Бордо, Дугари и Жарко Серафимовски

Малку познати факти за Зинедин Зидан

Неговиот пргав карактер бил видлив уште во младоста. За првиот гол во Кан добил ново Рено од претседателот, а најмногу се радувал кога одел во алжирските села каде што растел со браќата и сестра му.

Денес марсејскиот крај Кастелан е опколен со неколку кордони полиција, исто како и бразилските сурови фавели во текот на последното Светско првенство.
 
Еден од постарите браќа на Зидан, Џамал (многу се слични, но постариот е подебел) и натаму живее во оваа населба и како по дома. така и кога излегува на себе носи дрес од Реал Мадрид. Џамал е учесник на две Светски првенства со репрезентацијата на Алжир, 1982-ра и на Мундијалот 1986-та.
 
Кон крајот на ’70-те главниот тренер на Реал Мадрид трчал по топката на локалниот плоштад Тартан во близина на зградата во чие приземје живеел. Зградата имала лимени прозори а неодамна ја срушиле во борбата против наркодилерите кои таму имале свое гнездо. Џамал Зидан, братот на Зизу во интервју за француското издание на Вајс на новинарот Ерик Бесати му раскажал дека еднаш во Кастелан имало престрелки и пукотници поради што од тренерот на локалната детска екипа побарале да ги тренира децата до 20 вечерта и да не ги распушта.

Татко му на Зидан, Исмаил се преселил во Марсеј во 1962. година, иако девет години претходно дошол во Франција. Тој го напуштил Алжир на 17 години, дошол во Париз, се скрасил на едно градилиште каде што работел долго а потоа со тројца пријатели изнајмил стан во Сен Дени. Во Марсеј се вратил за да го фати бродот за Алжир кој веќе се здобил со независност од Франција, но пред тргнување ја видел расплакана втората братучетка Малика која го убедила да останат во Марсеј.

Исмаил се предомислил, останал, а наскоро Малика му станала жена и му родила пет деца: ќерка и четири синови. Најмладиот го нарекле Зинедин. Живееле во четворособен стан а со плаќање на киријата им помагала и државата. Исмаил работел како утоварувач а подоцна и како чувар во супермаркет.

За осмиот роденден на Зинедин (фамилијата го викала Јазид) целото семејство со роднините отишле во Алжир каде децата го виделе селото Агемун во кое растел татко му кој таму се видел со братот близнак. Чичко му на Зидан живеел во приморскиот град Беџај каде се гледал Мундијалот 1982-ра.

Алжирците тогаш имале две победи но поради послабата гол разлика испаднале во група со Западна Германија и Австрија (чуден некој систем). На 11 години Зидан веќе сменил два клуба и стигнал некако до бизнисменот Робер Сантенеро, сопственик на екипата „Сете-ле-Валон". Тој го хранел Зидан во својата пицерија и го возел на тренинзите во сиво „Рено 104".

Три години подоцна, Зидан бил на проба на најдобрите јуниори од регионот: од 30 играчи избрале 18 меѓу кои и Зизу. Тој почнал да игра како лево крило, но таму не се снашол најдобро и на барање на тренерот почнал да игра стопер во одбраната. Одлично ја изнесувал топката и тоа му западнало за око на скаутот на Кан, Жан Варо'.

Варо' дошол за Фабрис Монакино, но него веќе „го капарисале" големите екипи, па скаутот морал да најде замена за него. Кан бил амбициозен клуб со желба да игра во Лига 1, два часа со воз од Марсеј, но таму немало место во интернат и Зидан се сместил во семејството на директорот на клубот Жан-Клод Елино чијшто постар син заминал во војска.

Зидан спиел во дневната соба на кауч на отворање, а секое утро Жан-Клод го носел на тренинзи. Еднаш месечно Зинедин се враќал за викенд дома со семејството, да ги увери неговите дека се е добро, дека тренира напорно. На поздравување седнувал во возот Марсеј-Кан и плачел. Често паѓал на провокациите од другите деца кои го навредувале во врска со неговото потекло и вера. Еднаш дури удрил некој соиграч поради што морал да ги чисти ходниците и канцелариите по казна.

Зизу со татко му на Велодром го гледал мечот Франција - Португалија кој Триколорите го добија 3:2 во продолженијата. Во финалето на тоа ЕП двата гола паднале откако влегол напаѓачот на Монако Бруно Белон. Во финалето тој им го дал вториот гол на Шпанците а три години подоцна се преселил во Кан каде се сретнал со тогаш 15-годишниот Зидан. Малиот Зизу играл без костобрани (штитници) и ги освоил симпатиите на Белон кој на 28 години веќе бил на штаки поради ужасните повредите. Го советувал Зидан да не се потпира само на техниката туку и на физичката сила.

После една година, Кан го пратил Зидан во интернат на неколку километри од рајскиот брег Ла Круазет, каде соседи му биле студенти и други млади фудбалери. Во документарецот на Стефан Мење, тренерот на Кан Жан Фернандес раскажува:

„По утринскиот тренинг играчите одеа на кафе или во кино кога имаа слободно. Зидан после ручекот се враќаше на терен, бараше топка и шутираше до вечерта". Школото Зидан го напуштил во петто одделение кога заминал од Марсеј. Таму ги оставил и најдобрите другари.

