Серија А

Италијанско ќе биде убаво за гледање од многу причини

Како ретко кога вљубениците во италијанскиот фудбал имаат многу адути за на маса кога ќе дискутираат со оние кои, додуше со право, слепо им веруваат само на Премиер лига и шпанска Примера.

ЕКИПА ОД СОНИШТАТА

За помалку од 10 години Јувентус го пројде патот од одбивање на Ди Натале до согласност на Кристијано Роналдо.

Дури и без него Јувентус е најсилниот состав во лигата, а сега Алегри ќе има многу тактички варијанти. Враќањето на Бонучи значи и можно враќање на одбрана со тројца.

Сезонава „бјанконерите“ ќе се обидат да ги нокаутираат противниците на разни начини. На пример на крила ќе ги имаат Хуан Куадрадо, Даглас Коста, Федерико Бернардески и Жоао Кансело. На пријателските Макс Алегри испробуваше формација 4-4-2 со цел максимално да го искористи напаѓачкиот потенцијал на Кансело.

Во Торино веруваат дека Кристијано нема да им донесе само голови. Негова главна мисија е да ги мотивира соиграчите. Кога ќе видат со каков жар тренира тој, тешко ќе имаат време за одмор.

Веќе 7 години никој не може да го симне Јувентус од тронот. И ако во последните пар сезони имаше некоја надеж за неизвесност, сега критичарите на „Старата дама“ се уверени дека во мај 2019 Јуве ќе го освои скудетото.

Но не е се така розово. Оние кои не му мислат добро на Јувентус се надеваат дека кризата може да почне од Дибала кој може да се почуствува осамен во присуство на Кристијано. Од тактичка гледна точка со Португалецот најмногу би одговарал Манџукиќ но дипломатот Алегри не би се коцкал со карактерот на Дибала.

Друга интрига е голот. Конкуренција се Перин и Шчесни кои ќе треба да се борат за местото на Буфон.

УМЕТНИЧКА КУЌА НАПОЛИ

Кога во мај Неаполитанците го потпишаа Анчелоти, многумина беа уверени дека тој ќе биде мамец за многу ѕвезди со кои освои три пехари во Лига на шампиони.

На крајот се испостави дека токму Карлето е главниот трансфер на Наполи летово.

Претседателот Аурелио Де Лаурентис ги облеа со ладна вода навивачите кои го критикуваа дека не купил ништо: „Зошто стално зборуваме за нови играчи? Ако навивачите сакаат само да се расправаат зошто не сме довеле никој, нека го задржат тоа за себе. Како може да ми бараат да потрошам десетини или стотици милиони евра на засилувања кога стално купуваат фалсификувани дресови, прават лажни карти, препродаваат клупска роба и влегуваат на стадион без карти? Епа зошто ме предизвикавте тоа ви е мојот одговор“, им рекол Де Лаурентис преку локалното радио Kiss Kiss.

Во тренинг базата Кастел Волтурно, тренер математичар го замени тренер прагматичар. Карло Анчелоти веќе почна да импровизира: Инсиње како лажна деветка, Хамшик како играч пред одбраната, Алан како десно крило...

Токму последниов Анчелоти го ставал десно крило на пријателските за да им даде знак на Де Лаурентис и Џунтоли дека еден Фабиан Руиз таму не му е доволен. Сигналот беше забележан и во Неапол пристигна Кевин Малкуи, францускиот Мароканец кој дојде од Лил за 13 милиони евра.

Што се однесува до формациите, Анчелоти со Наполи би требало да игра во поставка 4-2-3-1 како и 4-4-2 која ја играше пред 15 години со Милан.

Италија уште не го видела правиот Аркадиуш Милик, а засилувањето Верди не само што може да го замени Каљехон туку и ќе може да организира напади. Нека не плачат Наполитанците по Пепе Рејна, затоа што новиот голман Алекс Мерет лани беше во Топ 3 најдобри голмани во Серија А.

НАПАЃАЧКА РОМА

Стана ли Рома посилна од лани? Замина Алисон, еден од најдобрите голмани на светот. Замина Наинголан кој многу години беше душата на Рома. Се појавија Олсен, Кристанте, Чориќ и Клајверт - перспективни фудбалери но дали гарантираат резултат?

Пасторе? Поголем дел од кариерата играше како треквартиста (плејмејкер) и колку е спремен да игра поназад во средниот ред останува да видиме. Но на тоа мислеше Мончи кој не жалеше пари да го донесе неговиот миленик од Севиља, Нзонзи.

Тренерот Еузебио Ди Франческо многу учел од Капело и Земан. Во новата сезона можеби ќе видиме „боемска“ Рома чии главни квалитети ќе бидат младоста, агресивноста и брзината.

Како крилни напаѓачи ги имаат Ундер Ченгиз, Патрик Шик, Клајверт, Ел Шарави, Пероти. Тие ќе се борат за само две места. Најголема надеж романистите полагаат во средниот ред каде се Де Роси, Пасторе, Стротман, Пелегрини, Нзонзи и Кристанте.

