Лука Дончиќ стопил 14 кила

Суперѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс Лука Дончиќ ја импресионираше кошаркарската јавност со формата во која го пречекал летово и подготовките за Европско првенство 2025.

Лука Дончиќ ќе игра на претстојното Еуро 2025 во најдобра физичка состојба во неговата кариера. Целта му е второ европско злато со Словенија која еднаш во 2017 ја водеше до врвот на континентот, тогаш како играч на Реал Мадрид во тандем со МВП на тоа Европско Горан Драгиќ.

Турнирот се игра на крајот од август и почеток на септември во четири земји.

Дончиќ се појави на некои фотографии летово и ја импресионираше светската јавност со информацијата дека стопил 14 килограми по големото финале на Западната конференција 2024-та до летово.

Според словенечкиот печат, промената е резултат на поструктурен план на тренинг, нови прехранбени навики и подолг период на одмор отколку претходните лета кога лумпуваше по ноќни клубови.

„Минатото лето ми беше многу тешко: играв до јуни, а после веднаш стигнаа квалификациите за Олимписки игри“, вели Дончиќ кој сега имаше повеќе време за одмор.

„Секогаш имаше прашања за мојата физичка подготвеност, но мислам дека бев одличен играч и претходно“, се смее Дончиќ во изјава пред словенечките новинари.

„Годинава пристапивме поинаку на тоа. Овој пат имав повеќе време и подобар план. Тој план вклучуваше првиот месец без контакт со баскет, фокус само на физички тренинг, тренинг со тегови и вежби за рамнотежа. Првите неколку дена беше тешко, но после стана навика.

Не беше лесно но со тек на време сè одеше како подмачкано“.

Физичката трансформација на Дончиќ се поклопува со уште еден голем пресврт во неговата кариера: неговиот нов тригодишен договор со Лос Анџелес Лејкерс вреден астрономски 165 милиони долари!

Договорот потврдува дека славниот титан од Лос Анџелес сака да ја гради својата иднина околу Лука Дончиќ.

„Ова беше како нов почеток за мене. Чест е да се игра за оваа франшиза. Секако дека сакам да додадам уште една титула. Имаме сјаен тим и ќе се бориме за титулата“, изјавил Лука после продолжување на договорот со Лејкерс.

Влијанието на физичката промена на неговата игра се чуствува и во репрезентацијата на Словенија, пред нивното деби на Европско првенство 2025 потив Полска на 28 август.

Словенците сонуваат нова титула со Лука на чело. Прашањето е како ќе се одрази оваа физичка состојба на неговата игра: „Не знам дали ќе биде поинаку. Имав само два тренинга пет-на-пет од крајот на НБА сезоната, така што ќе мора да видиме“, признава Дончиќ дека ни самиот не знае како оваа голема промена ќе се одрази на неговата игра на паркетот.

 

8 август 2025 - 11:48