На три месеци пред да наполни 17 години, Зизу дознал дека Фернандес го викнал во составот за мечот против Нант. Во второто полувреме, Зидан го замени играчот од средината Мартинез, брзо погоди статива и доби честитки за играта од тренерот. Претседателот Педрети му ветил на Зизу дека ќе му купи нова кола штом го даде првиот гол, кој паѓа на 10 февруари 1991. против Нант и Зидан добива Рено. Идејата дошла од Луис Фернандез кој им кажал дека Зидан секое утро се тресе по автобусите

Градоначалникот и претседател на управниот одбор на клубот, Жан-Мари Дупоа му ја зголемил платата на пет илјади франци месечно. Зизу веднаш купил нови фармерки. Наскоро во тимот дошле нови играчи од средината (европскиот шампион Луис Фернандез) и Зинедин го префрлиле во четвртата лига каде играле младинците на Кан.

На мечот против Монпеље го удрил стоперот и добил црвен картон. Утредента бил во кабинетот на тренерот на младинците на Кан, Ги Лакомб: „Му кажав да се навикнува на грубата одбрана и да не се провоцира секој пат. Неговата техника не им оставаше ништо на противниците, освен да го фаулираат", се сеќава познатиот тренер во книгата „Зидан: Богот кој сакаше да стане човек".

Го казниле три меча и наместо да игра, тој неколку недели ги миел подовите во соблекувалната на Кан но тоа не го сменило неговиот пргав карактер: „Кој ќе дозволи да биде тепан, во Марсеј не го сметаат за машко". Наскоро тренер му станува легендарниот Боро Приморац, некогашен помошник на Арсен Венгер во Арсенал. Зидан на 23. септември 1990. година стигна во родниот Марсеј на омилениот Велодром против Олимпик Марсеј (тогаш полуфиналист на КЕШ). Во чест на еден од тогашнит играчи на Олимпик, Енцо Франческоли, Зидан го крсти својот прв син Енцо кој сега игра во Реал Мадрид Б.

Кан победил 0:1 а по мечот Зидан дознал дека татко му поради обврски дошол на стадионот само пет минути пред крајот. Во еден хотел Зидан се запознал со Вероник Лентиско, која била балерина. Вероник ја прифатила понудата за доручек, а Зизу храбро ја поканил на мечот против Нант каде балерината го видела во живо неговиот прв гол за Кан. Неколку месеци подоцна, Зидан и Вероник почнале да живеат заедно и се преселиле во поголем стан.

Кан следната сезона влегол во Купот на УЕФА, но Приморац бил отпуштен а Зидан го викнале на отслужување воен рок. Од понеделник до четврток служел војска во париското предградие Жуенвил, а за викенд играл фудбал.

Во еден момент ќе му се остварел сонот да заигра за Марсеј. Претседателите на двата клуба, Педрети и Бернар Тапи договориле размена Бокшиќ - Зидан, Зизу се спремал за деби во Марсеј, но Хрватот закомплицирал и не биднало ништо. Зинедин играл во втората лига со испаднатиот Кан, но наскоро заминал во Бордо. Во замокот Еилан каде што се канцелариите на Бордо, Зидан потпишал 4-годишен договор за 40.000 франци (6.000 евра месечно), Вероника го баталила балетот и тргнала со него.

Тренер во Бордо (играа против Вардар '95-та во Куп на УЕФА), беше Ролан Курбис, роден Марсеец кој го чекал Зидан да закрепне од повредата на коленото а набрзо Зизу му вратил со 10 голови и станал клучен играч во средината.

Како замена за Џоркаеф, Зидан дебитирал во француската репрезентација, дал два гола на дебито но набрзо повторно карактерот му засметал. На мечот против Сент Етјен го удрил во лице Полјакот Свиржевски и избила тепачка. Го казнела два меча, а тогаш се родил и син му Енцо кој бил во комора поради забрзана работа на срцето.

Зидан и Дугари (играше на Градски) станале најдобри другари, играле заедно и во младинската репрезентација, слушале иста музика, гледале исти филмови. Заедно отвориле и кафуле во Бордо, а на 24. март 1995-та година кога Дугари славел 24-ти роденден, дента се родил Енцо Зидан и заедно отишле во болницата.

Во истата сезона 1995/1996 кога играа против Вардар (0-2 во Скопје, 1-1 таму Жаре Серафимовски и Лизаразу стрелци), Бордо стигна до финалето каде загуби од Баерн Минхен 2-0 па 1-3. Таа година Купот на УЕФА можеби беше најсилен во историјата, играа Милан, Лион, ПСВ, Баерн Минхен, Севиља, Барселона, Рома). На Градски Зидан не играше поради наводна повреда, иако набрзо стана член на Јувентус па се шпекулираше дека се чувал.

Евроголот на Жарко Серафимовски против Бордо во Купот на УЕФА:

Зидан со мајсторија против Бетис:

Следуваше најголемиот трансфер во неговата кариера, кога Јувентус плати 30 милиони франци, а на прес-конференцијата пред ЕП 1996, Зидан дојде со две лузни на челото: „Барселона ме бараше, но јас го одбрав Јувентус каде во прво време ќе ми помага Дидие Дешамп". Зизу често оди во омилениот ресторан „Кај Анџелина" во Торино. Се дружи со другарот од детството Малек Куран. Кога на 24 години се преселил во Торино комшии му биле Џанлука Вијали и Давид Бетон, некогашниот тренер на Зидан во Кан кој сега е помошен тренер во Реал Мадрид.