ИНТЕР СЕЕ СТРАВ

Ако го земат и Модриќ, тоа ќе го врати Интер во ерата на Морати. Интер на „тројцата Хрвати“ ќе може да се спореди со Интер на „тројцата Германци“.

Но и без Модриќ тимот на Лучано Спалети е фаворит за второто место.

На секоја позиција имаат по двајца-тројца одлични фудбалери. Оттука и растот на продажбата на сезонски карти во споредба со минатата година (20% повеќе купени сезонски сега): досега продадени 37.500 сезонски влезници што не се случило откога замина Мурињо.

Пазете го ова: Икарди, Перишиќ и Кеита како поддршка за Наинголан - потенцијални најсилниот напад во лигата. А да го споменеме и новото засилување, шпицот од Аргентина Лаутаро Мартинез кој ги воодушеви италијанските новинари со настапот против Атлетико Мадрид. Веќе го сметаат за наследник на Еваристо Бекалоси, легендарна десетка на „нераѕурите“.

Одбраната со Де Врај, Миранда и Шкринар изгледа непроодна. Тука е и Азамоа кој освои повеќе скудета отколку сите фудбалери на Интер заедно, а дојде и Шиме Вршаљко, сребрениот Хрват од Светското.

Ќе биде интересно да се гледаат.

ЕКОНОМСКА КЛАСА - ЛАЦИО

Летово навивачите на „небесно-сините“ секој ден отвараат весници и читаат новости за продажбата на Милинковиќ-Савиќ.

Многу им олесна кога заврши преодниот рок во англиската Премиер лига. Сега едвај чекаат да заврши и во Италија и да почне првенството. Србинот е единствен на кој тешко ќе му најдат замена. До толку е важен штраф во системот на Инзаги. Поважен и од Де Врај на кого му најдоа замена во Франческо Ачерби.

Но на другиот брег од Тибар има причини за оптимизам. Симоне Инзаги го задржа составот колку толку. Остана бомбардерот Имобиле и кралот на асистентите Луис Алберто. Заедно во формација 3-5-2 должни се да му обезбедат место на Лацио минимум во Лига Европа.

Трансферите на Бадељ и Кореа му даваат на Инзаги длабочина во составот во борбата на три фронта.

Во Лацио никој не верува и тоа е добар знак.

ПРЕПОРОДЕН МИЛАН

Смената на сопствениците, враќањето на Леонардо и Малдини, трампата Бонучи за Калдара и Игуаин, забрана за настап во еврокупови па тргната забрана за настап во еврокупови...

За последните два месеци Милан не им даде мир на своите навивачи. А на почетокот на јуни изгледаше дека Милан ќе се бори да остане во првите 10 екипи во Серија А. Фразата „Милан на миланистите“ конечно доби смисла со враќањето на Малдини.

Во одбраната ќе играат стоперите кои се иднина на Италија. Средниот ред е сосема пристоен, засилен во последен момент со војникот на Конте, Бакајоко и технички поткованиот Кастиљехо.

Во нападот на своја позиција конечно ќе заигра Гонзало Игуаин кој со поддршка од Сусо и Чаланоглу има шанси да стане најдобар стрелец во лигата. Особено што за последните 5 сезони во Серија А дал 111 гола!

Не се знае само дали новото раководство на Милан не згреши што го остави Џенаро Гатузо.

ЗАГАТКАТА АТАЛАНТА

Главната надеж на Бергамо е поврзана со тренерот Гасперини. Екипата ја напуштија носителите на играта Кристанте, Петања, Спинацола и Калдара. Остана само Папу Гомез од кого од непознати причини се откажаа големите клубовви.

На тренинзи Рино за приоритетна ја оставил формацијата 4-3-3 во која сите комбинации почнуваат со Пипита. Но во одбраната оваа тактика може да има проблем особено со почетната фаза на посед на топка. За такво нешто ќе треба и разбуден Лукас Биља.

Ако повредите ги заобиколат централните дефанзивци Масиело и Толои а Запата остане во форма во каква игра во Лига Европа, тогаш Аталанта одново може да заврши високо.

Најголема опасност е од раниот старт на квалификациите за Лига Европа. Тимот веќе потроши многу енергија во првите рунди и сега ја чека плејоф.

КАКВИ СЕ ОСТАНАТИТЕ ЕКИПИ?

Фиорентина е најмладата екипа во Серија А која што ја води најлудиот тренер во Италија. Минатата година на „виолетовите“ не им фалеше стабилност, но сега ќе им фали зошто доведоа претежно млади играчи - Жерсон, Пјаца, Лафон, Едмилсон и Нергор.

Напаѓачкото трио Кјеза-Симеоне-Пјаца би требало да биде тата-мата за противничките голмани.

Клубот го напишти Бадељ чие отсуство ќе треба да го компензираат Верето и Дабо. Но првиот игра повисоко, а вториот пониско. Младиот Нергор нема искуство и ако го реши овој проблем Фиренца ќе може да се пласира во еврокуповите.

