав очи и гледав кошмар - како му фаќа два шута на Шевченко во 119' минута“, раскажувал Рино Гатузо, денес тренер на Наполи.

НЕСТА СМЕТАЛ ДЕКА АНЧЕЛОТИ НАПРАВИЛ ГРЕШКА

Легендарниот стопер, еден од најголемите во историјата на фудбалот, Алесандро Неста признава дека крива била екипата:

„Одигравме најдобро полувреме во историјата, му дозволивме на Ливерпул да игра 10 минути од 120 вкупно и изгубивме“.

Сандро смета дека вина сноси и тренерот: „Карло допушти една грешка. Не ме стави мене на списокот пеналџии. Во финалето во Манчестер против Јувентус дадов гол на пеналите. Во Истанбул не ме избра, тоа беше негова единствена грешка за тие осум години колку што работевме заедно“.

Во сите свои три книги Карлето Анчелоти раскажувал за истанбулското финале.

„Со денови и ноќи барав кај згрешив, кој момент стана пресуден. Жестоко не критикуваа дека веќе на полувреме сме помислиле дека е готово. Но односот на играчите кон работата беше страшен. Квалитетот на игра кој го покажавме беше најдобар од сите мои финалиња.

Тој меч е одличен пример како тренер може да ги контролира практични сите аспекти од мечот - стратегија, тактика, мотивација, разбивање на противникот. Но единствено што не може да контролира е - крајниот резултат на семафорот.

Во фудбалот и во животот општо, секогаш има елемент на случајност и не може да се исклучи од анализата на играта. Со време може да научиш се што е во твоја моќ за да ја сведеш на минимум таа случајност.

ИГРАЧИТЕ РАСКАЖАЛЕ ДЕКА НЕ СЛАВЕЛЕ ВО СОБЛЕКУВАЛНА, ИАКО КАФУ ИМА ДРУГ МУАБЕТ

Бекот на Ливерпул Џими Траоре во една прилика раскажа дека кога поминал пред соблекувалната на Милан на полувреме, слушак песни и радосни викотници:

„Тие веќе славеа победа“, рекол Траоре.

Што се случувало во тие 15 минути е една од најголемите мистерии. Фудбалерите и тренерите имаат неколку верзии.

АНЧЕЛОТИ: „Играчите не ја криеа возбудата, викаа еден кон друг: 'Ајде, форца, победуваме!' 'Ајде момци, да продолжиме само вака!', 'Најјаки сме, најјаки!'. Аплаудираа еден со друг. Не славевме пред време, просто не обзема позитивна енергија. Им дозволив неколку минути да пуштат емоции, а после ги смирив. „Натпреварите со Англичаните никогаш не се готови. Мора да бидеме внимателни. Не им давајте посед на почеток на второ. Не смее да ни направат проблем. Мора да ја контролираме играта. Форца ајде!“

НЕСТА: „Не славевме. Напротив, имаше и по некоја ситна замерка за неточен пас. Анчелоти викна: „Замолчете пет минути!“. Се стишивме и тивко разговаравме“.

ГАТУЗО: „Идиотски муабети се тие, на полувреме не славевме. На Траоре нешто му се причинило.“

КРЕСПО: „Какво славење, глупости. Во таа екипа имаше многу професионалци кои многу освоија во кариерите. Сите одлично знаеа дека без разлика на резултатот, вториот дел ќе биде потежок. Никој не мислеше дека веќе победивме“.

Само Бразилецот Кафу во едно интервју за FourFourTwo во 2019-та ги демантирал овие верзии: „Дали веќе славевме? Да, вистина е. Му дадовме три гола на Ливерпул, тактички најспремната екипа против која сум играл. Мислевме дека тоа е наш ден, дека ги растуривме. Си дојдовме на себе дури после вториот примен гол. Не беше наша вина, Ливерпул заслужи кам-бек“.