Фудбалерите на Торино поминале тежок месец зошто Валтер Мацари важи за еден од најзахтевните тренери во предсезоната.

Сезонава фрлете око на францускиот играч од среден ред Мејте кој воодушеви на дебито. Во случај Белоти да ја искористи последната шанса да докаже дека е голем играч, ете го Торино во шестката на табела.

Сампдорија е ослабена - замина Тореира во Арсенал. Од него почнуваа сите напади и тој ги разбиваше противничките напади. Тренерот Џанпаоло очекува многу од шпицот Рамирез и од остарениот Кваљарела. Екипата има многу нови играчи кои „Мараси“ допрва треба да ги оценува.

Сасуоло се засили со Боатенг кого Алегри во Милан го играше како треквартиста, па овој веќе е навикнат на италијанските одбрани. Во составот ги имаат Бабакар, Локатели (дојде од Милан), Берарди и Мањанели, па останува да се види дали ќе повторат некои претходни успеси кога тренер им беше Ди Франческо.

Џенова е уште една непознаница. Тренерот Балардини ги доби Сандро, Ромуло и Лисандро Лопез а во Џенова се врати и Доменико Кришито. Ако направат добра спојка ете ги во борбата за Лига Европа. Иако со Џенова никогаш не се знае зошто лесно може да паднат во борба за опстанок.

Најтешко ќе му биде на Кјево. Клубот едвај избегна дисквалификација од Серија А поради тоа што немаше доволно средства за лиценца. Во таква ситуација борбата за гол живот им е најважна а во тоа ќе се обидат да им помогнат Барба, Росетини, Џакерини, Стемпински и Бирса под водство на тренерот Д’Ана.

Странски тренер е реткост во Италија па затоа Удинезе заслужува внимание. Мистер Хулио Веласкез ќе се обиде од тимот од Фриули да направи „мала Барселона“. Ќе гледаме игра со кратки додавања, посед на топка и игра со еден до два контакти. Така до израз треба да дојде потенцијалниот наследник на Пирло - Италијанецот Мандрагора.

Вреден внимание е и Кевин Лазања, а стадионот „Фриули“ со широки раце го пречека и робусниот шпиц на Андерлехт Лукас Теодорчук кој би требало да експлодира во Серија А.

Болоња раскрсти со Донадони и донесе нов Миланист - Пипо Инзаги. „Рособлу“ сменија половина од стартниот состав и цела надеж ја полагаат во новиот тренер.

Пипо сака помалку авантуристички фудбал и ќе игра класична 4-4-2. Во тимот ги има искусните Поли, Пулгара и Џемаили а единствена слаба страна им е нападот кој го предводи 36-годишниот Паласио. Аргентинецот лани даде 4 гола па тешко е за верување дека сезонава ќе даде повеќе.

Другиот шпиц, Сантандер даде 12 гола, но во данското првенство. Ќе го видиме во Италија. Тука е и потпросечниот Дестро па Болоња треба да биде среќна ако опстане во најсилното друштво.

Роландо Маран секогаш прави повеќе од што се очекува од него .Така беше и во Катанија и во Кјево. Ќе биде ли така и во Каљари?

Гарант за такво нешто се Дарио Срна, Кастро и Брадариќ кои ветуваат борба за Сардинците. А ако Паволети заборави на монотонијата од Наполи и почне да дава голови, ете ги островјаните како сензација на есента.

СПАЛ има шарен состав кој ќе се обиде пак да опстане во А. Викари и Џуру во одбраната, Вивиани и Куртиќ во среден ред, Антенучи и Петања во напад. А на клупата мистер-опстанон Семпличи. Обратете внимание на Лаѕари кој лесно може да стане откритие на шампионатот. Не случајно Лацио го сонува цело лето.

Не смее а да не го споменеме и Аурелио Андреацоли, тренер кој ја напушти Рома заедно со Зденек Земан. Сега го води Емполи, клуб кој ги прослави Спалети, Сари и Џампаоло. Традиционално Тосканците сакаат ветерани во составот па сега ги имаат - Силвестре, Пасквал, Бриги и Антонели.

На страна тие, ќе го гледаме 22-годишниот напаѓач Антонио Ла Гумина кој стана најскапо платен играч во историјата на клубот. Овој поклон за тифозите би требало да направи тимот да игра во Серија А и следната сезона.

Парма е Парма. Д’Аверса е тренер дебитант во елитата, имаат скромен буџет а трансфер можностите им ги ограничија суспензиите. На крајот некако се докопаа до Инглезе и Граси од Наполи, ама никој не им гарантира опстанок. Фаворит се за испаѓање.

Фрозиноне чудесно влезе во Серија А откако во последен момент го победи богатиот Палермо. Имаат нов стадион, на подготовки отидоа како „богаташите“ во САД, а пред крајот од преодниот рок се засилија и со Џоел Кембел, напаѓачот на Арсенал.